Регион

Хрватска: Одбележана годишнина од нерешено убиство на сведок на воени злосторства

Комеморацијата за Милан Левар во Госпиќ. Фото: Еуген Јаковчиќ

Организациите, Документа-Центар за справување со минатото и Антифашистичка лига на Република Хрватска, ја одбележаа денеска во Госпиќ 20-годишнината од смртта на Милан Левар, сведок на воени злосторства, убиен во август 2000 година, чии убијци никогаш не беа обвинети.

Организаторите на комеморацијата и вдовицата на Левар, Весна, се собраа на локалните гробишта каде што тој е погребан, и истакнаа дека тоа е можност да се размисли за тоа како да се создаде „општеството што го замислуваше Милан Левар“.

Во најавата за настанот, организаторите на комеморацијата истакнаа дека Левар бил свесен што прави, кога сведочел за убиствата на хрватските и на српските цивили и воени заробеници во регионот на Госпиќ, централна Хрватска.

„Тој зборуваше за нешто што требаше да биде и да остане под националниот завет на молкот“, истакнаа тие.

Левар беше офицер во Хрватската војска во Госпиќ, каде се водеа тешки борби за време на војната во Хрватска, против бунтовничките српски сили и Југословенската народна армија. Градот беше ефикасно под опсада.

По завршувањето на војната во 1995 година, Левар изјави оти видел дека хрватските сили извршиле сериозни воени злосторства над хрватските Срби во Госпиќ.

Тој, доказите за своите наводи, им ги предаде на истражителите на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија, изразувајќи подготвеност да сведочи на суд.

Левар беше убиен во август 2000 година, кога во неговата автомеханичарска работилница во неговата куќа во Госпиќ, беше активирана експлозивна направа. Покрената беше и истрага, но без никакви резултати.

Во некои полициски извештаи, чија содржина протече во јавноста, се вели  дека истражителите знаат кој го убил Левар, но дека немаат доволно докази за да поднесат обвинение.

Во 2014 година, хрватската полиција понуди награда од 100.000 куни (13.310 евра) за информации што би резултирале или придонеле за решавање на неговото убиство.

Овој случај стана симбол на неуспехот на справувањето со прашањето за воените злосторства во Хрватска и неспособноста на државата да ги заштити сведоците.