Истражувањa

Хотел, станови и пасишта меѓу имотот на најголемите партии

ВМРО-ДПМНЕ издава хотел во Охрид без паричен надомест

Секој што го посетил Охрид и прошетал низ старото градско јадро, сигурно го забележал објектот изграден во духот на традиционалната охридска архитектура, на чија фасада е закачен натпис на кој пишува „Вила Света Софија“. Името не е случајно зашто туристичкиот објект е сместен наспроти познатата и историски значајна црква „Света Софија“, на една од попривлечните локации во градот.

Малкумина, пак, знаат дека објектот е во сопственост на ВМРО-ДПМНЕ уште од деведесеттите години. Станува збор за единствениот имот што партијата го издава под наем, но според она што самата партија ни го соопшти, во последниве неколку години таа не наплаќа кирија за оваа услуга.

Одговорот на прашањето зошто ВМРО-ДПМНЕ не остварува финансиска корист од издавањето на објектот, според самата партија, се наоѓа во договорот за закуп.

„Со оглед дека во конкретниот период, вложувањата се пресметуваат како компензација со закупнината, не е остварен паричен приход од закуп што би се евидентирал како приход во завршната сметка“, велат од Белата палата.

Како што истражи БИРН, договорот на партијата за закуп со физичко лице, со охриѓанецот Кирил Луканов предвидува опција за компензација, што практично значи дека закупецот, наместо да плаќа кирија, парите ги вложува директно во туристичкиот објект.

Меѓутоа, токму овој аранжман отвора дилеми дали се заобиколуваат стандардните механизми за контрола и транспарентност на партиските финансии.

До сознанијата за „Вила Света Софија“ дојдовме анализирајќи ги сите недвижности, кои успеавме да ги пронајдеме во катастарот, во сопственост на трите најголеми и најстари партии ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ. Владејачката структура дефинитивно е рекордер по бројот на имот, поседува 101. Зад неа е СДСМ, со вкупно 12 имоти и последна е ДУИ со пет.

Имотот на ВЛЕН не го анализиравме бидејќи партиите во коалицијата сè уште се во процес на спојување во еден политички субјект.

Во меѓувреме, со растот на цените на недвижностите, расте и вредноста на партискиот имот. Во завршните пресметки за 2024 година, СДСМ пријавил дека има имот во вредност од околу 2,7 милиони евра, ДУИ приближно 2 милиони, а ВМРО-ДПМНЕ околу 25,2 милиони евра.

Економска корист под радарот на институционална контрола

„Вила Света Софија“ во Охрид | Фото: Букинг

Законот за финансирање на политичките партии дозволува издавање партиски имот под закуп, но не ги опфаќа специфичните ситуации каква што е оваа во Охрид, кога ВМРО-ДПМНЕ, наместо да ги прими парите на сметка, договорила тие да се трошат директно за инвестиции во објектот.

Со ваквиот договор партијата го зголемува својот капитал без тоа да го прикаже во извештаите пред државните органи, а останува нејасно и тешко проверливо дали инвестициите воопшто биле реализирани.

Контрола на овој сегмент од партиското работење прави Државниот завод за ревизија преку годишните финансиски извештаи. Но, во случајот со „Вила Света Софија“ нема директно плаќање, па економската корист од компензацискиот аранжман воопшто не се евидентира во графата „приход“ во партиските извештаи и така останува под радарот на институционалната проверка.

Само по себе, отсуството на контрола на паричните текови отвора простор за нефер предност пред политичките конкуренти, зависност од донатори и бизнис-интереси, па и за корупција и купување влијание.

Бидејќи закупецот избра да молчи и комуникацијата ја препушти на партијата, а ВМРО-ДПМНЕ инсистираше исклучиво на официјална писмена преписка, рецензиите на странските туристи остануваат единствениот достапен извор за проверка дали и колку ветените инвестиции во „Вила Света Софија“ се реализирани.

Повеќето рецензии се осврнуваат на атрактивната локација на објектот, меѓутоа два коментари од септември 2025 година оставени на туристичкиот онлајн-сервис Букинг се прилично илустративни. Коментарите се оставени кога веќе се истечени повеќе од две години од петгодишниот договор за закуп, кој ВМРО-ДПМНЕ го смета како „вложувања за компензација“ за пари.

Првиот гостин опишува запуштена соба и бања со пајаци, вели често немало топла вода, а кога му затребала помош, наместо персонал, „сопствениците ги испраќале своите малолетни деца.“

АНАЛИЗА
„Висат на конец“ станови, дуќани и дворови на ВМРО-ДПМНЕ

Вториот гостин, пак, забележал дека собата не одговара на фотографиите, душекот и перниците биле неудобни, а во текот на петте ноќевања, никој не ја исчистил собата, ниту ги заменил пешкирите и во тој период во вилата не работел терминалот за картичка.

Сепак, и покрај негативните искуства, старата охридска градба очигледно е магнет за туристи од целиот свет. На Букинг, објектот редовно е целосно зафатен, па дури и во неатрактивни термини, и во празник, и за викенд тешко се наоѓа слободна соба.

