Анализи

Судство: 23 години лет во место

Саше Димовски и Мери Јордановска

Реформи се спроведуваат, но граѓаните и меѓународните фактори и натаму укажуваат на сериозни проблеми со кои се соочува македонското судство. Недостасува ли политичка волја за решавање на проблемите или самите судии не сакаат вистинска независност?

Реториката во годишните извештаи за напредокот на Македонија во однос на правосудниот систем од година во година се заострува. Ако на почетокот, во 2007 година, читавме за еден трнлив пат во системот од носењето закони до нивна имплементација, во последниве неколку години, особено од 2010, реториката во извештаите е сè покритична, па се говори за индиректни притисоци, сомнежи за независноста на судството и политички монтирани процеси.

Во годинешниот извештај, товарот што го носи правдата повторно паѓа на селективноста и политичката мотивираност во носењето на судските пресуди.

„Еден од најголемите предизвици е растечката загриженост за селективност и притисок врз судскиот систем. Базичниот принцип за владеење на правото, дека ‘правдата не треба само да се спроведува, туку треба на дело да се види дека се спроведува’, не е целосно разбрана и почитувана од власта. И надвор, но и внатре во земјата, расте загриженоста за можни политички притисоци врз одредени судски случаи. Иако формалната судска структура е формално независна од надворешни влијанија од парламентарната и извршната власт, одредени судии мораат исто така да одлучуваат независно од било каков притисок. Во спротивно, довербата на јавноста во судството ќе опаѓа и владеењето на правото ќе се доведе во прашање“, стои во извештајот за напредокот на Македонија за 2014 година објавен денеска.

Во извештајот посебен акцент се дава и на пресудите за клевета, кои, според Европската комисија не се бројни, но одредени јавни личности добиваат преголеми отштети.

„Ова испраќа штетна порака и во однос на слободата на изразувањето, но и во однос на непристрасноста на судовите“, се вели во извештајот.

Решавањето на случаите на навреда и клевета надвор од судовите е нешто што го препорачува Европската комисија. Таа бара оваа иницијатива да дојде и од Владата, и од новинарите но и од другите јавни личности кои треба да бидат пример за тоа како вонсудски да се реши еден спор.

Европската комисија годинава дава забелешки и во однос на (не)транспарентноста на судовите.

„Иако законски се обврзаа да ги објавуваат судските пресуди два дена по донесувањето, најзначајните или најконтроверзни одлуки кои се важни за јавниот интерес воопшто не се објавуваат, нешто што може да доведе до објавување неточни информации во медиумите“, стои во извештајот.

Забелешките се повторуваат и заоструваат

Блерим Беџети: Судството има слабости, а граѓаните го доживуваат како неефикасно и зависно, но ние ќе работиме на тоа да се подобри

Критичкиот тон за состојбите во правосудството се заостарува од 2010 година кога пораката беше недосмислена: „Потребни се дополнителни напори за независноста на судството во Македонија“.

Во есенскиот извештај од 2011 година, пак, Европската комисија стави сериозни забелешки за начинот на изборот на судиите и на јавните обвинители, независност и ефикасност на судовите, (зло)употребата на мерката притвор, како и недоволните буџети на судовите и јавните обвинителства.

Лошата оценка за состојбата во македонското судство Европската комисија ја повтори и во 2012 година.

„Судството има слабости, а граѓаните го доживуваат како неефикасно и зависно, но ние ќе работиме на тоа да се подобри“, коментираше тогаш министерот за правда Блерим Беџети.

Една од сериозните забелешки во меѓународните извештаи беше мешањето на Владата во изборот на судиите, преку учество на министерот за правда како член на Судскиот совет, тело кое ги избира и разрешува судиите.

Со годинашниот извештај се потврдија очекувањата на експертите што ги консултиравме дека и во последниот извештај ќе се повторат оценките за селективна правда, политички судења, повреда на слободите и правата на граѓаните.

Владо Бучковски беше премиер во 2005 година кога се спроведоа големи уставни промени, вклучувајќи го и судството, кога судиите почнаа да се избираат од посебно тело, Судскиот совет, наместо од Парламентот. Понатаму, се воведоа нови судови и се формираше Академија која едуцира кадри за судии и јавни обвинители, а се изменија и многу закони.

