Од калливиот пат на северниот брег од реката Сава, се протега идиличен пејзаж: бујно зеленило, плажа со камчиња, небо што се отсликува во водата. Но, на втор поглед може да се види бетонски одводен канал, затскриен под гранки бршлен. Во воздухот се шири реа од канализацијата. Во плиткото се забележува кафеава пена.
За микробиологот Николина Удиковиќ Колиќ не е загрижувачко она што може да се види и помириса по горниот тек на реката, околу 15 километри од хрватската престолнина, Загреб.
Позагрижувачко е она што таа го открила во талогот околу одводниот канал, видливо само под микроскоп, што може да биде смртоносно.
„Се чувствував како детектив“, вели таа, потсетувајќи се на часовите поминати во калта од најголемата река во Хрватска, собирајќи примерок од тињата за време на едногодишната теренска работа во 2016 година.
Удиковиќ Колиќ, раководител на Лабораторијата за микробиологија и биотехнологија на животната средина при државниот институт „Руѓер Бошковиќ“ во Загреб, го документирала алармантно високото ниво на два вообичаени антибиотици: азитромицин и еритромицин.
Уште полошо, нејзиниот тим покажал дека како резултат на антибиотиците, бактериите во талогот развиле отпорност на нив, т.е. се појавила антимикробна резистентност.
Објаснето со едноставни зборови, во тињата се развиле супербактерии или микроби кои се имуни на лековите што би требало да ги уништат.
Научниците долго време предупредуваат на порастот на супербактерии, што претставуваат сериозна закана за здравјето на луѓето.
„Антимикробната резистентност е една од најзагрижувачките теми со кои се соочуваме, слично на климатските промени“, вели Јохан Бенгтсон-Палме, експерт за антимикробна резистентност на Универзитетот во Гетеборг, Шведска.
„Тоа е една од оние работи што може целосно да го смени текот на човештвото во следните сто години“.
Антимикробната резистентност е една од најзагрижувачките теми со кои се соочуваме, слично на климатските промени. Тоа е една од оние работи што може целосно да го смени текот на човештвото во следните сто години.
– Јохан Бенгтсон-Палме, Универзитет во Гетеборг
Не е тајна дека реките во светот се преплавени со антибиотици, кои се испуштаат како болнички отпадни материјали или се исфрлаат од нашите тела во градските канализациски системи.
Но, научниците сè уште се обидуваат да ги разберат генетските процеси преку кои се создаваат супербактериите, а истражувањето на институтот „Руѓер Бошковиќ“ помогнало да се пополнат празнините.
Исто така, истражувањето отворило едно вознемирувачко прашање.
Мерењата од страна на Удиковиќ Колиќ и нејзиниот тим откриле дека нивото на антибиотици е 1.000 пати повисоко од вообичаеното загадување. Ваквите концентрации би можеле да бидат само нуспроизвод од фармацевтското производство, заклучиле научниците.
Единствениот можен виновник е фабриката во околното село Савски Мароф, во сопственост на „Плива“, најголемиот производител на лекови во Хрватска.
Именувана во истражувањето на Удиковиќ Колиќ како „Компанија 1“, „Плива“ има добро документирана историја на загадување на локалните води.
Исто така, таа е единствената компанија во Хрватска овластена за производство на активната супстанција азитромицин, користејќи го еритромицинот како основна состојка, велат податоците од Агенцијата за лекови и медицински помагала (ХАЛМЕД), државен орган кој ги надгледува производителите на лекови.
Истражувањето на институтот „Руѓер Бошковиќ“ било едно од првите во кои појавата на супербактерии била поврзана со отпадот од фармацевтското производство во реките во наводно еколошки свесната Европа.
Од „Плива“, која е во сопственост на израелскиот фармацевтски гигант „Тева фармацевтски индустрии“, велат дека независните тестови покажуваат оти отпадните води се безбедни.
Властите во Хрватска се чини дека се подготвени да и веруваат на компанијата. Наместо веднаш да преземат мерки земајќи го предвид истражувањето на Удиковиќ Колиќ како причина за итна истрага, тие не презеле речиси ништо да ги проверат нејзините резултати или да го испитаат степенот на антимикробна резистентност во Сава.