Ако, пак, одберете од термините што ви ги нудат во мај, ќе треба да платите од 80 до 105 евра од вечер, во зависност која од четирите соби ќе ги одберете, што го прави поскап од други познати хотели во градот.

Консултациите што ги правеше БИРН упатуваат дека во проценката на вредноста на партискиот имот на ВМРО-ДПМНЕ би требало да се вкалкулираат и сите инвестиции што закупецот Луканов ги вложил во „Вила Света Софија“, иако тоа не може да се утврди од штурите бројки што се доставуваат во годишната завршна пресметка.

Пасишта и станови

Палатата Христо Татарчев е „замрзната“ | Фото: БИРН

Практиката на издавање под наем не е нова за партијата. Според официјалните податоци до кои дојде БИРН, меѓу 2016 и 2021 година, со „Вила Света Софија“ управувал сосема друг закупец, тогаш фирма од Охрид, за годишна закупнина од 12.000 евра, што е и евидентирано во завршните пресметки што ги анализиравме.

Сопственикот на компанијата, пак, не се сеќаваше на детали од договорот, кој бил во сила до 2021 година. Тврдеше дека соработката била далеку постара и датирала уште од пред дваесетина години.

Иако списокот на имоти на ВМРО-ДПМНЕ е долг, тие не може да располагаат со најголем дел од нив. Веќе шеста година, многу недвижности се замрзнати во судскиот случај „Талир“, кој сè уште се води поради обвинението за нелегално финансирање на партијата.

ИСТРАЖУВАЊЕ
Како жолтата зграда прерасна во неокласичен дворец

Замрзнати се имоти што станале партиска сопственост по 2013 година, кога со структурата раководеше Никола Груевски.

Охридскиот објект не е меѓу замрзнатите имоти. ВМРО-ДПМНЕ веројатно го поседува уште од раните деведесетти, а на тоа упатува и фактот дека во катастарот сè уште е заведен на старата партиска адреса, на улица во скопска Кисела Вода, односно уште од времето кога прв човек на оваа партиска структура беше Љубчо Георгиевски.

Покрај овој туристички капацитет, ВМРО-ДПМНЕ поседува и десетици станови во Скопје, објект заведен во Катастар како амбуланта во Тетовско, пасишта во Сарај и деловни простории. Теренската обиколка на БИРН, на деловните објекти во Карпош и во Аеродром покажа дека партијата ги користи како локални штабови.

Становите, пак, во атрактивните скопски населби, каде што обично месечната наемнина почнува од 500 евра, па нагоре, не може да ги издава зашто повеќето од нив се дел од замрзнатиот имот. Всушност, како што изјавуваше и лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, замрзнат е околу 90 отсто од партискиот имот.

Помалите „домаќини“

Еден од поголемите имоти на СДСМ се наоѓа во Битола | Фото: Google Maps

СДСМ далеку помалку вложувале во недвижности од нивните политички опоненти. Најголем имот што го поседува е познатото седиште на партијата, недалеку од центарот на главниот град. Тоа е имот од вкупно 2.100 квадратни метри, кој сега e под банкарска хипотека поради земен кредит.

Покрај во главниот град, СДСМ има имоти и во Кавадарци, Неготино, Ресен и во Струга, а еден од поатрактивните, поради локацијата, е големото седиште од 500 квадрати во близина на битолскиот Широк сокак. Порано во овој објект имало и кираџии, но проверките на БИРН покажуваат дека сега се користи само за партиски цели.

„Не изнајмуваме на други, туку напротив, ние изнајмуваме од други, кога ни се потребни локални штабови“, велат од СДСМ.

ДУИ, пак, значително ги зголеми квадратите што ги поседува во 2022 година.

Партијата купи зграда на пет ката во центарот на Тетово, која се простира на 1.200 квадрати и за која тврдат дека подигнале кредит. Објектот на атрактивна локација во Тетово, веднаш до Телеком, е празен и нема видливи надворешни знаци дека се издава, како што тврдат и од партијата на Али Ахмети.

Покрај ова и партиското седиште во скопски Чаир, ДУИ поседува и 430 квадратни метри во трговскиот центар „Мавровка“, простории во кои е сместен Партискиот истражувачки центар. Интегративците имаат и имоти во Пласница и во Дебар, во кои се сместени локалните штабови. Препознатливата куќа во Мала Речица, каде е сместена партиската централа, е изнајмен објект

Истражувањето на БИРН покажа дека, покрај имотот наменет за партиски активности, одредени политички субјекти поседуваат и пасишта, туристички објект и станови за кои е легитимна дилемата околу нивната вистинска намена.

Уставниот суд, во повеќе одлуки, потсетува дека партиите не се создадени за да собираат имот, да стопанисуваат како фирми или да водат бизнис во име на своите членови. Тие, според судот, постојат за да ги обединат граѓаните околу вредности и визии за општеството, а не околу пари.

Токму затоа судот предупредува дека политичките партии треба да бидат противтежа на тесните, материјални интереси во општеството, а не уште еден играч на пазарот каде што профитот е главната логика.

Насловната илустрација е изработена со помош на вештачка интелигенција