Регион

Хашкото обвинителство побара доживотен затвор за Караџиќ

Радоша Милутиновиќ, Белград

Радован Караџиќ во судницата во Хаг. Фото: ЕПА-ЕФЕ/Ив Херман/Пул

Обвинителките, пред Механизмот за меѓународни кривични трибунали (MМКТ) во Хаг, на вториот ден од расправата по жалбите поднесени против пресудата на Радован Караџиќ, побараа, казната од 40 години затвор, да му се зголеми на доживотен затвор.

Обвинителката, Катрина Густафсон, пред судиите истакна дека Караџиќ „ја злоупотребил својата огромна моќ, за пролевање на крвта на невините цивили“.

„Правдата бара тој да добие максималната можна казна, доживотен затвор“, рече таа.

Густафсон додаде дека Караџиќ на несрпското население во Босна и Херцеговина му се заканувал со „истребување и уништување“.

„Тој го отвори патот на злосторничката кампања од геноцидна природа“, истакна таа.

Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ), во март 2016 година, го прогласи Караџиќ за виновен за геноцид во Сребреница, за прогон на муслиманите и на Хрватите низ Босна и Херцеговина, за тероризирање на цивилите во Сараево и за земање на мировници на ООН како заложници.

Првиот ден од расправата, Караџиќ побара поништување на пресудата, бидејќи неговото судење било „неправедно“.

Сепак, обвинителството побара неговата жалба да биде целосно отфрлена.

Тоа, исто така, побара Караџиќ да биде прогласен за виновен за геноцид во седум други босански општини во 1992 година.

Обвинителката, Лорел Бејг, истакна дека е докажано оти српските сили, под врховна команда на Караџиќ, во јули 1995 година го извршиле „најголемото масовно убиство по Втората светска војна“.

Според пресудата, која Бејг ја цитираше, војската и полицијата на Република Српска, по падот на Сребреница, егзекутирале „најмалку 5.115“ муслимани.

„Караџиќ знаел за овој план, му се придружил и активно учествувал во неговата имплементација“, рече обвинителката.

Третата обвинителка, Барбара Гој, истакна дека Војската на Република Српска (ВРС), под команда на Караџиќ, три и пол години, намерно, неселективно и непропорционално, го гранатирала и со снајперски оган го напаѓала Сараево, при што биле убиени и повредени „10.000 цивили“.

Освен поделба на градот, како една од стратешките цели на раководството на Република Српска, Караџиќ, заедно со генералот, Ратко Младиќ, нападите на Сараево ги користел како „средство за притисок врз муслиманите и врз меѓународната заедница, да ги прифатат српските барања“.

Бејг истакна оти е „ирелевантно“ дали Армијата на Босна и Херцеговина (АБиХ) ја „провоцирала“ ВРС да пука по градот, посочувајќи дека е важно дали одговорот на „провокацијата“ бил во согласност со меѓународното хуманитарно право.

„А не беше, бидејќи беше несразмерен или директно насочен кон цивилите“, нагласи Бејг.

Спротивно на одбраната, Гој рече дека Караџиќ бил правилно осуден и за експлозијата на пазарот Маркале, во која на 5 февруари 1994 година, биле убиени 67, а повредени повеќе од 140 лица.

Гој истакна дека со пресудата е утврдено дека гранатата на Маркале била истрелана од насока на позната позиција на ВРС, од каде, за време на војната, биле испукани „30.000 до 40.000 проектили“.

Обвинителките побараа да се отфрли и процедуралниот дел од жалбата на Караџиќ, во кој тој тврди дека немал фер судење.

„Караџиќ со право е осуден како протагонист во четири заеднички злосторнички потфати, тој имаше фер судење и не докажа никаква правна неправилност или фактичка грешка во пресудата“, заклучи обвинителката Гој.

Конечната пресуда на Караџиќ се очекува до декември.