Ниту пак, постои закон кој би ги обврзал да го сторат тоа. И покрај зголемената меѓународна загриженост за заканите од супербактериите, ниту еден закон во Хрватска или во ЕУ не го регулира дозволеното ниво на антибиотици во животната средина.
Експертите велат дека ваквата незаинтересираност е резултат на несериозноста за справување со заканата од супербактериите.
„Ваквите високи концентрации [како што се измерени во истражувањето на Удиковиќ Колиќ] јасно се [причина] за антимикробната резистентност“, вели Јоаким Ларсон, професор на Институтот за биомедицина при Универзитетот во Гетеборг и пионер во оваа област.
„Ако ја загадуваме животната средина со многу високи нивоа на антибиотици, ризикуваме да промовираме појава на нови форми на отпорност кај патогените“.
Загубена битка
Бидејќи антимикробната резистентност ги прави антибиотиците помалку ефикасни, болниците сè повеќе ја губат борбата против инфекции како пневмонија, туберкулоза, труење со крв, гонореја и болести поврзани со храна.
Според студијата спроведена во ноември 2018 година од страна на Европскиот центар за превенција и контрола на болести, околу 33.000 луѓе во Европската унија и во Европската економска област умираат секоја година поради инфекции со супербактерии.
Научниците велат дека злоупотребата на антибиотиците е водечка причина за антимикробна резистентност, при што микробите се претвораат во супербактерии во нашите тела затоа што, на пример, непотребно пиеме апчиња за лекување вирусни инфекции.
Но, постојат сѐ повеќе докази дека загадувањето на околината со антибиотици го зголемува нивото на антимикробна резистентност.
Кога антибиотиците завршуваат во водите преку човечки или животински отпад, концентрациите остануваат релативно ниски, обично помалку од еден микрограм на литар (μg/L).
Студиите спроведени во Азија во текот на изминатата деценија покажуваат дека овие нивоа се многу мали во споредба со концентрациите на антибиотици заради лошото пречистување на отпадните води од индустријата за производство на лекови.
Тимот на Ларсон при Универзитетот во Гетеборг во 2007 г. покажал дека концентрацијата на антибиотици во отпадните води од околу 90 производствени единици во индискиот индустриски град Патанчеру ги надминале концентрациите што ги има во крвта на едно лице што го зема лекот.
Нивоата на антибиотикот ципрофлоксацин биле милион пати повисоки отколку што обично се наоѓаат во прочистените отпадни води од градската канализација. Доколку би можело да се собере целото количество на ципрофлоксацин што течело во водите на Патанчеру во еден ден, би имало доволно лекови за лекување на 44,000 луѓе.
Научниците подоцна откриле слично високи концентрации и во водите на Кина, Јужна Кореја и Пакистан, земји познати по слабата контрола врз животната средина.
Запрашан за истражувањето на Удиковиќ Колиќ во Хрватска, Ларсон рекол дека е „многу квалитетно“.
„И да, тоа покажува дека во Европа, исто така, има големо загадување од производството на лекови“, вели тој.
Нема случајност
Удиковиќ Колиќ, 41-годишна поранешна стипендистка на програмата Фулбрајт, немала намера да започне војна против големата фармацевтска индустрија во 2016 година.
Полна со идеи по неодамна завршените постдокторски студии на универзитетот Јеил, каде специјализирала методологија позната како функционална метагеномија, таа сакала да ги истражи можните врски помеѓу антибиотиците во животната средина и гените отпорни на антибиотици.
Нејзиниот избор на место каде би можела да го истражува загадувањето не било случајно. Колегите од институтот „Руѓер Бошковиќ“ веќе откриле високи концентрации на азитромицин и еритромицин во таа област за време на истражувањето спроведено меѓу 2006 и 2008 година.
Во тоа време, „Плива“ и две други компании во Савски Мароф биле вмешани во скандал со загадување по неколку годишното исфрлање на отпадни води во околните реки, вклучувајќи ја и Горјак, мала река, притока на Сава, која локалното население ја нарекувала „смрдлива“.
Другите две компании биле францускиот производител на квасец „Квасац“ и американскиот производител на лекови „Хоспира“.
Ружа Катиќ, активист и поранешен локален политичар од блиската општина Запрешиќ, се потсетила на долгата и горчлива борба што ја воделе за да ги натераат компаниите да го исчистат Горјак.
