Регион

Хрватска ќе претседава со Меѓународниот сојуз за сеќавање на холокаустот

Влезот во логорот Аушвиц Фото: Logaritmo – Own work, Public Domain, https://commons.wikimedia.org/w/index.php?curid=3231093

Хрватска ќе го преземе претседателствувањето со Меѓународниот сојуз за сеќавање на холокаустот во 2023 година, откако нејзината номинација беше одобрена на втората пленарна седница на ИХРА, објави денеска хрватското Министерство за надворешни и европски работи (МНЕП).

„Во претставувањето на номинацијата, Хрватска ја истакна својата посветеност на постојаната борба против антисемитизмот и негирањето и искривувањето на холокаустот“, се вели во соопштението на МНЕП.

ИХРА има 34 земји членки. Оваа организација обединува влади и експерти со цел зајакнување, унапредување и промоција на образованието, истражувањето и сеќавањето на холокаустот.

Како активна членка на ИХРА, Хрватска го поддржа усвојувањето на сите правно необврзувачки дефиниции, што се однесуваат на негирањето и искривувањето на фактите за холокаустот, антисемитизмот и расизмот против Ромите, додаваат од МНЕП, нагласувајќи дека Хрватска е, исто така, прва членка на ИХРА што ги превела и ги објавила препораките на ИХРА за учење и подучување за холокаустот на свој јазик и ги претставила на национално ниво.

Сепак, многу критичари, набљудувачи, сметаат дека Хрватска не презела неопходни мерки за да го сопре или спречи ревизионистичкото негирање на улогата на Хрватска во холокаустот во Втората светска војна, во времето на пронацистичката Независна Држава Хрватска, НДХ, предводена од фашистичкото усташко движење.

Следејќи го примерот на нацистичка Германија и фашистичка Италија, НДХ донесе расистички закони против Евреите, Србите и Ромите и изврши масовни убиства.

Во минатогодишниот извештај кој говори за ревизијата на холокаустот, кој е студија за начинот на кој секоја земја од Европската унија се справува со последиците од злосторствата извршени во Втората светска војна, Хрватска се спомнува како една од најпроблематичните земји во Европа, кога е во прашање историскиот ревизионизам.