Регион

Хрватска сѐ уште чека одговор од Србија за одредени предмети на воени злосторства

Свен Милекиќ, Белград

Окружниот суд во Загреб: Викимедиа комонс/Сурадник13

Од мај минатата година, српското обвинителство за воени злосторства не одговорило на барањата за информации, што ги упатило хрватското државно обвинителство, кои можат да помогнат во судски процес за воени злосторства, кој се води пред Окружниот суд во Загреб.

Имено, хрватското обвинителство побарало од своите српски колега информации за адресата на која живеат сведоците повикани да дадат исказ на судењето на пет поранешни припадници на паравоени формации на Република Српска Краина (РСК).

Во март 2016 година, во отсуство беа обвинети Душан Жарковиќ, Богдан Једнак, Џорџ Нашид Камал, Мирослав Малобабиќ и Дејан Сладовиќ. Тие се товарат за убиство на 21 хрватски цивил во селото Јошевица, централна Хрватска, извршени на 16 декември 1991 година.

На судското рочиште во петокот, јавниот обвинител, Стипе Врдољак, го извести судот дека српското обвинителство за воени злосторства не одговорило на барањата, за можната локација на која се наоѓаат сведоците.

„Испратив барање до обвинителството за воени злосторства во врска со адресите на сведоците, адресите никогаш не ги добив, ниту пак добив одговор од нив“, изјави Врдољак.

Тој рече оти смета дека причина за оваа се „кадровските промени во канцеларијата на српскиот обвинител“, алудирајќи на назначувањето на новиот српски обвинител за воени злосторства, Снежана Станојковиќ, во мај минатата година.

Судијата Томислав Јуриша изјави дека доколку јавниот обвинител не ги добие адресите до 23 април, кога е закажано следното рочиште, обвинителот ќе мора да се откаже од овие сведоци и да ги изнесе завршните зборови, за да можат судиите да донесат пресуда.

Јуриша додаде дека ако се добие информацијата за адресите на сведоците, судот лесно ќе го организира нивното сослушување, преку видео врска од Вишиот суд во Белград.

Тој посочи дека судот испратил барање за добивање на одредени информации до канцеларијата на Интерпол во Србија, но дека никогаш не добил одговор.

БИРН, во врска со ова, упати прашање до Обвинителството за воени злосторства на Србија и до Министерството за внатрешни работи на Србија, кое е одговорно за контакти со канцеларијата на Интерпол, но до објавувањето на овој текст, не добивме одговор.

Хрватскиот министер за правда, Дражен Бошњаковиќ, и неговата српска колешка, Нела Кубуровиќ, се состанаа во петокот во Белград и се согласија дека двете земји ќе направат списоци на осомничени за воени злосторства.

Овие листи потоа ќе бидат разменети со цел да се избегнат „непријатни ситуации“ на границите, во кои може да се најдат осомничените лица, рече Бошњановиќ.

Министрите, исто така, се согласија да формираат две заеднички комисии за процесирање на воените злосторства, со цел да се избегне застојот во предметите.