Регион

Хрватска обвини шест лица заради истакнување на антисрпски транспарент

Општинското јавно обвинителство на Загреб, вчера поднесе обвинение против шест навивачи на ФК Динамо, заради поттикнување на насилство и омраза, затоа што на 11 јуни, во загребската населба Куртошија, тие истакнаа транспарент на кој пишуваше „Ќе е … српски жени и деца“, заедно со буквата ‘У’, која е симбол на усташкото движење.

Според извештаите на хрватските медиуми, навивачите држеле и знамиња  на Хрватските одбранбени сили (ХОС), паравоена организација која учетвувала во војната во 90-тите години во Хрватска, а која на својот официјално признат грб, го содржи и усташкиот поздрав „За дом спремни“.

Фотографијата ја снимил фоторепортерот Никола Шолиќ, според кого, навивачите извикувале „убиј, убиј“.

Во своето соопштение, Општинското јавно обвинителство на Загреб потенцира: „Шестмината обвинети се товарат дека заедно со други непознати лица, мотивирани од нетрпеливост кон припадници на друго национално малцинство и, со намера, кај други лица, да предизвикаат насилни облици на однесување, нетрпеливост и презир кон лица од друга националност, со запалени факели, развиле транспарент направен од првообвинетиот и гласно извикувале зборови кои повикуваат на насилство и омраза“.

Борис Милошевиќ, политичар од редовите на српското малцинство во Хрватска и потпретседател на хрватската Влада, го осуди инцидентот непосредно по неговото случување.

„Ова е застрашувачки и вознемирувачки за сите, не само за Србите“, изјави Милошевиќ во тоа време за телевизијата Н1.

„Жално е да се види дека младите во Загреб се задоени со толку многу омраза, за да напишат вакви одвратни пораки“, нагласи тој.

Тој напомена дека Српскиот народен совет, најголемата организација што го претставува српското малцинство во Хрватска и чиј претседател е тој, „безброј пати предупреди на пораките на омраза, на извиците на натпреварите, на графитите кои стануваат сѐ поодвратни“.