„Беше толку тешко да се убедат локалните власти и Министерството за животна средина да ги користат достапните законски регулативи за да ги спречат овие компании да ја загадуваат областа“, вели таа.
Беше толку тешко да се убедат локалните власти и Министерството за животна средина да ги користат достапните законски регулативи за да ги спречат овие компании да ја загадуваат областа.
– Ружа Катиќ, активист за заштита на животната средина
Работите конечно започнале да се менуваат откако Министерството за земјоделство поднело кривична пријава против „Плива“ и „Квасац“ во 2007 година.
Компаниите започнале со пренасочување на отпадните води кон градската канализациска мрежа во Запрешиќ, каде што биле третирани во централната пречистителна станица ЦУП Зајарки.
Станицата не е опремена да се справи со загадување од антибиотици. Но, во 2014 година, „Плива“ инвестирала повеќе од 13 милиони евра во сопствена пречистителна станица, што вклучувала мембрански биореактор, најнова технологија за отстранување на активните фармацевтски супстанции од отпадните води.
Оттогаш, компанијата вели дека сите отпадни води се третираат на лице место пред да се пуштат во канализационата мрежа, и повторно се пречистуваат во ЦУП Зајарки и се испуштаат во Сава преку два одводни канали оддалечени околу еден километар.
Удиковиќ Колиќ избра еден од овие одводни канали за нејзината теренска работа во 2016 година. Таа и нејзиниот тим тестирале вода и талог во текот на целата година, вклучително и за време на викендите и празниците.
Ако мембранскиот биореактор на „Плива“ ја вршел својата работа, нивото на антибиотици требало да биде занемарливо.
Но, во голем број наврати во текот на зимата и пролетта 2016 година, нејзиниот тим открил високи концентрации на азитромицин и два макролидни нуспроизводи на антибиотици од производството на азитромицин.
Општинското комунално претпријатие за водоснабдување и канализација во Запрешиќ потврдило дека „Плива“ и „Хоспира“ се единствените фармацевтски фирми што испуштаат отпадни води во комуналниот систем за отпадни води.
Но, бидејќи „Хоспира“ никогаш не ја произведувала активната супстанција азитромицин, факт потврден од државната агенција ХАЛМЕД, загадувањето со антибиотици можело да потекнува само од „Плива“.
Резултатите на тимот, за првпат објавени следната година во списанието „Истражување на водите“, откриле нивоа до 10.5 mg/L – односно 1.000 пати повисоки отколку што обично се наоѓаат во третираните болнички и отпадни води.
Па дури и неколку километри низводно, концентрациите биле за 20 пати поголеми. Контролните тестови низводно потврдиле дека загадувањето не можело да дојде од друго место од горниот тек на реката.
„Овие наоди заедно со високите нивоа на органски, фосфорни и нитратни соединенија откриени во отпадните води укажуваат на незадоволителниот третман на отпадни води на ‘Компанијата 1’ и за нивно неовластено испуштање“, напишал тимот во нивното истражување.
Нешто друго, исто така, го привлекло нивното внимание: необичниот тајминг на наодите.
„Во работните денови како вторник или четврток, концентрациите биле ниски, но примероците земени во сабота попладне или на празници имале навистина високи концентрации на азитромицин и нуспроизводи од неговата синтеза“, се сеќава Удиковиќ Колиќ.
Тајмингот ги поттикнал шпекулациите дека Плива можеби не го користела својот скап мембрански биореактор цело време, веројатно за да заштеди на оперативните трошоци, иако компанијата тоа го негира…
‘Хрватите не трујат’
Позастрашувачки од антибиотиците биле супербактериите пронајдени во талогот.
Тимот на Удиковиќ Колиќ открил големи количини бактерии отпорни на азитромицин, кој како најпопуларен антибиотик во Хрватска се користи за лекување на сè, од инфекции на внатрешното уво до сексуално преносливи болести.
Експертите велат дека антимикробната резистентност го прави азитромицинот помалку ефикасен во хрватските болници, па сега со антибиотикот не може да се лекува инфекцијата предизвикана од бактеријата „пневмококи“ во 30 проценти од случаите.
Теренската работа помогнала да се објасни како „се шири“ антимикробната резистентност.
