Регион

„Херојот се враќа“

Како во Косово се величат воените злосторници, ослободени од затвор

  • 1
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

“Воениот херој се врати на слобода”.

Со овие зборови, на почетокот на минатата година, тогашниот премиер на Косово, го искоментира условното ослободување од затвор, на осуден воен злосторник.

Само неколку дена подоцна, овој воен злосторник беше назначен за политички советник на премиерот.

Неколку месеци по ова, од извештајот на Агенцијата за борба против корупцијата, можеше да се види дека и косовскиот претседател ангажирал осуден воен злосторник за свој советник.

Помалку внимание привлече фактот дека во 2019 година, уште две лица осудени за воени злосторства, станаа директори на владини агенции.

Сето ова покажува како на Косово, откако ќе ги отслужат своите казни, осудените за воени злосторства, ги уживаат истите права како и сите други граѓани. Нема никаква пречка тие да бидат назначени на официјални функции или да се кандидираат за одредена позиција, ако судот што ги осудил, не го забранил тоа со својата конечна пресуда.

„Нема уставни или законски ограничувања, бидејќи уставот на Косово вели дека човековите права и слободи можат да бидат ограничени, само со одлука на надлежниот суд“, објаснува Енвер Хасани, професор по право и поранешен судија на Уставниот суд на Косово.

Покрај поставувањето на лицата осудени за воени злосторства на јавни позиции, високите функционери ги величат и како херои на нацијата, присуствуваат на церемонии во нивна чест и се фотографираат со нив.

Беким Блакај, извршен директор на Фондот за хуманитарно право (ФХП) Косово, вели дека воените злосторници имаат право да продолжат да живеат по излегувањето од затвор, но не треба да бидат именувани на јавни функции.

„Иако ја издржале казната, нивните дела нема да бидат анулирани или заборавени, особено од жртвите, но ниту општеството не смее да ги заборави. Затоа, без оглед на фактот што некој кој е осуден за воени злосторства ја издржал казната, па дури можеби и се извинил и јавно изразил жалење за она што го сторил, тоа лице не треба да извршува јавна функција“, нагласува Блакај.

„Во повеќето случаи во нашиот регион, не само во Косово, тие дури и не покажаа каење и никогаш не им се извинија на жртвите“, додава тој.

„Посебен придонес во војната“

Претседателот на Организацијата на воени ветерани на ОВК, Хисни Гуцати (десно) и адвокатот, Томе Гаши (во средина), на прес-конференција во Приштина. Фото: БИРН

Осудениот воен злосторник, Сулејман Селими, познат во војната по прекарот, Султан, беше условно ослободен на 25 јануари 2019 година. Селими беше прогласен за виновен за физичко малтретирање, тортура и нечовечно третирање на цивилни затвореници, кои се наоѓале во центарот за притвор на Ослободителнате војска на Косово (ОВК), во Ликовац. Тој доби седум години затвор.

На денот кога беше ослободен, косовскиот претседател, Хашим Тачи, изјави: „Косово е подобро и побезбедно со живиот херој, Сулејман Селими, на слобода“. Задоволство изрази и водачот на тогашната опозициска партија, Демократскиот сојуз на Косово (ДСК), Иса Мустафа, велејќи дека Селими дал „посебен придонес во војната и за мирот“.

Следниот ден, во селото Буроја, општина Србица, поранешните команданти на ОВК се собраа да го прослават ослободувањето на Селими. Меѓу нив беа претседателот Тачи и претседателот на косовското собрание, Кадри Весели. Присутен беше уште еден осуден воен злосторник – Фадил Демаку, кој беше осуден заедно со Селими.

Тогашниот премиер на Косово, Рамуш Харадинај, се огласи на Фејсбук и го опише Селими како „херој“. Неколку дена подоцна, Селими беше назначен за негов политички советник.

Тој, исто така, беше поканет да го посети Министерството за одбрана, а во својот кабинет го прими и градоначалникот на Србица, кој го пофали „придонесот на Селими во ослободителната војна“.

Маригона Шабиу, извршна директорка на невладината организација Младинска иницијатива за човекови права (МИЧП) Косово, посочува дека ретко се слуша критика за учеството на осудените воени злосторници, во јавниот живот во земјата.