Но, тогашниот премиер Бучковски, кој ги спроведуваше реформите, вели дека состојбата во судството сега е многу полоша. Оваа оценка Бучковски ја дава од позиција на правосилно осуден на 2 години затвор за набавки на делови за тенкови додека бил министер за одбрана во 2001 година. Тој во средината на овој месец треба да замине во затвор за издржување на казната.

„Реформите што ги направивме во 2005 година беа еден од условите да добиеме кандидатски статус. Се бараше да ја зајакнеме независноста на судството, да го ослободиме од политичко влијание при изборот на судиите, да ја зголемиме финансиската независност, да го зголемиме квалитетот преку континуирана едукација на судиите. Денес, по 9 години, можам да констатирам и врз сопственото искуство со македонскиот правосуден систем, дека реформите ги влошија состојбите во судството“, вели Бучковски за БИРН.

Тој нагласи дека денеска „Судскиот совет е партизиран и нетранспарентен, а судиите не се со подобар квалитет во споредба со претходните генерации, како на пример од оние од 90-тите години“.

За лошата состојба во судството, во Судскиот совет прстот го вперува и Владо Поповски, универзитетски професор и поранешен министер за правда. Тој е убеден дека досегашниот начин, кога министерот за правда повеќе од 8 години учествуваше во изборот и разрешувањето на судиите, е директно политичко влијание на изборот на судиите. Поповски вели дека сегашното решение, со промена на Уставот, министерот за правда да не членува во Судскиот совет е позитивен чекор.

„Досега, практично, Владата ги избираше судиите преку министерот за правда. Сега судиите треба да се изборат преку нивните претставници во Судскиот совет да се почитуваат критериумите за напредување на судиите, да не може, како што имавме случаи до сега, човек кој не бил воопшто судија, директно да биде избран во Апелацискиот или Врховниот суд. Кариерата мора да биде видлива и мерлива со резултати“, коментира професорот Поповски за БИРН.

Судскиот совет – слаба алка во системот

Во Анализата на Институтот за независноста на судството се наведени честите поплаки за политички притисоци врз судиите и Судскиот совет | Фото: Судски совет на РМ

 

Институтот за човекови права од Скопје ја мониторирал работата на Судскиот совет и начинот на избор на судиите. Нивниот извештај, како и сите забелешки на меѓународните претставници се однесуваат на податокот дека Судскиот совет не го почитувал законот и вработувал судии со несоодветни квалификации, игнорирајќи ги кандидатите кои ја завршиле Академијата за судии и јавни обвинители.

„Постојано се одложуваше примената на законот кој предвидуваше за судија да се избира кандидат исклучиво со завршена Академија. Судскиот совет постојано го применуваше старото законско решение, што значи овозможуваше за судии да се изберат што повеќе кандидати кои не се од редовите на Академијата за судии“, вели Маргарита Цаца Николовска, претседател на Институтот за човекови права и поранешен судија на Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

Во Анализата на Институтот за независноста на судството се наведени честите поплаки за политички притисоци врз судиите и Судскиот совет, што ја намалува довербата на јавноста во судството, голем е бројот на разрешени судии кои се жалат пред Судот во Стразбур и наведуваат дека ја изгубиле својата позиција во постапки што ги иницирал тогашниот министер за правда Михајло Маневски.

Маневски, кој стана министер за правда на 67 години и се задржа на позицијата повеќе од 6 години, беше посочуван дека врши големо влијание за изборот и разрешувањето на судиите. Европската унија беше загрижена за улогата на министерот за правда во Судскиот совет и во Советот на јавни обвинители, и оцени дека на тој начин извршната власт се меша во работата на судството.

Маневски, на крајот на 2012 година, се согласи дека не е добро министерот за правда да биде член на Судскиот совет.

„Неопходен е целосен политички консензус за да се измени оваа одредба, тоа прашање е секогаш отворено и се надевам дека со постигнување на тој политички консензус ова прашање ќе биде симнато од дневен ред“, рече тогаш Маневски, кој подоцна беше заменет на функцијата со кадар кој го предложи партијата на Албанците, ДУИ, која партиципира во Владата.