„Способноста на бактериите да си ги разменуваат гените е еден од основните фактори што ја прават изложеноста на антибиотици во животната средина опасна“, вели Бенгтсон-Палме од Универзитетот во Гетеборг, коментирајќи го истражувањето на Удиковиќ Колиќ.
Способноста на бактериите да си ги разменуваат гените е еден од основните фактори што ја прават изложеноста на антибиотици во животната средина опасна.
– Бенгтсон-Палме од Универзитетот во Гетеборг
„Ако имате високи концентрации на антибиотици, како што е случај во студијата од лабораторијата на Николина, чувствителните видови и соеви на бактерии ќе умрат. Оние што ќе преживеат ќе бидат поотпорни.
„Преживеаните бактерии можат да ги шират отпорните гени на други бактерии, бидејќи тие се навистина добри во разменување гени. Ако се во стресни ситуации, тие реагираат велејќи: „Еј соседи, сакате дел од моите гени?“
„И ако тие отпорни гени се шират на бактериите кои ги предизвикуваат болестите, тоа значи дека имаме клинички проблем“.
Удиковиќ Колиќ и нејзините колеги наишле на таков проблем.
Лабораториските експерименти покажале дека голем број од отпорните гени во седиментот по течението на реката сѐ повеќе ја „пренесувале“ антимикробната резистентност на патогени како што е ешерихија коли, што честопати е причина за уринарни и цревни инфекции.
Научниците велат дека супербактериите и гените одговорни за нив можат да се шират во нашите тела од реките или езерата преку внесување вода, јадење риба или преку учество во слободни активности, како пливање.
Иако не е лесно да се докаже директната врска помеѓу инфекциите со супербактерии и загадувањето на животната средина со антибиотици „клинички сомнителните случаи го забележале тоа“, вели Кристоф Лоберт, раководител на Секторот за заразни болести и тропска медицина при Универзитетската болница во Лајпциг.
Дури и индиректната врска може да биде опасна, вели Арјана Тамбиќ Андрашевиќ, шеф на одделот за бактериологија и болнички инфекции при Универзитетската болница за заразни болести, д-р Фран Михалјевиќ во Загреб.
Тамбиќ Андрашевиќ го дава примерот со бактеријата ешерихија коли, која развива отпорност на класата антибиотици познати како цефалоспорини по доаѓањето во контакт со клувера, бактерија која ретко предизвикува инфекции, но често ја има во резервоари и отпадни води во животната средина.
Повисоките концентрации на антибиотикот се покажале како штетни и за екосистемот. Тимот на Удиковиќ Колиќ открил дека загадените отпадни води можат да предизвикаат абнормалности кај ембрионите, како на пример, на рибата „зебра“.
Тимот на институтот „Руѓер Бошковиќ“ ги објавил своите наоди во четири различни научни списанија во текот на наредните три години, а резултатите станале референца за најмалку две големи меѓународни студии. Во 2017 година, медиумите во Хрватска кратко известиле за истражувањето, фокусирајќи се на прашањето за загадување од антибиотиците.
Дури и медиумите во соседна Србија ја презеле приказната, алармирани од можноста дека антибиотици течат низ реката што ја преминува границата и се влева во Дунав во српската престолнина, Белград.
„Хрватите нè трујат“, пишувало во насловот на еден таблоид.
И покрај вниманието на медиумите, хрватските власти допрва треба да започнат некаква истрага за наодите на Удиковиќ Колиќ.
‘Независен’ мониторинг
Институтот „Руѓер Бошковиќ“ не тестирал примероци од талог од 2016 година, а БИРН не можеше самостојно да го провери нивото на антибиотици во Сава денес.
„Плива“ го одбила барањето на БИРН за интервју, но во соопштението пишувало дека нејзините отпадни води не можеле да предизвикаат загадување со антибиотици, како што покажало истражувањето на тимот на Удиковиќ Колиќ.
„Нагласуваме дека ‘Плива’ редовно зема примероци на отпадните води од својата постројка каде се одвива производството во Савски Мароф и спроведува континуиран мониторинг што покажува дека сите пропишани параметри се во дозволените граници“, се вели во изјавата.
„Следењето, исто така, редовно се врши од независни лаборатории според методи строго специфицирани од овластени институции, а собраните параметри ги исполнуваат сите пропишани норми и се во дозволените граници“.
