Регион

Хрватска обвини двајцата Срби за воени злосторства во Вуковар

Вуковар во мај 2017. Фото: ЕПА/Антонио Бат

Ања Владисављевиќ | БИРН | Загреб

Министерството за внатрешни работи на Хрватска, соопшти дека се поднесени кривични пријави против двајца хрватски државјани, на возраст од 63 и 64 години, под сомнение дека извршиле воени злосторства врз цивилното население во областа на вуковарските населби Петрова Гора и Сајмиште, во септември 1991 година.

Тие се осомничени дека како припадници на српските паравоени единици, учествувале во незаконско затворање и злоупотреба на цивилното население.

Министерот за внатрешни работи, Давор Божиновиќ, во четвртокот изјави дека во областа на Вуковар, се уапсени неколку лица осомничени за воени злосторства, но негираше дека тоа е направено, под притисок на неодамнешните протести во овој град, со кои се бараше процесирање на осомничените.

Божиновиќ истакна дека во февруари оваа година, директорот на полицијата „формирал работна група, која започнала поинтензивно да ги истражува воените злосторства извршени во Вуковар, уште пред некои процеси и протести да се случат во Хрватска“.

И премиерот Пленковиќ изјави дека апсењата во Вуковар не се резултат на политички притисок.

Да потсетиме, во октомври, илјадници бранители и граѓани од цела Хрватска, учествуваа на протестите одржани во Вуковар, град кој во 1991 година беше уништен од страна на југословенските сили и српските паравоени формации, со барање за зголемување на бројот на процесирани предмети за воени злосторства, извршени за време на хрватската Татковинска војна.

Градоначалникот на Вуковар, Иван Пенава, кој ги иницираше протестите, откако претходно го обвини хрватското судство дека не прави доволно за да ги уапси лицата кои извршиле воени злосторства во Вуковар, во четвртокот изјави оти се надева дека правосудството конечно почнало да ја врши својата работа.

Пенава истакна дека „протестот се случил, бидејќи овие работи (апсењата) не се случиле“, пред 15 или 20 години.

Иако идентитетот на осомничените не е познат, локалните медиуми шпекулираат дека еден од нив, 16 години работи во градската администрација во Вуковар.

Претставниците на српското малцинство во Хрватска, изразија сомневање во врска со тврдењата дека апсењата не се предизвикани од протестот.

Огранокот на Самостојната демократска српска партија во Вуковар и Заедничкиот совет на општините, кои ги претставуваат интересите на српската заедница на територијата на Вуковар во источна Хрватска, соопштија дека апсењето на Србите создава атмосфера на нетолеранција.

„Без да сакаме да навлегуваме во работата на полицијата, а уште помалку да ги попречуваме истражните работи кога станува збор за воените злосторства, нашата загриженост се темели на фактот дека најновите полициски акции доаѓаат по кампањата што ја започнаа некои политичари на национално и на локално ниво, со цел да извршат притисок и врз полицијата, и врз истражните органи“, се вели во нивната заедничка изјава.

Градот, кон крајот на август 1991 година, се најде под опсада на Југословенската народна армија (ЈНА) и српските паравоени единици. Бранителите на Вуковар се предадоа на 18 ноември истата година, по што од Вуковар беше протерано несрпското население, додека голем број на воени затвореници и цивили беа депортирани во затвори и во логори во Србија.

По четири години поминати под контрола на бунтовничките хрватски Срби, Вуковар, со Ердутовиот мировен договор, во 1996 и 1997 беше мирно реинтегриран во Хрватска.