Регион

За деминерите во БиХ, надежта е посилна од стравот

Деминерите од Босна и Херцеговина раскажуваат за нивното секојдневно соочување со смртта

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Во 14:41 часот, Врана ми испрати уште една порака: „Во ред е… штотуку влегов во мојата канцеларија и Ве чекам“.

Секојдневната работа на деминерот може да биде непредвидлива, објаснува тој, додека ми додава турско кафе во мал филџан во бакарен сад.

„Денеска мислев дека ќе дојдам во канцеларија и ќе го завршам годишниот извештај … дека ќе проверам е-пошта, ќе напишам неколку писма … и тогаш имавме ситуација на теренот … и тоа не беше просечен ден“.

Канцеларијата на Врана во Федералната управа за цивилна заштита (ФУЦЗ) во Сараево, полна со украси и убави спомени, изгледа скоро како и секоја друга што ја користи државен службеник.

На огласната табла стојат уредно прикачени документи, во аголот на неговото биро стои пластична кукла на Снупи и врамена фотографија на неговата сопруга, а на ѕидот се наоѓаат неколку фотографии од Врана и неговите колеги. Гранатата од 90 мм поставена пред неговото биро покажува дека неговата работа не е типична.

„Не ми се допаѓаат стерилни простори“, објаснува тој, приметувајќи дека гледам во низата 20 и 40 милиметарски противвоздушни куршуми, поставени на малата маса спроти неговото биро.

На металниот кабинет со фиоки се наоѓаат предмети на смртта: четири противпешадиски мини, две минофрлачки гранати, рачна граната и неколку проектили, кои Врана самиот ги деактивирал.

Сепак, и покрај огромниот број на предмети за убиство во неговата канцеларија, Врана е смирен и секој збор го изговара со елегантна точност и прецизност, кои се толку потребни во неговата работа.

Луѓето како Врана ѝ се потребни на Босна и Херцеговина, која 25 години по војната (1992-1995) и натаму е една од земјите со најголема контаминација со мини во светот.

Процесот на деминирање започна по војната, но се проценува дека сè уште има 79.000 мини и други неексплодирани средства на повеќе од 1.000 квадратни километри од територијата на оваа држава.

Над половина милион жители на БиХ, поради ова, се директно загрозени. Секоја година, поради експлозија на овие остатоци од војната, гинат невини луѓе или се здобиваат со повреди.

„Знам дека сум направил нешто што вреди

Деминерот, Сеад Врана, во својата канцеларија во Сараево. Фото: ФУЦЗ/Инстаграм

Сеад Врана дипломирал јужнословенска литература на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Сараево. Тој е поет кој има издадено збирка поезија, со амбиции да докторира. Но, тој, исто така, е и најискусниот деминер во БиХ и шеф на одделот за неексплодирани средства во ФУЦЗ.

За време на војната, во 1993 година, само еден месец пред неговиот 18-ти роденден, Врана доброволно се пријавил да ја деминира својата прва нагазна мина. Таа била откриена пет или шест метри од непријателската војска и Врана, кој не сакал да има посебен третман како најмлад војник во неговата единица, ја искористил можноста да покаже што може да направи.

Недолго по успешното деактивирање на мината, Врана почнал да се тресе: „Почнав во главата да го враќам филмот и сватив дека она што го направив можеше да ме чини живот“, се сеќава тој. „И си реков себеси: Никогаш повеќе нема да го сторам ова“. Но, тој повторно го сторил.

По завршувањето на војната, невработениот и недообразован Врана, кој веќе ја покажал умешноста во деактивирање на експлозиви, започнал да работи како деминер. Во исто време, се запишал и на студии по јужнословенска книжевност, за која се интересирал уште пред војната.

Врана, кого неговата 10-годишна ќерка го нарекува „Убиец на бомби“, а неговите колеги „Доктор за бомби“, носи во себе силно чувство за целисходност и исполнетост, затоа што придонесува за поголема безбедност на своите сограѓани.

„Оваа работа ја исполнува мојата потреба да бидам корисен, и знам дека сум корисен на многу конкретен начин“, вели тој. „Кога онеспособувам 500 килограми тешка бомба во центарот на градот или … заборавено оружје некаде во шумата, каде што била линијата на фронтот, знам дека сум направил нешто што вреди“.

Само минатата година, Врана и деминерите од ФУЦЗ, успешно онеспособиле 2.645 неексплодирани средства и 1.310 нагазни мини. А со оглед дека една мина може да убие во пречник од 50 метри од местото на кое е поставена, и да нанесе тешки повреди во пречник од 100 метри, работата на Врана и на неговиот тим е колку потребна, толку и благородна.

„На децата им треба безбедно опкружување“

Експлозивните направи што Сеад Врана и неговиот тим успешно ги отстранија од миграцискиот центар во Блажуј, крај Сараево. Фото: ФУЦЗ/Инстаграм.

Фотографот, Роко Рорандели, кој, за протребите на својот проект „Мини, бескрајна војна“, поминал извесно време со жртви на мини, вели дека еден од најтажните аспекти на оваа ситуација е тоа што „кога налетуваат на мини, тие обично се поставени на терен по кој тие претходно оделе, што е сосема неочекуван пресврт“.

