Регион

Хашим Тачи и Специјалниот суд за воени злосторства

Иако се залагаше за негово формирање сè погласни се наводите дека Тачи се обидува да ја опструира работата на Специјалниот суд

Во август 2015 година, нешто помалку од три недели откако косовските пратеници гласаа за формирањето на ССК, Тачи, во тоа време министер за надворешни работи, пред членовите на Советот за безбедност на Обединетите нации, изјави дека отпорот на косовските Албанци за време на војната од 1988 до 1999 година, „бил вистински пример на борбата на Давид против Голијат“.

„Нема Албанец од Косово, вклучувајќи ме и мене самиот, кој ќе седи и ќе дозволи Специјалниот суд да ги изедначи геноцидните злосторства на Слободан Милошевиќ, извршени во име на српската држава, со можните очајни дејства на индивидуалци од угнетена заедница, извршени за време или по војната“, рече Тачи тој ден.

Идејата за формирање на „хибриден“ суд, како дел од косовскиот судски систем, но со седиште во Холандија, во обид да се обезбеди негова независност и да се заштитат сведоците, дојде по објавувањето на извештајот на специјалниот известувач на Советот на Европа, Дик Марти, за злосторствата наводно извршени од припадниците на ОВК, во 2010 година.

Во извештајот на Марти се наведува дека Тачи, кој, за време на војната, беше политички водач на ОВК, бил вклучен во криминални активности, што Тачи категорично го негираше.

За наводите од извештајот, од 2012 до 2014 година, беше спроведена истрага, која ја водеше Специјален работен тим на Европската унија, кој заклучи дека има доволно докази за гонење на кривични дела, како што се убиство, киднапирање, незаконско притворање и сексуално насилство.

Во 2015 година, Собранието на Косово гласаше за формирање на ССК, а во декември 2017 година, кога мнозинството претставници на меѓународната заедница беа преокупирани со своите планови за божиќните празници, 43 пратеници поднесоа итно барање до Собранието за укинување на судот.

Тачи, оваа иницијатива, прво ја оцени како „целосно демократска“, но подоцна предупреди дека судот „не може и нема да биде укинат“, па иницијативата не успеа.

„Тајна кампања на попречување на работата на судот

Канцеларијата на Специјалното обвинителство во Приштина. Фото: БИРН

Во јуни годинава, Специјализираното обвинителство на Косово (СОК), со седиште во Хаг, објави дека до ССК поднело обвинение од десет точки, со кое Тачи, поранешниот претседател на собранието, Кадри Весели, и други личности, се товарат за низа воени злосторства, кои вклучуваат убиства, присилно исчезнување, прогон и мачење.

Ова беше објавено додека Тачи беше на пат кон Вашингтон, каде требаше да присуствува на состанок чија цел беше продолжување на преговорите меѓу Србија и нејзината поранешна покраина. Средбата во Белата куќа беше откажана, а Тачи се врати дома.

СОК соопшти дека го направил овој необичен чекор и го објавило непотврденото обвинение, поради континуираните напори на Тачи и на Весели, за опструирање и поткопување на работата на ССК.

„ Г. Тачи и г. Весели, според наводите, спровеле тајна кампања со цел да се укине законот со кој се формираа Специјализираните совети како суд, како и со намера на друг начин да ја опструираат работата на судот, сѐ со цел самите да не бидат изведени пред лицето на правдата“, се вели во соопштението.

Следуваше распит на Тачи во Хаг, кој траеше четири дена, а самиот Тачи потенцираше дека ќе се повлече од претседателската функција доколку дојде со судење.

Шкелзен Гаши, активист за човекови права од Косово, смета дека Тачи, цело време, работи во свој интерес.

„Тој се грижи само за неговиот личен интерес и не се грижи за сликата на Косово“, вели Гаши за БИРН.

„Доколку ги имаше предвид интересите на Косово, тогаш ќе поднесеше оставка на политичката сцена, уште кога беше објавен извештајот на Парламентарното собрание на Советот на Европа (извештајот на Дик Марти) во 2010 година“, нагласува Гаши.