Министерството за животна средина одбило да одговори на прашањата во врска со наодите на институтот „Руѓер Бошковиќ“ или политиките на Хрватска за следење на водите, упатувајќи го БИРН да се обрати до „Хрватске воде“, државното водоводно претпријатие и до Државниот инспекторат на Хрватска, тело одговорно за следење на работата на државните институции.
Според инспекторатот, последниот генерален преглед на системот за третман на отпадни води во „Плива“ се случил на крајот од 2018 година, без забележани неправилности.
Но, кога станува збор за контрола на нивото на антибиотици во отпадните води, државните институции се потпираат на мерењата што ги спроведува Националната лабораторија за здравство, животна средина и храна во Марибор, Словенија, нарачани од самата „Плива“.
„Нема лабораторија во Хрватска овластена да анализира антибиотици“, се вели во изјавата на инспекторатот.
Експертите велат дека потпирањето на оваа лабораторија ги отвора прашањата околу независноста и вистинската точност на резултатите од мерењата. Исто така, треба да се знае дека тестирањето не се спроведува случајно и без предупредување.
Според инспекторатот, лабораторијата од Марибор врши мерења шест пати годишно на истите две места.
Првото е на местото каде отпадните води од „Плива“ се влеваат во комуналната канализација. Второто е на реката Горјак, која компанијата веќе не ја користи за испуштање отпадни води од своето фармацевтско производство.
Ниту едно од овие места не се близу до местото каде научниците од институтот „Руѓер Бошковиќ“ забележале високи концентрации на антибиотици во 2016 година.
„Плива“ одби да ги сподели податоците од словенечката лабораторија, иако рече дека резултатите „потврдуваат оти концентрациите на антибиотици се секогаш под границата“.
Лабораторијата од Марибор, исто така, одбила да ги сподели резултатите. Портпаролката за БИРН изјавила дека набљудувањето го нарачало „Плива“, па и податоците биле во сопственост на „Плива“.
Државниот инспекторат на Хрватска не одговорило на барањето на БИРН за доставување на деталните резултати од лабораторијата во Марибор.
„Очигледно, не е доволно што компанијата сама си го нарачува земањето мостри, туку таа е и сопственик на податоците“, вели иронично Ларсон од Универзитетот во Гетеборг, на прашањето како следењето на работата на „Плива“ е во согласност со најдобрите практики на глобално ниво.
Тој вели дека подобар систем би било доколку во отпадните води се постават таканаречените „пасивни семплери“, уреди или организми дизајнирани да ги фатат хемиските загадувачи во околината во тек на одреден временски период.
„Иако не се многу квантитативни, тие можат да откријат дали имало повремени истекувања во периодот кога биле ставени“, вели тој, додавајќи дека е задолжителна „целосна транспарентност“ на методологијата за земање мостри и анализа.
„Се чини дека се потребни некакви инспекции на лице место“, заклучил Ларсон.
Без законски ограничувања
Освен подоброто следење, експертите велат дека вистинското прашање е регулативата, бидејќи не постојат законски ограничувања за нивото на антибиотици во животната средина, што значи дека производителите на лекови можат, во теорија, да загадуваат заради неказнивоста.
„Стандардите за квалитет на водната средина во однос на макролидните антибиотици (вклучително и азитромицин и еритромицин) не се дефинирани во законите на Хрватска или на ЕУ“, се вели во соопштението од државниот водовод, „Хрватске воде“.
Ниту пак постојат регулативи за нивото на антибиотици во отпадните води од производството.
Во извештајот за 2018 година на Центарот за контрола и превенција на болести на САД, Мрежата за наука и иновации во Велика Британија и „Велкам траст“, експертите предупредуваат на опасностите од премалку информации за антимикробната резистентност во животната средина и за производството на антибиотици воопшто.
Не само што нема многу објавени податоци за обемот на активни фармацевтски состојки што се произведуваат на глобално ниво секоја година, ниту пак каде се произведуваат состојките, туку не постојат ниту меѓународни стандарди за границите на антимикроби во отпадните води, велат тие.
„Поточно, потребна е поголема јасност за ризикот по здравјето на човекот, со цел да се даде приоритет на дејствијата што треба да се преземат“, се вели во извештајот.