Судиите ѝ се додворуваат на власта

Владо Бучковски: Судиите сакаат да ѝ се додворуваат на власта и тогаш кога никој не го бара тоа од нив

 

Експремиерот и професор по римско право, Владо Бучковски, проблемот го лоцира во самите судии, кои „сакаат да ѝ се додворуваат на власта и тогаш кога никој не го бара тоа од нив“.

„Најголемата вина за актуелнава состојба ја имаат судиите. Имаат доживотен мандат, но се исплашија од извршната власт и седнаа во нејзиниот скут. Ретки се позитивните примери каде што судиите се спротивставуваат на партиските притисоци од извршната власт и судат според Уставот и законите, врз основа на факти и изведени докази. Се создаде навика кај судиите да се додворуваат на извршната власт и кога немаат директни притисоци, а ова посебно е изразено за медиумски експонираните судски случаи“, смета Бучковски.

Професорот Осман Кадриу нагласува дека позитивната законска регулатива што ја има во Македонија ветува нагласена гаранција дека судската власт треба да биде независна. Но, „за жал таа регулатива сѐ уште не се спроведува“, заклучува Кадриу.

„Таа не се почитува од другите власти кои се мешаат во судската власт, па имаме случаи кога дневната политика се меша за конкретни прашања, за тоа кој да биде притворен, а кој да не се притвори или за кого да се иницира кривично гонење. Ова треба да се елиминира“, вели професорот Осман Кадриу.

Ленче Софрониевска, поранешен претседател на Апелацискиот суд во Скопје и бивш претседател на Судскиот совет, во време кога ова тело ги предлагаше кандидатите за судии, а Парламентот ги избираше, смета дека сегашниот Судски совет не ја оправдал довербата и вреди да се размислува изборот на судиите да се врати повторно во парламентот.

„Јас уште тогаш укажував дека Судскиот совет ќе се претвори во „монструм“. Велев дека таа група луѓе ќе избира и разрешува судии без никаква контрола, што се покажа низ овие години. Затоа, кога судиите се избираа во парламентот имаше дебата, јавност во биографиите на предложените судии. Тоа сега го нема“, вели Софрониевска за БИРН.

Таа посочува дека ваквото законско решение за избор на судиите постои во Словенија, а овој модел на Судски совет, кој беше пресликан од Бугарија, се покажа како многу лош.

„При една посета на Бугарија, тогашната претседателка на бугарското тело кое ги избираше судиите ни укажа на сите слабости и нè советуваше да не го прифаќаме овој модел, затоа што не е добар“, открива Софрониевска.

Владо Поповски, кој беше министер за правда во 1996 година кога се направи генералниот реизбор на судиите, открива дека тешко се избирале судии без политичка поддршка.

„Факт е дека парламентот и тогаш и сега е „дисциплиниран“ и функционира како продолжена рака на Владата и затоа изборот во Собранието фактички беше избор на владејачките партии“, вели професорот Поповски.

Тој посочува дека ако претседателот на Собранието гласал за одреден судија, тој добивал голем број гласови, но ако претседателот не кренел рака, тогаш потенцијалниот судија добивал 20 до 25 гласа од пратениците.

Генералниот реизбор, кој се спроведе во време кога во Парламентот немаше опозиција, што е слично со сегашната ситуација, беше често предмет на критика. Поповски не се согласува со тие критики и вели дека „тој бил промотор на реформите, но користел услуги на совет за реформи во кој учествувале 23 членови, судии, професори и истакнати професори, кои биле креатори на реформите“.

Корупцијата останува траен проблем

Владо Поповски: Кариерата на судиите мора да биде видлива и мерлива со резултати

Покрај добивањето траен мандат за судиите, во изминатиов период беа зголемени нивните плати, се изменија граѓанскиот и кривичниот закон, многу предмети кои беа заглавени во судовите сега им се дадени на работење на нотарите и извршителите, па бројката од речиси 2 милиони предмети, кои стигнуваа секоја година пред македонските судии, сега речиси е преполовена. Во одредени судови се појавија вишок на судии, па Судскиот совет ги распоредува да работат во други судови.