Кога Селими беше назначен за советник, МИЧП Косово издаде заедничко соопштение со МИЧП Србија, истакнувајќи дека „на воените злосторници местото не им е во Владата“.

„Кога реагиравме, медиумите го презедоа тоа и го прашаа премиерот зошто го сторил тоа, но тој продолжи да ги брани своите постапки и ја искористи можноста повторно да го пофали како херој на слободата, како некој што всушност ја издржал казната и сега е на слобода и тој може да прави што сака, дури и ако станува збор за политичка позиција на високо ниво во кабинетот на премиерот“, нагласува Шабиу.

Американскиот амбасадор во Приштина, Филип Коснет, ги поддржа критиките на МИЧП, велејќи дека „лидерите на сите партии треба да престанат да ги поддржуваат таквите лица“.

„Каква порака испраќа Косово до светот, кога назначува осуден воен злосторник да го претставува како амбасадор? Дали со ова се покажува почитување на владеењето на правото? “, напиша Коснет на Твитер.

Во јуни 2019 година, Харадинај го смени Селими, како што рече, по негово барање. Ова го потврди и Селими, велејќи дека му била понудена позиција на амбасадор во Албанија, но тој го одбил ова. БИРН не можеше да стапи во контакти со Селими, за да добиеме негов коментар.

Два ордена за осуден мачител

Беким Блакај, директор на ФХП Косово. Фото: Милица Радовановиќ.

Иако именувањето на Селими привлече големо внимание, што на крајот резултираше со негова смена, надвор од очите на јавноста, речиси истовремено, друг воен злосторник беше ангажиран на друга државна позиција. Од извештајот на Антикорупциската агенција за имотот на функционерите, можеше да се види дека Хашим Тачи го ангажирал Рустем Мустафа за свој советник.

Мустафа, кој, за време на војната во Косово, беше командант на ОВК во оперативната зона Лап и беше познат под прекарот Реми, во 2013 година беше осуден на четири години затвор, за воени злосторства извршени над цивили.

Судот утврди дека Мустафа „наредил и учествувал во тепање и тортура на цивили, косовски Албанци, незаконски држени во центарот за притвор во Лапаштица, во обид да ги принудат затворениците да ја признаат својата нелојалност кон ОВК“.

Тој беше пратеник сѐ додека Апелацискиот суд не му ја потврди пресудата. Во ноември 2015 година, тој поднесе оставка. Но, бидејќи времето поминато во притвор беше вклучено во неговата казна, во средината на 2016 година, тој беше ослободен.

По ова, тој двапати беше одликуван. Првиот пат, во 2018 година, кога Тачи, за десетгодишнината од независноста на Косово, му го додели претседателскиот орден за „ценет придонес кон слободата и независноста“, и втор пат, следната година, кога тогашниот премиер, Рамуш Харадинај, му го додели орденот на Ѓерѓ Кастриот Скендербег.

Мустафа е, исто така, член на управниот одбор на Демократската партија на Косово (ДПК) и како кандидат на оваа партија се кандидираше за пратеник на парламентарните избори во октомври 2019 година, но не доби доволно гласови за влез во Собранието.

Косовскиот независен одбор за надзор на државната служба, за БИРН изјави дека „советниците на претседателот и на премиерот, во согласност со член 4 став 1 од законот бр. 03 / L-149 за државна служба на Република Косово, не се сметаат за државни службеници“ и затоа не можат да дадат проценка за ваквите назначувања.

Позицијата на Мустафа беше јасна: „Моето назначување е во согласност со законите и правилата на Република Косово“, изјави тој за БИРН.

Шефот на кабинетот на косовскиот претседател, не одговори на прашањето на БИРН, за назначувањето на Мустафа, за присуството на претседателот на настани со кои им се оддава почит на воени злосторници и за одликувањата што им се доделени.

Државна функција за вујкото на премиерот

Маригона Шабиу, директор на МИЧП Косово. Фото: Милица Радовановиќ

Иако случаите на Селими и Мустафа предизвикаа реакции, јавноста пропушти да примети дека уште еден воен злосторник, на крајот на 2018 година, беше именуван на висока позиција.

Честопати постои заблуда дека Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ), осудил само едно обвинето лице од Косово – Харадин Бала.

Во 2008 година, МКТЈ го осуди и Лахи Брахимај, познат по прекарот „Циганин“, на шест години затвор, за сурово постапување и мачење на цивили во седиштето на ОВК во Јабланица. Нему му се судеше заедно со неговиот внук, Рамуш Харадинај, кој беше ослободени од обвинението.