Првата независна проценка за тоа како производителите на лекови реагираат на заканата од антимикробна резистентност била спроведена минатата година од страна на фондацијата „Пристап до лекови“, холандска непрофитна организација, која лобира фармацевтската индустрија да направи повеќе за сиромашните.
Таа покажала дека само осум од 30 анкетирани компании поставиле ограничувања на антибиотиците кои се испуштаат во животната средина и ниту една не ги објавила количествата што всушност ги испуштаат.
„Регулаторните власти во ЕУ не бараат да се споделат овие информации“, изјавила за БИРН Сузан Волф, директор за комуникации во фондацијата „Пристап до лекови“.
Во Шведска, која е предводник во Европа за таргетирање на причините што доведуваат до антимикробна резистентност во животната средина, владата ја задолжила Шведската агенција за медицински производи (МПА) да лобира на ниво на ЕУ за построги контроли во однос на загадувањето на животната средина од производството на лекови.
Постојните регулативи го опфаќаат квалитетот и безбедноста на лековите, но не и емисиите од фабриките, вели Киа Салин, стратег за животна средина во МПА.
„Фармацевтската индустрија е многу против оваа имплементација“, вели Салин. „Тие дури и рекоа дека доброволно ќе го проверат ова, но сепак има докази за високите нивоа на фармацевтски материи во околина на производните места, во и надвор од Европа“.
Фармацевтската индустрија е многу против оваа имплементација.
– Киа Салин, Шведска агенција за медицински производи
Запрашана за состојбата во Хрватска, Салин ја истакна важноста од независно следење на емисиите од компаниите за производство на лекови.
„Во фокусот треба да биде независноста“, вели таа. „Неколку години се расправавме за ова, на неколку семинари на меѓународно ниво и ништо не се смени. Индустријата е постојано против тоа“.
Со оглед на вакуумот од информации и политика, оставено е на научниците и истражувачите да се обидат да се справат со проблемот.
Во мај, најголемата глобална студија од ваков вид ги измерила концентрациите на антибиотици во 200 реки во 90 земји.
Алистер Боксал, научник за животна средина на Универзитетот во Јорк, кој ја координирал студијата, изјавил за БИРН дека загадувањето од производството било јасно откриено во некои африкански и азиски земји, но не толку во европските реки.
Сепак, некои европски локации, како што е каналот на Дунав во Виена, има „прилично високи“ нивоа на антибиотици, вели тој.
„Ги споредивме концентрациите со предложените безбедни прагови во однос на ризикот за развој на антимикробна отпорност и имаше некои места во Европа кои ги надминуваат овие прагови“, вели тој, додавајќи дека европските податоци сè уште се анализираат.
Во март, Европската комисија усвои Стратешки пристап за фармацевтски производи во животната средина, препорачувајќи да се преземат шест активности, вклучително и собирање подобри податоци, намалување на емисиите од производството и подобрување на третманот на отпадни води.
Но, Волф од фондацијата „Пристап до медицина“ вели: „Ако не се регулираат идентификуваните дејства, големи се шансите проблемот да не се подобри“.
За Салин од МПА, стратегијата на комисијата била разочарувачка.
„Нема вистински предлог за тоа како да се справиме со проблемот“, вели таа. „Повеќе се однесува на тоа како треба да разговараме за ова прашање по уште една деценија“.
Бенгтсон-Палме од Универзитетот во Гетеборг вели дека претставува голема фрустрација што загадувањето на животната средина е најлесниот дел од сложувалката за справување со супербактериите.
„Срединските причинители за антимикробната резистентност играат помала улога, за разлика од злоупотребата на антибиотиците во јавното здравство и земјоделството“, вели тој. „Но, испуштањето антибиотици во околината без причина, освен што е малку поевтино, не носи никаква корист“.
Во 2015 година, тој и неговиот колега Ларсон создале список на „гранични“ концентрации за повеќе од 100 антибиотици доволно високи за да предизвикаат антимикробна отпорност. Идејата била да им се помогне на регулаторите да ги идентификуваат нивоата кога загадувањето со антибиотици станува опасно.
„Ако не можеме да сториме нешто околу тоа, не можам да замислам дека ќе можеме да сториме нешто за прекумерното користење на антибиотици, каде не станува збор само за пари, туку и за животот на луѓето и животните“, вели тој.