Присуството на луѓе што носеа амблем на паравоените ХОС, кои делуваа во 90-тите години, на официјалната комеморација одржана минатиот петок по повод одбележувањето на 25-годишнината од операцијата на Хрватската војска (ХВ), Блесок, повторно отвори дебата за ХОС и за нивната улога во поновата историја на земјата.
Хрватскиот претседател, Зоран Милановиќ, го напушти настанот, затоа што амблемот на ХОС, што официјално поканети лица на комеморацијата го носеа на своите маици, го вклучува и усташкиот поздрав „За дом спремни“. За време на Втората светска војна, усташите беа нацистички сојузници и тие донесоа расистички закони насочени кон Србите, Евреите и Ромите.
Во последната деценија, здруженијата на ветераните на ХОС, кои некогаш беа гласни критичари на претседателот Фрањо Туѓман и неговата ХДЗ, станаа поддржувачи на ХДЗ. Десничарското крило во оваа партија, ги користи овие здруженија за промовирање на антисрпска реторика и ревизионизам на историјата од Втората светска војна, во замена за институционална поддршка.
Ветераните на ХОС бараат да бидат почитувани како и другите воени ветерани од 1990-тите години, без да им се припишува дека се усташки симпатизери, иако тие самите ја создадоа таа перцепција заради симболите што ги користат.
„Бранители на татковината“
Пред првите повеќепартиски избори во Хрватска, во април 1990 година, младиот антикомунистички активист, Доброслав Парага, собра група на луѓе, со кои повторно ја формираше Хрватската партија на правата (ХПП), која, кога прв пат постоела, била националистичко либерална партија, која во 1929 година ја забрани југословенскиот крал, Александар Караѓорѓевиќ. Парага стана претседател на ХПП, а Анте Параџик, исто така антикомунистички дисидент, нејзин потпретседател.
Како што се приближуваше војната во 1990-1991 година, ХПП стана жесток критичар на хрватското политичко раководство и на претседателот Туѓман. Бидејќи хрватските власти не покренаа општа воена мобилизација, ХПП во јули 1991 година, објави дека формира свои вооружени сили за одбрана на земјата, наречени Хрватска одбранбена алијанса, чие име наскоро беше сменето во Хрватски одбранбени сили.
ХОС функционираа како воено крило на партијата, Парага беше нивен врховен командант, а Параџик беше началник на штабот на ХОС.
Како резултат на договорот меѓу Парага и тогашниот словенечки министер за одбрана, Јанез Јанша (денес премиер на Словенија), првите 80 припадници на ХОС, беа вооружени и обучени од словенечката воена единица МОРИС, во тренинг центарот во Кочевска Река, во близина на границата со Хрватска.
Подоцна, ХПП организираше два кампа на хрватска територија, главно финансирани од хрватската дијаспора.
Негување на усташкото наследството
Ветерани на деветтиот баталјон на ХОС, „Рафаел витез Бобан“, во април 2018 година во Сплит, на одбележувањето на 27-годишнината од формирањето на овој баталјон. Фото: Свен Милекиќ
Освен ХПП, и ХОС ги негуваше усташките симболи. Акронимот на ХОС потсетуваше на оној на усташките вооружени сили од 1944 до 1945 година.Доброволците на ХОС мораа да положат заклетва, што потсетува на заклетвата што ја давале припадниците на усташкото движењето, додека на членската картичка на ХОС, се наоѓаше картата на Независна Држава Хрватска (НДХ), што ја водеа усташите. Членството во ХПП не беше предуслов за пристапување во ХОС, иако подоцна многумина станаа членови на партијата.
Војниците на ХОС го користеа поздравот „За дом спремни“, како свој официјален поздрав, понекогаш придружуван со нацистичко салутирање. Зборовите, „За дом спремни“, станаа дел од грбот на ХОС, кој потсетува на оној на знамето на НДХ.
Иако оригиналниот грб на ХОС, не ја содржеше буквата „У“, како референца за усташите, една од нејзините единици во Босна и Херцеговина, сепак ја содржеше оваа буква. Единиците честопати беа именувани по усташките команданти, како што се Рафаел Бобан и Јуре Францетиќ.