Мините и неексплодираните средства, сè уште се закана за Сараево и околните општини, поради што Нермин Хаџимујагиќ, директор на Центарот за обука на кучиња за откривање на мини на БиХ, го започна проектот „Сараево без мини 2020 година“, кој има за цел да го исчисти Сараево од неексплодирани средства до крајот на септември оваа година.

„Безбедноста е многу важна за нашите граѓани“, објаснува Хаџимујагиќ. „Имаме деца, тие шетаат наоколу и им треба безбедно опкружување“.

Меѓународниот експерт за траума, професорот, Александар Мекфарлан, посочува дека деминерите се изложени на психолошката траума, поради „постојаниот страв дека кога деактивираат мина, и самите можат да станат жртва“.

И покрај постојаната изложеност на ситуации опасни по живот, кои траат речиси три децении, Врана изгледа безгрижно. Трепкајќи со очите, ми кажува за разговор што еднаш го водел со сопругата, која не била среќна што тој не знае да ги среди работите околу куќата.

„Секој друг маж знае како да ги среди работите во домаќинството, а ти не знаеш“, се пожалила неговата сопруга. „Во ред, да, но ние не користиме никакви експлозиви во куќата“, ѝ одговорил тој.

На прашањето како се помирил со фактот што има семејство, а се занимава со толку опасна професија, Врана издишува, а радоста на неговото лице ја снемува.

„Да не беше животното осигурување, јас не би се занимавал со оваа работа, иако многу ја сакам“, ни вели тој. „Само заради мојата ќерка. Така знам дека ако нешто се случи со мене, тие нема да мораат да се борат во животот“.

„Во оваа работа, не постои можност за проба и грешка, само за проба“, вели тој.

„Ова е хумана работа“

Ферхат Љуца во ФУЦЗ во Сараево. Фото: Миа Јаманоучи.

Во конференциската сала на ФУЦЗ, со рацете вкрстени над градите, седи Ферхат Љуца, облечен во својата темно сина униформа, климајќи со главата додека внимателно ги слуша поставените прашања.

Љуца е татко на три деца, сака скара и мрази висина. Тој е контролор на квалитетот на деминирањето при ФУЦЗ и уште како тинејџер работел на расчистување на мините.

Растел без мајка и татко, неговото детство никогаш не му пружило можност да сонува што ќе биде кога ќе порасне.

„Имав многу тежок живот“, се сеќава тој. „Гледам како моите деца велат, ‘Сакам да бидам пожарникар, сакам да бидам лекар’“. Љуца ја немал оваа можност: „Отсекогаш мислев, ќе бидам добар човек“.

А она со што тој ќе се занимава, почнало да се насетува уште кога започнала војната. „Војната ме затече кога имав 15, 16 години … Имав години да бидам војник … но сето тоа беше принудно и така станав тој што сум … тоа е периодот во кој прв пат се запознав со мините“.

Тој посочува дека деминерите се „добри луѓе, секогаш во добро расположение – не можете да бидете нетрпеливи или лути во оваа работа“.

„Наидуваме на разни работи … човек без глава, растргнат … се распаѓа … црева … распарчени тела“, објаснува тој. „Но, ние мора да го издржиме сето тоа“, вели тој и додава: „А што друго можете да направите?“.

„Ако некој ми даде компјутер да работам секој ден помеѓу 8 и 16 часот, јас не би можел да го работам тоа“, нагласува тој. „Ова е хумана работа, ја елиминирате опасноста некое дете, човек, добиток, да настрадаат … Едноставно се вљубувате во оваа работа, јас не знам што друго би работел“.

И покрај очигледната страст кон својата работа и неговата навидум висока толеранција кон емоционалната вознемиреност, Љуца признава дека не е психолошки имун на она на што сведочи при работата.

„Не можам да кажам дека не е страшно. Вие работите некоја работа … може да се случи да не можам да јадам неколку часа … Не можам да ги измијам рацете од лошото чувство“, вели тој.

Ни раскажува за инцидент што се случил во градот Олово пред неколку години, кој сè уште не може да го избрише од главата. Инцидентот се случил кога еден татко, заедно со неговиот 12-годишен син, влегол во шума во која имало мини, за да собере дрва за огрев.

„Додека сечел дрво во минското поле, детето се играло“, се сеќава Љуца. „Дошло до експлозија … и малиот загина“.

Кога Љуца и неговиот тим пристигнале на местото на настанот, забележале мала количка, со која таткото и синот планирале да ги однесат дрвата дома.

„Човекот немал пари да купи дрва за огрев, па го зел своето дете со себе во шума … и сега, што нему му значи животот?“.

Љуца објаснува дека свесноста за мините има интегрална улога во мисијата на БиХ да ги заштити своите граѓани од мини.

Тој ни раскажува за повик кој пред околу една година дошол од сараевската  населба Хаџиќи, кога три момчиња, на возраст од 12 до 13 години, случајно влегле во минско поле, бегајќи од куче.