Се формираше Академија за судии, чии кадри Судскиот совет не ги избираше, па од тука опадна интересот за едукација на судии и во изминатата 2013 година, повеќе пати беше објавуван оглас, но не се пријавуваа кандидати.

Сега судството се соочува со проблем, нема база од која би се избирале судии и сè погласно е тврдењето дека Владата повторно ќе го врати решението: 50 отсто од судиите да се избираат со завршена Академија а другите не, што е спротивно на европските заложби.

Сепак, прашањето за корупција во судството и натаму е ја поткопува довербата кај граѓаните.

„Корупција има во судството, но и во адвокатурата и во обвинителството. Ако се случи таканареченото врзано коло помеѓу овие структури, тогаш нема правда. Мора да се поведе сериозна борба против корупцијата“, вели поранешниот министер за правда Владо Поповски.

„Во Македонија имаме корупција и тоа навистина загрижува“, нагласува професорот Осман Кадриу.

„Тој сооднос и тоа ниво на корупција што се случува во Македонија го доведува во прашање вистинското функционирање на самата држава“, рече Кадриу, според кого проблемите би можеле да се надминат и да се оствари функцијата на судската власт само со „избор на силни, способни, чесни и деполитизирани кадри“.

Во анкета на ОБСЕ, објавена во јануари 2009 година, судиите во големо мнозинство открија дека работат под политички притисоци, не му веруваат на Судскиот совет и се плашат за своите работни места.

Тужби и казни за неистомислениците

Во текот на оваа година судството беше критикувано дека ја задушува слободата на изразување со донесените пресуди по тужби на високи партиски и државни функционери против новинари и медиуми, како и против пратеници и функционери на опозицијата.

Во прв план, тука се тужбите на премиерот Никола Груевски против опозициските лидери Зоран Заев и Тито Петковски, како и тужбата на директорот на тајната полиција Сашо Мијалков против неделникот „Фокус“ и серијата пресуди против портпаролот на опозициската партија Петре Шилегов и пратеници осудени за наводи изнесени на прес-конференции.

На казна затвор од 4,5 години е осуден и новинарот Томислав Кежаровски, кој сè уште е во домашен притвор и го чека 24 октомври за Апелацискиот суд во Скопје да ја разгледа неговата жалба.

„Судот ја испушти можноста да донесе праведна одлука, која ќе биде во согласност со Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда и практиката на Европскиот суд за човекови права“, оцени Здружението на новинарите на Македонија по одлуката на скопскиот Апелациски суд да ја потврди пресудата по тужба на Сашо Мијалков против „Фокус“. ЗНМ го повика Мијалков и покрај правосилната судска пресуда да се откаже од 9.000 евра, од кои 6.000 евра се санкција, а 3.000 евра судски трошоци, пари што треба да му ги платат осудените новинари.

„Со ваквиот начин на пресудување, судот наметна нови „стандарди“ во новинарството, па сега излегува дека пред секое интервју соговорникот треба да пополни прашалник, да даде заклетва или медицинско уверение дека е психички и ментално стабилен и нема проблеми со семејството и само тогаш би можел да зборува во јавност, што е нонсенс“, коментира за БИРН адвокатот Трајче Арсов, откако судот оцени дека поранешниот амбасадор на Македонија во Чешка, Игор Илиевски, цитиран како извор во „Фокус“ за судот е несериозен извор, бидејќи имал семејни проблеми!

„САД со гордост ги поддржаа развојот и транзицијата на Македонија во последниве 23 години. Остануваме посветени да ѝ помогнеме на Македонија да го зајакне владеењето на правото“, порача американскиот државен секретар Џон Кери, на 8 септември 2014 година, во честитката за Денот на независноста на Република Македонија.

Судството, како приоритет каде што треба да се дејствува, на 18 септември, годинава го спомена и Џес Липникот-Бејли, новиот амбасадор на САД во Македонија, образложувајќи ги во неговата земја приоритетните области во кои ќе дејствува.