„Тој би ја направил вистинската работа, доколку се повлече од функцијата

Хашим Тачи на одбележувањето на годишнината од демилитаризацијата на ОВК, Косово, Фото: твитер објава на 21 јуни 2020

Следниот пресврт во односите меѓу Тачи и Специјалниот суд, се случи во август, кога во телевизиско обраќање, Тачи ги повика косовските пратеници да го продолжат мандатот на ССК.

Следниот ден, тој достави предлог до косовското собрание, барајќи уставни измени со цел, како што се чинеше, промена на мандатот на ССК и ограничување на нивниот опсег на делување.

„Политиката не смее да се меша во правдата, ниту правдата смее да се меша во политиката. Тоа беше мое убедување на секој чекор при формирањето на меѓународните судови и на посебните комисии, во последните 20 години“, рече Тачи во своето обраќање.

Западните приврзаници на Косово не се сложија со ова. Американската, француската, германската, италијанската и британската амбасада во Приштина, односно амбасадите на државите на Квинтата, во септември издадоа соопштение во кое изразија противење на секој обид за „поткопување или дискредитирање“ на мисијата на Специјализираните совети или на Специјализираното обвинителство“.

Потоа, на 19 октомври, специјализираниот обвинител, Џек Смит, одговори на иницијативата на Тачи, опишувајќи го обидот за „прекројување или преформулирање“ на мандатот, како дел од „поголема стратегија за минирање на судот“.

Смит истакна дека Тачи не е незаинтересирана страна и го истакна „фактот дека амандманите ги предлага претседателот, кој е предмет на обвинение поднесено од СОК, во врска со воени злосторства и злосторства против човештвото“.

Ехат Мифтарај, директор на Косовскиот правен институт, вели дека во држава, која почива на владеењето на правото и доброто управување, институциите и политичките лидери „не разговараат и не преземаат никакви активности, што јавноста може да ги сфати како опструкција или мешање во правдата“.

Мифтарај нагласува дека, иако, кога станува збор за етиката, Тачи не бил должен да се повлече од функцијата претседател, кога во јуни беше објавено непотврденото обвинение против него, тој „би ја направил вистинската работа, доколку се повлече од функцијата“, со цел да се зачува интегритетот на претседателскиот кабинет.

„Иако обвинението против него сè уште не е потврдено, секоја негова изјава или постапка, во врска со судот, може да се смета за несоодветна“, нагласува тој.

Кон крајот на летото се појавија и неосновани гласини дека ССК можат да бидат укинати, а воените злосторства амнестирани, како дел од договорот за нормализирање на односите меѓу Косово и Србија.

Оваа шпекулација стана уште погласна кога Белата куќа на Доналд Трамп се вклучи во, според некои набљудувачи, обидот на Вашингтон да се постигне брз договор и надворешно-политичка победа на американскиот претседател, што би помогнало во неговата изборна кампања.

Но, договорите што на крајот беа потпишани во Белата куќа – со САД, а не меѓу Србија и Косово – се фокусираат на економските прашања меѓу Косово и Србија и на интересите на САД, како што е Израел и 5Г технологијата, наместо на политичкото приближување на „двајцата непријатели“.

Во меѓувреме, во Брисел, продолжи долготрајниот дијалог меѓу Приштина и Белград, кој се води со посредство на ЕУ, чија цел – потпишување на конечен договор, не е сѐ уште на повидок.

Флоријан Бибер, професор на Универзитетот во Грац, Австрија, и координатор на Европската советодавна група за Балканот, за БИРН изјави дека верува оти судбината на Тачи во Хаг ќе има ограничено влијание врз разговорите за нормализација на односите, бидејќи тие, од летово, се одвиваат подалеку од претседателот.

„Покрај тоа, се чини дека разговорите не водат никаде. Затоа, се чини дека надежта која Тачи ја имаше, дека ќе може да го искористи дијалогот за да се спаси од обвиненијата, пропадна“, заклучува Бибер.