Анализи

Хонорарците ем невработени ем обесправени

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Од први јануари, на сметка на државата ќе одат најмалку 35 проценти од секој хонорар по договор на дело или авторски договор, освен ако не сте врвен спортист, државен функционер или судија

Измените донесени по скратена постапка, без вистинска дебата, носат опасност, наместо да ја намалат невработеноста, да поттикнат неформални вработувања | Фото: Ed Yourdon / Foter / CC BY-NC-SA

Оние кои имаат примања врз основа на договори на дело и авторски договори, односно т.н. хонорари, за два месеца отсега ќе се соочат со ситуација во која од сумата на хонорарот ќе треба да бидат одземени, не како досега само персоналниот данок од 10 отсто туку и придонесите за пензиско и инвалидско и за здравствено осигурување. Заедно со персоналниот данок, оптоварувањето на хонорарите ќе изнесува над 35 отсто од сумата. Придонеси ќе се плаќаат за хонорарите кои го надминуваат износот на минималната плата, односно од околу 9.500 денари.За да се воведе ваквата новина, одеднаш се изменети пет закони: за работни односи; за придонеси од социјално осигурување; за пензиско и инвалидско осигурување; за здравствено осигурување и Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност. Сите се донесени по скратена постапка, а измените се веќе озаконети со објавата во Службен весник уште кон крајот на јули 2014 година.

Образложението на Владата и на Синдикатите за овие законски измени, донесени сред летните одмори, беше дека со нив практично ќе се стимулира вработувањето по теркот на другите европски држави и ќе се спречат злоупотребите.

Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Живко Митревски, уште при донесувањето на измените изјави дека „со ова ќе се елиминираат злоупотребите што дел од работодавачите ги правеа кај овие авторски или договори на дело, каде што често се изигруваше и договореното за минималната плата“.

Што предвидуваат измените

Во Процедурата за прием во задолжително социјално осигурување и плаќање на социјалните придонеси, која БИРН ја обезбеди од Министерството за труд и социјална политика, се наведени сите елементи кои законски треба да бидат дел од договорите на дело или авторските договори од први јануари.

Таа предвидува и компанијата „исплатувач“ и лицето „примател на приходот“ да го достават меѓусебниот договор на дело до Фондот за пензиско инвалидско осигурување (ФПИОМ). Ако лицето не е вработено, односно нема социјално осигурување, покрај договорот, треба да се достави и барање за прием во осигурување, трансакциска сметка и М1/2 пријава.

Ако некој има повеќе договори под минималната плата, но нивниот збирен износ е поголем од 9.500 денари, тогаш и тој подлежи на наплата на придонеси. Во тој случај, наместо правното лице или фирмите, самиот работник како физичко лице треба да оди во ПИОМ, да ги поднесе сите барања и да си ги плати придонесите.

Ист е случајот и за оние кои имаат авторски или договори на дело со странски компании, авторот односно „изведувачот“ е обврзник за надомест на даноците и придонесите.

Во практика, ова значи дека од следната година за хонорар во бруто износ од, на пример, 30.000 денари, оној што ја дава услугата ќе добие околу 20.000 денари, а на сметка на државата ќе легнат околу 10.000 денари.

За пензиско и инвалидско осигурување ќе се платат 17,6 отсто или околу 5.280 денари, а за здравствено 7,3 отсто или нешто под 2.190 денари. Вкупно за придонеси ќе се одвојат 7.470 денари од хонорарот. Од останатите 22.530 денари уште 10 проценти или 2.253 денари ќе се одвојат за данок на доход.

Двојно здравствено осигурување

Од Министерството за труд и социјална политика за БИРН потврдуваат дека во случај да се плати придонес за пензиско осигурување два пати

Покрај начинот на пресметка на придонесите и данокот на доход, се јавува проблем при плаќањето на придонесите за пензиско и за здравствено од два или повеќе извори. Поточно, кога еден вработен плаќа придонеси и за редовната плата и за хонорарот што му е дополнителен приход.Од Министерството за труд и социјална политика за БИРН потврдуваат дека во случај да се плати придонес за пензиско осигурување два пати (од договорот на дело и од вработувањето), тоа ќе биде пресметано во основицата за пензија. „Тоа секако ќе влијае на висината на пензијата, односно осигуреникот ќе оствари повисок износ на пензија“, велат од Министерството.

Иако ќе му се зголеми основицата за пресметка на пензијата, сепак, од Министерството не кажуваат дали вработените ќе имаат дополнителна придобивка во случај на двојна наплата на здравственото осигурување.

„Од вкупните законски измени, најголем проблем е тоа што оние што ќе плаќаат придонеси, нема да добиваат дополнително здравствено осигурување“, вели Горан Рафајловски од компанијата „Рафајловски консалтинг“.

Тој вели дека измените треба да подлежат на сериозна дебата, особено во делот со двојното здравствено осигурување.

„Потребно е сериозно испитување што може да понуди здравството во овој случај. Фер би било да се понуди нешто повеќе за овие луѓе, но прашање е дали здравството ќе може да го издржи тоа “, вели Рафајловски.

Измените не важат за функционерите

Наплатата на придонеси од договори на дело и авторски договори не важи за примањата на професионалните спортисти, пратениците, советниците, јавните функционери, стипендистите, судиите, поротниците, вештаците, стечајните управници, волонтерите, пензионерите и за договорите за јавна работа коишто ги склучуваат општините.