За време и по војната, ХОС честопати парадираа во црни усташки униформи, пеејќи усташки песни и одбележувајќи го 10 април, денот кога во 1941 година беше основана НДХ.
Како и ХПП, и ХОС беа горди на нивниот милитантен национализам, антикомунизам и антијугословенски сентиментализам. Тие го отфрлија антифашистичкото наследство на земјата, припишувајќи му го на југословенскиот комунизам.
ХОС ја сметаа Босна за најважна хрватска територија, а Бошњаците за Хрвати со муслиманска вероисповед.
Привлекување на десничарски милитанти
Припадници на деветтиот баталјон на ХОС „Рафаел витез Бобан“, за време на војната. Фото: Викимедија комонс
Многу милитантни антикомунисти и симпатизери на усташите од Хрватска и од странство, им се приклучија на ХОС, чии членови беа и платеници, авантуристи, крајни десничари и други лица од Франција, Германија, Австралија, Ирска, Велика Британија и други земји.
Сепак, не сите членови на ХОС, станаа дел од овие сили заради идеологијата. Многу од нив никогаш не го носеа грбот на ХОС, не вееја со усташките симболи, ниту извикуваа „За дом спремни“.
Многумина им се приклучија на ХОС, затоа што имаа далеку пониски стандарди за регрутите, во однос на Хрватската национална гарда и ХВ. Тие дури дозволуваа и малолетни лица да им се приклучат, а имаа и повеќе жени и повеќе Бошњаци во нивните единици во БиХ.
Процесот на пристапување кон Хрватската национална гарда на почетокот на војната во 1991 година, често траеше со недели, но како припадници на ХОС , регрутите можеа да се најдат на бојното поле за неколку часа.
Луѓето кои беа желни за борба и не се согласуваа со дипломатските напори за решавање на конфликтот во Југославија, во ХОС најдоа идеално решение. Тие го сметаа Туѓман за предавник, поранешен комунистички генерал, кој склучува тајни договори со неговиот српски колега, Слободан Милошевиќ, додека ХОС беа вистинските патриоти и бранители на татковината.
ХОС отворено флертуваа со фашизмот, слични тенденции можеше да се забележат и кај Хрватската национална гарда, а подоцна и кај ХВ, како и кај вооружените сили на Хрватскиот совет за одбрана (ХВО), вооружени сили на воената самопрогласена држава на босанските Хрвати, Херцег-Босна.
Злосторства и обвиненија
Членовите на ХОС, испраќаат нацистички поздрав, во Клепци, западна Херцеговина, во 1992 година. Фото: Викимедија комонс/хрватски воен фотограф.
Туѓман и хрватските власти честопати ги обвинуваа ХОС и ХПП за нарушување на сликата на Хрватска, односно за создавање слика на земјата како неофашистичка држава. Главните медиуми во Хрватска честопати се фокусираа на престапите на ХОС, на нивните сомнителни обележја, на инцидентите како што се убиства, престрелки и тепачки или уништување на антифашистички споменици.
Сепак, многу од уништените или оштетени антифашистички споменици, кое броеја околу 3.000, беа вандализирани и од редовните хрватски единици, локални жители и од активисти на политички партии.
Некои хрватски функционери ги обвинија припадниците на ХОС за воени злосторства над српските цивили во Госпиќ, во 1991 година. Но, во 2000-тите, судовите ги прогласија редовните хрватски војници за виновни за овие злосторства.
Меѓутоа, и единиците на ХОС вршеа злосторства, како што е она во селото Церна кај Винковци во февруари 1992 година, кога беше егзекутирано цело српско семејство. Судовите во БиХ, Шведска и во Норвешка, исто така, прогласија членовите на ХОС, за виновни за воени злосторства во БиХ.
Иако имаше обвинувања и за други злосторства, во нив беа вклучени и редовните хрватски сили.
Војниците на ХОС учествуваа и во незаконското и често насилно иселување на претежно српските жители од становите на поранешната Југословенска народна армија (ЈНА) во Сплит.
По падот на Вуковар, во ноември 1991 година, функционери на ХПП и на ХОС – од кои некои учествуваа во одбраната на градот – беа обвинети за предавство и заговор. Обвинителството тврдеше дека ХПП планирала да ги искористи своите вооружени сили за да ја собори власта, на што укажуваа изјави на некои партиски функционери.