Жалбениот совет на МКТЈ наложи делумно повторување на судењето на Брахимај, за делот од обвинението за кое тој претходно беше ослободен, но вината не му беше потврдена ниту во 2012 година, и тој се врати во Косово како слободен човек.

Брахимај се кандидираше на парламентарните избори во 2014 година и беше избран за пратеник на политичката партија на неговиот внук Харадинај, Алијанса за иднината на Косово (АБК). Учествуваше и на парламентарните избори во 2017 и 2019, но и во двата случаи не успеа да добие доволно гласови за влез во Собранието.

Сепак, Брахимај не беше тргнат на страна. Во 2018 година тој беше назначен за привремен директор за администрација во Агенцијата за храна и ветеринарство на Косово, која е под контрола на кабинетот на премиерот – Харадинај во тоа време.

Од независниот одбор за надзор на државната служба на Косово, за БИРН изјавија дека тие го „надгледувале“ процесот на вработување на Брахимај во 2018 година и дека „било утврдено оти од административна гледна точка, процесот на вработување на оваа позиција, односно неговото назначување, било во согласност со легислативата на Косово“.

Брахимај не одговори ниту на повиците, ниту на пораките на БИРН.

Во јули 2019 година, Харадинај поднесе оставка од функцијата премиер, откако Специјализираното обвинителство на Косово, со седиште во Хаг, кое ги истражува воените и повоените злосторства на Косово, го повика на разговор.

Но, пред да ја напушти функцијата, Харадинај го назначи Бедри Зиберај, уште еден осуденик за воени злосторства, за извршен директор на Државната агенција за архиви.

Во 2006 година, Окружниот суд во Призрен го прогласи Зиберај за виновен за воени злосторства извршени над цивили. Утврдено е дека тој незаконски учествувал во притворање на „неколку лица осомничени за соработка со српските власти“.

Уапсените биле „држени во нехумани услови, подложени на тепање, тортура и огромно страдање“, се вели во извештајот на ФХП.

Зиберај беше ослободен од затвор во 2009 година, откако издржа две третини од шестгодишната казна.

Истата година, тој започна да работи во компанијата Пошта и телекомуникации на Косово, тогаш во државна сопственост, како консултант за медиуми и односи со јавноста. Подоцна, во 2014 година, тој стана директор на Националната библиотека на Косово „Пјетер Богдани“.

Неговата биографија на веб-страницата на Националната библиотека ги наведува неговите достигнувања, но не и дека е осуден за воени злосторства. Независниот одбор за надзор на државната служба на Косово соопшти дека не го следеле назначувањето на Зиберај и не добиле никакви поплаки во врска со тоа.

Зиберај за БИРН изјави дека не гледа ништо лошо во неговото вработување во јавните институции.

„Не, не сметам дека е проблем, затоа што немав правосилна судска одлука што го ограничува моето учество во институциите. Таа приказна заврши во 2009 година“, ни рече тој.

„Воените злосторници нашироко прифатени како херои“

Зградата на Владата на Косово. Фото: Милица Радовановиќ

Косовските функционери учествуваа во неколку комеморативни настани, одржани во чест на починати воени злосторници. Еден од тие настани, во јануари 2018 година, беше одржан дури и во Собранието на Косово.

Имено, пратениците, со едноминутно молчење, му оддадоа почит на покојниот, Харадин Бала, кого МКТЈ, во 2005, го осуди на 13 години затвор, за тортура, сурово постапување и убиства.

Хашкиот трибунал утврди дека лично Бала малтретирал тројца затвореници, учествувал во одржување и спроведување на нехумани услови во логорот на ОВК, Лапушник, помагал во измачувањето на еден затвореник и со еден или можеби двајца други стражари на ОВК, убил девет затвореници од логорот во планината Бериша, во јули 1998 година.

На комеморативниот настан, Миљаим Зека, пратеник на тогаш владејачката коалициска партија, НИСМА (Иницијатива за Косово), го опиша Бала како херој.

„Сите луѓе во светот ги почитуваат своите вредности, своите луѓе, своите херои. Голем човек почина синоќа, човек кој даде голем придонес за оваа земја, за оваа нација“, рече Зека.

