Регион

Хрватска идентификува посмртни останки на 20 Срби убиени во 1995 година

Свен Милекиќ, Загреб

Фото: Министерство на хрватските бранители

Министерството на хрватските бранители, во понеделник соопшти дека останките на 20 хрватски Срби, убиени во 1995 година, се успешно идентификувани во Заводот за судска медицина и криминалистика во Загреб.

Министерот на хрватските бранители, Томо Медвед, и неговиот помошник задолжен за Управата за притворени и исчезнати лица, Стјепан Сучиќ, беа присутни кога посмртните останки на 20-те Срби, кои биле пронајдени во пет различни окрузи – Сисачко-Мославачкиот, Задарскиот, Карловачкиот, Бродско-Посавскиот и Пожегачко-Славонскиот – биле идентификувани со помош на ДНК примероци.

Сите биле убиени за време на операциите на хрватската војска, „Блесок“ и „Бура“, во 1995 година.

Изразувајќи сочувство до семејствата на идентификуваните лица, Медвед рече дека Владата го третира прашањето на исчезнатите лица како „приоритетно хуманитарно прашање“.

Тој истакна дека министерството се занимава со расветлување на судбината на сите хрватски граѓани, „без оглед на нивната националност“.

Хрватска сé уште трага по 1.509 исчезнати лица од војната во 90-тите години, како и по други 414 за кои се знае дека загинале, но чии останки до денес не се пронајдени.