Анализи

ЕУ Хронологија – проблеми и компромиси

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Повеќе примери од историјата на елитниот клуб покажуваат дека оние кои што се внатре секогаш застануваат на страна на членките кога има спор со земја која не е членка. И не дозволуваат увоз на билатерални спорови. Ви претставуваме интерактивна хронологија на главните настани од идејата за ЕУ до последниот извештај на ЕК за напредокот на Македонија

Европската унија е првенствено економска, а потоа и политичка заедница. Идејата на основачите дека мирот ќе се осигура и војната ќе се направи материјално невозможна единствено ако економските интереси имаат приоритет пред политичките е круцијалната причина за постоење на заедницата.

Но, политиката секогаш мешала прсти во работите на оваа заедница. Нејзиното проширување, во зависност од моменталните услови секогаш било под влијание на интересите на големите сили. Тоа влијаело некои земји да станат дел од клубот побргу, некои поспоро.

Со секое проширување потребен е компромис. И од страна на земјите кои сакаат да станат членки и од Унијата како заедница.

Британците, Данците и Ирците многу добро го знаат тоа. Тие, како први земји што аплицираат за членство во Европската економска заедница (ЕЕЗ), чекаат цела деценија поради ветото на Шарл де Гол.

Со секое проширување потребен е компромис. И од страна на земјите кои сакаат да станат членки и од Унијата како заедница | Фото: debatingeurope.eu

 

Примерот со Турција е уште подрастичен. Земјата аплицира за асоцијативно членство во ЕЕЗ уште во 1959 година, а во 1987 и за целосно членство во ЕЕЗ. По поминати 55 години, некои аналитичари го поставуваат прашањето кој кому му треба: ЕУ на Турција или Турција на ЕУ?

Само една година по почнувањето на преговорите, Европската унија решава дека осум поглавја нема воопшто да се отворат ако Турција не дозволи железнички и авио-транспорт со Кипар. Последните две поглавја во преговорите се отворени во 2008 година – Интелектуална сопственост и стопанско право.

Повеќе примери од историјата на елитниот клуб покажуваат дека оние кои што се внатре секогаш застануваат на страна на членките кога има спор со земја која не е членка. И не дозволуваат увоз на билатерални спорови.

Во примерот со Бугарија, пак, можеби најзначаен беше фактот што таа мораше да исклучи четири реактори од вкупно шест во нуклеарната централа „Козлодуј“, преку која  се снабдуваше со електрична енергија повеќе од една третина од нејзиното население. Но, уште потешка беше борбата со организираниот криминал, корупцијата.

Македонија е првата земја од регионот што потпиша Договор за стабилизација и асоцијација уште во 2001 година и доби кандидатски статус пред скоро цела деценија, а сè уште нема датум за преговори | Фото: sep.gov.mk

Македонија е првата земја од регионот што потпиша Договор за стабилизација и асоцијација уште во 2001 година и доби кандидатски статус пред скоро цела деценија, а сè уште нема датум за преговори | Фото: sep.gov.mk

Сепак, и Бугарија и Романија беа примени во Унијата со политичка одлука без да бидат целосно подготвени за членство.

Но, како што вели Франсоа Фризон-Рош од Националниот центар за научни истражувања во Париз, „одлуката за членство на Бугарија и Романија беше повеќе стратешка, односно во една смисла повеќе геополитичка“.

„Подобро беше овие земји да бидат со нас и да им се влијае, отколку да се остават да станат гнојни рани, во контекст на проблемите на западен Балкан, што би можело да се прошири на целиот регион“, вели Фризон-Рош.

Хрватска, пак, имаше проблем со северниот сосед Словенија, околу меѓусебната граница, поради што земјата-членка цела година (од декември 2008 до октомври 2009 година) го блокираше влегувањето во ЕУ на кандидатот. На крајот, проблемот беше решен со компромис од двете страни.

Токму затоа, примерот на Македонија не е исклучок. Првата земја од регионот што потпишува Договор за стабилизација и асоцијација уште во 2001 година и доби кандидатски статус пред скоро цела деценија, сè уште нема датум за преговори.

Од регионален лидер, Македонија премина во еден од кочничарите на демократските реформи. По шест препораки за почеток на преговорите без ниту еден конретен датум од 2009 година наваму.