Во следните месеци, вооружените припадници на ХОС ја зазедоа зградата во центарот на Загреб, што ја користеа како нивен штаб. Тие се забарикадираа во неа, што ја засили перцепцијата дека тие дејствуваат како бунтовничка паравоена група или партиска војска, која директно ѝ се спротивставува на власта.
Судот ги отфрли обвиненијата за „државен удар“
Фрањо Туѓман форо архива на кабинетот на претседателот на Хрватска
Сепак, последователното судење на лидерот на ХПП, Парага, на потпретседателот на партијата, Анте Ѓапиќ и на командантот на ХОС, Миле Дедаковиќ-Јастреб, покажа дека никогаш немало никакви планови за соборување на власта, и покрј фрустрацијата на борците на ХОС, кои сметаа дека хрватските власти намерно дозволиле Вуковар да падне.
Сведочења на офицери на ХВ открија дека единиците на ХОС на фронтот, не добивале никакви наредби од ХПП и дека борците на ХОС ги слушале претпоставените на ХВ, со исклучок на неколку претежно мали инциденти. Во ноември 1993 година, воениот суд во Загреб, ги ослободи тројцата осомничени.
Судскиот процес покажа дека ХОС не делувале како партиска војска, како што многумина мислеа. Многумина навистина беа членови на ХПП, некои беа лојални на Парага и на другите команданти, а некои едноставно се приклучија на редовните единици на ХВ, оставајќи ја својата епизода со ХОС зад себе.
Многумина тврдеа и дека владејачката ХДЗ и Туѓман ја претвориле ХВ во своја партиска милиција, затоа што бројни офицери, кои не беа членови на ХДЗ, беа деградирани, отпуштени или пензионирани.
Опозицијата и независните медиуми ги сметаа судските процеси на функционерите на ХПП и на ХОС, за политички мотивирани, а режимот ја доживуваше партијата како нешто вознемирувачко.
Дури и пред судењето, функционерите на ХПП и на ХОС беа целени. Потпретседателот на партијата, Параџик, беше убиен во септември 1991 година. Полицајците што го убија, подоцна изјавија оти мислеле дека тој и неговата чета се српски бунтовници.
Во март 1992 година, седиштето на ХОС во Винковци, беше уништено во бомбашки напад. Случајот никогаш не беше решен.
Во август 1992 година, припадниците на специјалната единица на ХВО го убија Блажо Краљевиќ, командант на единиците на ХОС во БиХ, во престрелка меѓу припадниците на овие две сили, на контролен пункт во близина на Мостар.
Во следните години, ветераните на ХОС имаа потешкотии да добијат статус на ветерани, ако, откако ХОС беше приклучен кон редовната војска во 1992-1993 година, тие не беа ангажирани во ХВ. Целосно им беше признат овој статус во 2001 година, кога на власт дојде левицата.
Оттогаш, многу бранители на ХОС и нивните здруженија, реторички ја сменија својата идеологија, потенцирајќи ги своите проусташки чувства, провоцирајќи го српското малцинство во Хрватска и извртувајќи го наследството на антифашизмот од Втората светска војна.
Поранешните и сегашните членови на ХПП, во изминатите неколку години, го презедоа раководењето со здруженијата на ХОС и започнаа да дејствуваат како портпароли на десничарското крило на ХДЗ.
Во меѓувреме, ХОС се откажаа од нивните жестоки критики кон Туѓман и ХДЗ и станаа сојузници на сега владејачката партија, од едноставни прагматични причини. Бидејќи зависат од средствата и поддршката на државата, ветераните на ХОС станаа поборници на ХДЗ на екстремно десничарската сцена, одразувајќи го, на тој начин, својот идеолошки радикализам, со истовремено губење на својот интегритет.
Свен Милекиќ е докторант на Универзитетот Мајнот, финансиран од ирскиот истражувачки совет во рамките на постдипломската програма на Владата на Ирска.
Мислењата изразени во овој коментар се исклучиво мислења на авторот и не ги одразуваат ставовите на БИРН.