Антифашистичката лига на Хрватска, во која членуваат и национални малцински групи, како што се Србите, Евреите и Ромите, вчера одржа комеморација по повод Меѓународниот ден на сеќавањето на холокаустот, еден во низата настани што се одржаа во оваа земја во последниве денови, во знак на сеќавање на холокаустот и на ослободувањето на концентрациониот логор Аушвиц-Биркенау во 1945 година.
Учесниците на комеморацијата се собраа на Плоштадот на жртвите на фашизмот во Загреб и симболично положија 75 каранфили во чест на сите жртви на нацистичка Германија и на нејзините сојузници.
Зоран Пусиќ, претседател на Антифашистичката лига, ги истакна опасностите од избегнувањето на справувањето со минатото.
„Од лекциите за холокаустот, познато е дека во едно општество зафатено со злото на антисемитизмот, се отвора вратата за прогон на другите малцинства, а од нашето искуство дека во општество во кое се поттикнува нетрпеливоста кон малцинствата по етничка или друга основа, антисемитизмот клечи во некој прикриен дел од општеството и потенцијално е секогаш присутен“, изјави Пусиќ.
Градското собрание на Загреб минатата година донесе одлука, пред главната железничка станица, да биде подигнат првиот споменик во овој град, посветен на шесте милиони Евреи, убиени од Третиот рајх.
Антифашистичката лига ја поддржува одлуката за подигнување споменик, но смета дека тој треба да биде посветен и на жртвите на Независната Држава Хрватска (НДХ), нацистичка марионетска држава, управувана од фашистичкото усташко движење, во Втората светска војна.
„Во околности на активна политика за заборавање на жртвите на усташкиот терор и фалсификување на историјата, важно е да се потенцира дека холокаустот не се случуваше некаде далеку од нашата земја и од нашата одговорност“, се вели во повикот на Антифашистичка лига.
Меѓународниот ден на сеќавање на холокаустот, со кој се одбележува сеќавањето на жртвите на геноцидот над Евреите во Втората светска војна, се одбележува од 27 јануари 2005 година, на годишнината од денот кога советските трупи влегоа во логорот Аушвиц-Биркенау во Полска.
Хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ, заедно со други владини претставници, во петокот положи венец на еврејските гробишта во Мирогој.
„Ние сакаме опоменувањето на едно вакво големо злосторство, засекогаш да им се вреже на сите во сеќавањето“, рече Пленковиќ.
На прашањето за реакциите на националните малцинства, врзано за рехабилитацијата на фашистичкото усташко движење во хрватското општество, Пленковиќ одговори оти тоа треба да се спречи.
Имено, во хрватското општество постојат поделби околу историјата на оваа земја од Втората светска војна. Така, во април 2019 година, четврта година по ред, претставниците на еврејската и на српската заедница, како и антифашистите, ја бојкотираа официјалната комеморација на жртвите од концентрациониот усташки логор Јасеновац.
Утврдено е дека усташите во Јасеновац убиле 13.111 Евреи, 47.627 Срби, 16.173 Роми и 6.229 луѓе од други националности.
Лидерите на здруженијата што ги претставуваат хрватските Евреи и Срби, тврдат дека државата не презела никакви вистински активности, за да го сопре или спречи ревизионистичкото негирање на улогата на Хрватска во холокаустот.
Во извештајот кој говори за ревизијата на холокаустот, кој е студија за начинот на кој секоја земја од Европската унија се справува со последиците од злосторствата извршени во Втората светска војна, а кој беше објавен пред една година, Хрватска се спомнува како една од најпроблематичните земји во Европа, кога е во прашање историскиот ревизионизам.
БИРН побара од претставниците на еврејската, српската и ромската заедница да ги проценат напорите на Хрватска, за одбележување на холокаустот.