„Тие поминале низ едукација за опасностите од мини, па кога го виделе знакот за предупредување од мини, еден од нив го повикал својот татко на телефон … Неговиот татко му рекол: ‘Останете таму, не се движете’, а потоа тој нам ни се јави“, вели Љуца.

Кога тој и неговите колеги пристигнале на теренот, момчињата стоеле на истото место цели три часа, точно како што учеле на обуката на Центарот за обука на кучиња за откривање на мини на БиХ.

Овие момчиња сега се активисти за подигање на свеста за мините, истакнува Марија Трлин, една од инструкторите за обука при центарот. „Ние, всушност, добивме повратна информација од нив, бидејќи тие се сетија на она што сме им го кажале и на тој начин успеале да се спасат“.

„Ајде да ја направиме утрешнината поубава

Милан Чворо. Фото: Миа Јаманоучи.

И покрај тоа што оваа професија за резултат има спасени животи, деминерите се сепак потенцијални жртви.

„Деминерите прават само две грешки во кариерата“, вели Љуца. „Првата е кога ќе станат деминери, а втората е кога ќе загинат“.

Според Светлана Лулеџија, портпарол на Центарот за отстранување на мини во БиХ (БХМАК), од крајот на војната до денес, со траен инвалидитет се здобил 131 деминер, додека 54 загинале, меѓу кои и двајца искусни деминери во градот Куперс, минатата година.

Откако слушнал дека загинале, 31-годишниот Милан Чворо, кој штотуку започнал да работи како деминер, неколку дена барал можни објаснувања во својата глава. „Фактот дека тие имаа долгогодишно искуство, покрена прашањата – Како? Што? “, ни вели тој.

Кога Чворо во 2014 година го завршил правниот факултет, тој не замислувал дека неговото работно место ќе биде минското поле.

„Бев заинтересиран за кривично и семејно право, сонував за судницата, да донесувам важни одлуки“, се сеќава тој. Но, бидејќи откако го положил правосудниот испит не можел да добие работата во својата струка, тој решил да побара нешто друго.

Тој работел сè, од утринско доставување на леб, до малопродажба, угостителство, пружање услуги на клиенти, но ништо не му дало чувство дека придонесува, а тој копнеел по тоа.

Тогаш, пред осум месеци, откако го завршил курсот за деминирање организиран од Армијата на БиХ, тој ја искористил можноста да направи нешто поразлично.

„Одлучив да го направам она што е до мене … да поправам нешто, да се почувствувам корисно”, вели тој. „Сите посакуваме нашите животи да одат во насоката што сме ја замислиле, но ајде да сториме нешто додека не дојде таа работа, да ја направиме утрешнината поубава“.

Неговата работа бара тој да влегува во подрачја контаминирани со мини, во потрага по неексплодирани средства. Откако ќе изврши проверка, тој со  ножиците внимателно ги сече растенијата и грмушките до височина од пет сантиметри, врши визуелна инспекција, а потоа и темелна проверка, со скенирање на тлото со метален детектор.

Ако се слушне силен сигнал, користи метална игла за деминирање, за да почувствува каде точно се наоѓа експлозивот, а потоа пред него копа дупка од 15 сантиметри. Штом ќе го лоцира експлозивот, Чворо го оградува местото со колци и црвена лента и се усогласува со луѓето како Врана и Љуца за начинот на негово отстранување и уништување.

Кога почнал да работи, првиот ден, добил задача на терен по кој никој не се движел повеќе од 20 години. Вториот ден, тој открил противтенковска мина ТМА-3. Тогаш, вели тој, зажалил за сите работи што сакал, а не ги направил во животот, и се сетил на сите луѓе на кои сакал да им каже нешто, но не им кажал.

Кога мајката на Чвото дознала за одлуката на нејзиниот син да работи како деминер, таа била сериозно загрижена. „Зарем навистина мораш тоа да го работиш?“, го прашала таа. „Зарем не можеш да работиш ништо друго?“.

Но, за Чворо, да се биде деминер имало значење, поради сознанието дека помага да се создаде подобро утре за неговата земја.

„Мојата работа уште повеќе ме исполнува кога ќе видам дека работите што ги правам се корисни за иднината на мојот внук, сосед или друга личност … и дури и тогаш кога никој тоа не го гледа, доволно ми е јас тоа да го почувствувам“, објаснува тој.

Тој имал само три години кога избувнала војната, но верува дека секој поединец треба да придонесе кон позитивни промени.

„До нас е да сториме што можеме, за нам, на нашите деца и на другите, Босна да ни биде поубава“, нагласува тој. „Зошто да не дадеме дел од себе, во обид да оставиме нешто зад нас … барем некаква трага?“.

Откако станал деминер, Чворо уште повеќе му се посветил на семејството и секогаш кога ќе се врати од терен, се труди да им испрати порака.

„Имам две сестри со кои постојано се слушам, затоа што никогаш не знаете што носи денот и со какви опасности можете да се соочите“, потенцира Чворо и додава: „Секој пат кога ќе го напуштиме местото на кое што работиме, ние велиме ‘фала му на бога’“.