Една година подоцна, на годишнината од неговата смрт, во негова чест се одржа комеморација во центарот во Глоговац. На комеморацијата присуствуваа градоначалникот на Глоговац, Рамиз Љадровци и тогашниот заменик премиер, Фатмир Лимај, кому во Хаг му се судеше заедно со Бала, но тој беше ослободен од обвинението. Љадровци подоцна најави дека „наскоро, во знак на почит кон Харадин Бала, по него ќе се именува улица“.

Високи функционери на Косово му оддадоа почит и на уште еден осуденик за воени злосторства, Ејуп Руњева.

Руњева, познат и како командант Ера, во 2008 година беше осуден на шест години затвор, за учество во киднапирање и незаконско притворање на цивили Албанци од Косово, сместени во објекти основани и контролирани од ОВК.

Кога во април 2013 година Руњева почина, Хашим Тачи, кој во тоа време беше премиер, изрази сочувство до семејството на Руњева во име на Владата, изјавувајќи дека неговиот „живот и патриотска активност се пример за тоа како треба да се работи и треба да се бори за слободата и за светлата иднина на татковината“.

Следните две години, Тачи присуствуваше на комеморациите по повод годишнината од смртта на Руњева. На комеморацијата во април 2019 година, во својот говор, тој истакна дека Руњева е „пример за борец за слобода“ и дека е неправедно осуден.

„Иако беше уапсен и неправедно осуден, неговите идеали, аспирации и цел, победија“, рече Тачи.

Луѓето осудени за воени злосторства, често се величат во Косово, вели Маригона Шабиу од Младинската иницијатива за човекови права (МИЧП) Косово.

„Во минатото имавме протести организирани од здруженија на воени ветерани, против одредени пресуди на домашните судови, што навистина ја покажува големата поддршка што ја имаат овие луѓе во јавноста, но и неподготвеноста да се прифатат нивните злосторства и на нив да се гледа како на воени злосторници. Тие извршија злосторства над цивили“, објаснува таа.

„Од она што го видовме досега, можеме да кажеме дека тие, генерално, се нашироко прифатен како херои во нашето општество“, додава таа.

Осудените за воени злосторства не се присутни само во јавниот живот на Косово. Тие, исто така, имаат истакнати улоги во политичките кругови во Србија, што беше потенцирано во извештајот на MИЧП Србија, во 2017 година.

Косовскиот и српскиот огранок на MИЧП честопати издаваат заеднички соопштенија и работат на заеднички кампањи, како што е кампањата „Не е мој херој“, против величењето на воените злосторници, за да се покаже дека младите од двете земји можат заеднички да го кренат својот глас за колективна осуда на ваквата практика.

„Сакавме да дејствуваме заедно за да испратиме посилна порака, да се обединиме и да им покажеме на нашите институции дека како помлада генерација, не ги прифаќаме овие работи, не ги прифаќаме вашите постапки кога станува збор за величење и пофалба на воените злосторници“, образложува Шабиу.

Блакај смета дека е „крајно опасно“ на младите да им се испраќа порака дека некој што ќе изврши воено злосторство, може да биде именуван на јавна функција.

„Овозможувајќи им на осудените воени злосторници да бидат именувани на јавни позиции, државните институции намерно ги поткопуваат и занемаруваат правата и чувствата на жртвите“, вели тој.

Глорификацијата на воените злосторници е, исто така, голема пречка за процесот на повоено помирување и справување со минатото, додава Блакај.

„Нашето општество е во голема мера поделено по етничка основа, и кога зборуваме за помирувањето, многу е тешко некој да се помири со некого ако види дека оние што предизвикале зло, болка и страдање, имаат некаква јавна позиција и се сметаат за херои“ , посочува тој.

БИРН побара од косовската влада, од Министерството за правда, од претседателот на Собранието и од Народниот правобранител, да дадат коментар за назначувањето на воените злосторници на позиции во косовските државни институции, за нивното величење и одржување на настани во нивна чест, на кои присуствуваат и државни претставници

До моментот на објавување на овој текст, од никого не добивме одговор.

Милица Радовановиќ (Milica Radovanovic) е новинарка на порталот Црно-бел свет од Северна Митровица, Косово. Овој текст е креиран во рамките на програмата на БИРН, Балканска транзициска правда, која е поддржана од Европската комисија.