И претседателот на Конфедерацијата на работодавачи Миле Бошков и консултантот Горан Рафајловски се изненадени од ваквиот факт.

Бошков вели дека не е запознаен со ваквите ослободувања на плаќањата. „Тоа не беше спомнато кога ги дискутиравме измените на законите на седница на Економско-социјалниот совет“, вели тој. „Во секој случај, тоа не е поволно решение“, вели Бошков, додавајќи дека „сите треба да бидеме еднакви пред Законот“. И Рафајловски смета оти „законот треба да важи исто за сите“ и додава оти „ако некој се изземе, тоа значи дека останатите се ставаат во подредена положба“.

Работниците дополнително на удар

Миле Бошков

Претседателот на Конфедерацијата на работодавачи, Миле Бошков, посочува дека ваквите измени ќе доведат до тоа газдите да бараат повеќе начини за избегнување на плаќањето даноци

Наспроти аргументацијата на Владата и Синдикатите дека измените ќе поттикнат вработувања, затоа што работодавачите нема да имаат причина да имаат хонорарни соработници кога давачките за нив се исти како и за вработените, сомневањата се дека ќе се случи токму спротивното.Претседателот на Конфедерацијата на работодавачи, Миле Бошков, посочува дека ваквите измени ќе доведат до тоа газдите да бараат повеќе начини за избегнување на плаќањето даноци. Една од првите опции што им е на располагање, секако е намалување на нето износот на хонорарот.На тој начин, измените ќе ги удрат по џеб само оние што работат, а сумата што работодавачот ќе ја плаќа ќе остане иста. Со други зборови, хонорарецот од нашиот пример кој бил плаќан 30.000 денари, наместо досегашните 27.000 денари со платен данок на доход, ќе зема околу 20.000 денари, што е намалување за над 17 отсто.

Вториот начин на избегнување на плаќање на придонесите е износот на хонорарите да биде понизок од минималната плата. Трет начин е со зголемување на износот на над шест просечни плати, што е максималниот износ на кој се пресметуваат придонеси, исто како и кај редовно вработените. Целата сума што е над шест просечни плати (околу 180.000 денари) нема да подлежи на придонеси.

Бошков алармира на опасноста измените, иако се претставени како поттик за зголемување на вработувањата, да имаат спротивен ефект и да резултираат со непријавени работници.

„Ние реагиравме дека има можност луѓето да останат непријавени, односно да останат да работат ‘на црно’ со што, всушност, и не се поттикнува вработувањето како една од целите на законските измени. Тие нема да сакаат да ги плаќаат придонесите“, вели Бошков.

Неговото претходно искуство вели дека работодавачите во ваков случај гледаат да избегнат плаќање на даноците и „најверојатно ќе доведе до тоа да се исплаќаат повеќе хонорари под минималната плата“.

Токму затоа, Конфедерацијата на работодавачите на состанокот на економско-социјалниот совет побарала, наместо до минималната плата од 9.500 денари, ослободени од придонеси да бидат сите што земаат хонорари до висината на просечната плата од околу 21.000 денари.

Нивното барање не е прифатено, поради што тие сега очекуваат помош од граѓанските организации.

„Ние очекуваме дека некои од граѓанските организации, односно од граѓанскиот сектор, ќе покренат некаква иницијатива за промена на овој закон“, вели Бошков. Ниту една граѓанска организација досега не покажа интерес да ги оспори измените.

Со измените на петте закони, на работодавачите сега им се дава можност сите идни вработувања да бидат со договор на дело, со што практично ќе им се даде можност да ги заобиколат обврските што ги имаат кон вработените согласно Законот за работни односи и другите закони што ги гарантираат нивните права.

Измените донесени по скратена постапка, без вистинска дебата, носат опасност, наместо да ја намалат невработеноста, да поттикнат неформални вработувања.Се стимулира прекарната работа

Со измените на петте закони, на работодавачите сега им се дава можност сите идни вработувања да бидат со договор на дело, со што практично ќе им се даде можност да ги заобиколат обврските што ги имаат кон вработените согласно Законот за работни односи и другите закони што ги гарантираат нивните права.

На пример, правото на отказен рок, отпремнина, годишен одмор или правото за заштита при работа се дизајнирани да се однесуваат само на работниците со Договор за вработување. Договорот за дело или авторски ангажман не спаѓаат во корпусот закони за работниците туку тие се дел од облигациското, договорно право.

За разлика од Синдикатите, ваквата опасност ја препознаваат во Конфедерацијата на работодавачи.

„Нема да се почитуваат правата на работникот, тој ќе седи во канцеларија и ќе работи под страв да не биде отпуштен без да го добие она што законски му следува. Работниците ќе немаат никакви права и ќе немаат сигурност во работата ако се вработени само со договор на дело или со авторски договор“, вели Миле Бошков.

Претседателот на Конфедерацијата на работодавачи, всушност го опишува проблемот што се подведува под терминот прекарна работа – повремена или привремена работа, во целосна егзистенцијална и професионална несигурност, договори што траат одредено време, кои не даваат никакви права и заштита и кои можат да се раскинат без какви било последици за работодавачот.