Регион

Хрватска реагира на употреба на терминот „фашисти во Блајбург”

Споменик на жртвите од Блајбург Извор: Википедија

Министерството за надворешни и европски работи на Хрватска, денеска испрати соопштение до австриските и хрватските медиуми, во кое изрази „длабоко жалење” поради извештаите за контроверзните комеморации во Блајбург, Австрија, спонзорирани од страна на хрватскиот парламент.

Во него се нагласува дека извештаите, во кои се вели дека комеморациите се „фашистички собири”, „најголеми собири на неонацистите во ЕУ”, „собири на екстремната десница” или „собири на усташите“, се погрешни.

Во соопштението се додава дека генерализациите на медиумите, „со кои денешна Хрватска и нејзиното население се поврзуваат со заживувањето на фашистичката мисла … се болна навреда”.

Се истакнува дека е навредливо, фашисти да се нарекуваат „бројните припадници на семејствата на жртвите, како и претставниците на Владата и верските власти”, кои присуствуваат на комеморациите, и покрај некои „поединечни случаи, кои треба да бидат остро осудени”.

Во Блајбург во 2018 година, австриската полиција уапси седум лица и поднесе девет пријави за кршење на законот со кој се забранува глорификацијата на фашизмот во оваа земја.

Хрватското министерство го издаде денешното соопштение, откако католичката црква на Корушка, го одби барањето на Хрватската бискупска конференција, во мај да одржи миса на Љобашко поле крај Блајбург, со образложение дека овој настан се користи за промоција на националистички идеи.

Секретарот на бискупијата во Клагенфурт, Енгелберт Гугенбергер, објасни дека оваа одлука е донесена бидејќи „мисата на полето крај Блајбург стана дел од манифестацијата која политички се инструментализира и е дел од политички-национален ритуал, кој служи за селективно доживување и толкување на историјата”.

Симболите на усташкото движење се вообичаена појава на годишните средби на хрватските десничари во Блајбург во Австрија, со кои се одбележува годишнината од смртта на припадниците на фашистичките хрватски сили и цивили, убиени од страна на партизаните во 1945 година.

Претседателот на хрватскиот парламент, Гордан Јандроковиќ, вчера изјави дека комеморацијата во Блајбург ќе се одржи и оваа година, и дека парламентот ќе биде спонзор на овој настан, на кој нема „да се слават Независната Држава Хрватска и усташкиот режим”.

Јандроковиќ истакна дека забраната за одржување на миса се однесува само на бискупите и оти миса може да одржи и свештеник.

Во мај 2016 година, хрватскиот парламент реши повторно да биде покровител на овој настан, откако во 2012 година покровителството беше укинато, поради загриженоста дека собирот се користи за рехабилитација на усташката идеја.

Во февруари оваа година, Министерството за внатрешни работи на Австрија забрани два симбола на хрватското усташко движење, буквата У, која се наоѓа околу сребрена граната од која се појавува црвен пламен и грбот со шаховницата на Независната Држава Хрватска, од Втората светска војна.

Забраната стапи на сила на 1 март, а казните за прекршување на забраната ќе бидат до 4.000 евра или 10.000 евра за оние што ќе го повторат делото, објавија австриските медиуми.

На листата на забранети симболи се најдоа и симболите на Хамас, Курдистанската работничка партија (ПКК), организацијата Муслимански браќа и турската ултранационалистичка организација Сиви волци. Со ова се прошири веќе постоечката забрана за употреба на симболите на Ал-Каида и ИДИЛ.