„Загрижувачко“ незнаење на младите
Претседателот на координацијата на еврејските општини во Хрватска, Огњен Краус, нѐ извести дека членовите на неговата заедница, ќе присуствуваат на повеќе настани за одбележување на Меѓународниот ден на сеќавањето на холокаустот, додека тој ќе присуствува на главната комеморација во поранешниот логор Аушвиц во Полска. Тој беше присутен и на државната комеморација што се одржа во петокот.
Секоја година на пролет, Евреите го одбележуваат Денот на сеќавањето на холокаустот и на хероизмот – Јом Хашоа, истакна Краус, додавајќи дека е потребна поголема свесност за тоа што се случувало во Втората светска војна.
„Холокаустот треба да се одбележува не само на Денот на сеќавањето, туку и во образовната програма треба да се потенцира она што било и што се случувало во Втората светска војна, во нацистичка Германија и за време на НДХ“, сугерира тој.
Краус посочува оти забележал дека многу млади луѓе во Хрватска и во странство, не знаат дека холокаустот се случил, што тој го оцени како „загрижувачко“.
Тој верува дека новиот споменик на холокаустот во Загреб треба да биде посветен не само на Евреите, туку на сите оние што усташите ги убиле.
Тој изрази загриженост дека, доколку тоа не се направи, „жртвите на НДХ, која имала расни закони и свои концентрациони логори, ќе бидат ставени ‘под тепих’“.
„Аверзија“ на официјалните лице кон осудата на усташите
На вчерашната комеморација на Антифашистичката лига, покрај претставници на еврејската, присуствуваа и претставници на српската заедница во Хрватска.
Анета Владимиров од Српскиот народен совет, ја доведе во прашање посветеноста на државата да го одбележи Меѓународниот ден на сеќавањето на холокаустот, како и 5 мај, денот кога во 1945 година Германците се предадоа.
„И нѐ забележуваме дека доаѓаат (државни функционери) на Плоштадот на жртвите на фашизмот на 9 ноември, кога ја одбележуваме годишнината од Кристалната ноќ, што е важен меѓународен датум“, вели Владимиров.
„Мислам дека сегашната влада треба да вложи посистематски напори и дека комеморативните гестови, дури и кога би ги имало, едноставно не би биле доволни“, додава таа.
Владимиров потенцира дека „демократскиот потенцијал на ова општество се крши и се намалува во јасната и недвосмислена осуда на усташкиот режим и на сите оние кои денес покажуваат сочувство за тој и таков режим“.
„Вистината секогаш ќе преовладува“
Пратеникот на ромското национално малцинство, Вељко Кајтази, во петокот присуствуваше на државната комеморација на Меѓународниот ден на сеќавањето на холокаустот, но забележува дека има и поважни датуми кои хрватската ромска заедница ги одбележува, како што е, на пример, комеморацијата на жртвите од концентрациониот логор Јасеновац, во април.
Секој 2 август, од 2012 година, хрватската ромска заедница го одбележува Меѓународниот ден на сеќавањето на геноцидот над Ромите или Самударипен (масовни убиства) со комеморација во селото Уштица, каде, за време на Втората светска војна, како дел од логорскиот систем Јасеновац, се наоѓал таканаречениот „цигански логор“.
„Сите комеморации, покрај малите одбележувања на други места, се особено важни, бидејќи гласот на ревизионизмот и популистичкиот национализам се зајакнати со олеснетиот пристап во јавниот простор на радикалните групации, а најважно е, државата, односно Владата, да го задржи јасниот став за овие прашања“, вели Кајтази .
Тој забележува дека хрватската влада заедно со градот Загреб, го поддржале проектот за изградба на Ромски меморијален центар во Уштица, кој, како што информира, е во напредна фаза на градба.
„Тој (меморијалниот центар) е јасна порака за сите кои ја минимизираат жртвата на страдалничките народи и знак дека вистината секогаш ќе преовладува“, истакнува тој.
„Моја голема желба е идниот Ромски центар да стане место за собирање на помладата генерација, изложена на непроверени информации“, додаде Кајтази.