Регион

„Хумана преселба“ на Хрватите и Србите кои во војната ги замениле своите домови

За да ги спасат своите животи во војната во 90-тите години, жителите на две села од различните страни на границата помеѓу Србија и Хрватска, ги замениле своите домови. Тоа, всушност, била, како што открива новиот документарен филм на БИРН, присилна размена на населението, кое станало жртва на „хумана преселба”.

Пишува: Маја Живановиќ, Нови Сад

Горан Трлаиќ е роден во селото Кула, Хрватска, и додека други не му кажале, тој не знаел дека е Србин.

„Никогаш не зборувавме за тоа кој е Србин, а кој Хрват. Никогаш тоа не сум го знаев, сѐ до воената регрутација во 1990 година“, вели Трлаиќ, во новиот документарен филм на БИРН, „Луѓето не се штркови“, кој ќе биде премиерно прикажан на 5 септември, на регионалната телевизија, Ал Џезира Балканс.

„Кога ме прашаа како се изјаснувам, им реков дека сум Југословен. Ми рекоа: ‘Го познаваме татко ти, ти си Србин’”, и ме запишаа како Србин“, се сеќава тој.

Како и многу други Срби во Кула, 17-годишниот Трлајиќ го напуштил своето родно село, со своето семејство, во 1992 година, и се пресели во куќа во селото Хртковци, во Србија.

Хрватите кои живееле во Хртковци избегале во спротивната насока. Се преселиле во српските куќи во Кула.

Оваа преселба била дел од еден поширок модел на присилна миграција, извршена за време на војната во почетокот на 90-тите години, период во кој некои села во Србија и во Хрватска, целосно ја сменија својата национална слика.

Под закани и притисоци, луѓето биле принудени да ги разменуваат куќите во кои биле родени, за куќи во државата, во која народот на кој му припаѓале, бил мнозинство.

Властите ова го опишуваа како „хумана преселба”.

И покрај тоа што конфликтот заврши пред повеќе од 25 години, некои никогаш повторно не ги посетија своите родни места, бидејќи сеќавањата сѐ уште се премногу болни.

Заплашување и закани

Стјепан Роланд

Стјепан Роланд, во 1992 година, избегал од Хртковци и оттогаш живее во Кула.

Но, иако поминале толку многу години, тој и натаму чувствува дека му припаѓа на Хртковци.

„Јас припаѓам таму, нормално. Роден сум таму, моето семејство живеело таму повеќе од 400 години“, објаснува тој.

Лидерот на националистичката Српска радикална партија, Воислав Шешељ, на 6 мај 1992 година, во Хртковци одржал говор, при што отворено им се заканил на Хрватите кои живееле во оваа област.

„Прочита список на луѓе кои мора да се иселат или ќе им се случи нешто. Луѓето се исплашија и сфатија дека мора да заминат“, вели Роланд.

По серија насилнички инциденти, многу Хрвати од Хртковци чувствале дека немаат избор и прифатиле да ги заменат куќите со Србите што живееле во Хрватска. Се спакувале и заминале.

„Тогаш видов оти таму не сум повеќе пожелен. Некои мои дотогашни пријатели, не сакаа да бидат видени во мое друштво“, нагласува Роланд.

Еден од новодојдените Срби во Хртковци, раскажува тој, го малтретирал и го истепал неговиот син. А потоа почнал да прима и заканувачки телефонски повици.

„Знам дека овие ноќни повици доаѓаа од поштата во Рума. Операторот имаше список и не бараше еден по еден. Ни велеше: ‘Пресели се, што чекаш?”.

Роланд овие закани ги пријавил во полиција, но од полицијата му одговориле дека не можат ништо да сторат, за да го заштитат.

„Тие сакаа да создадат ситуација, во која ќе бидеме принудени да заминеме. Веќе не беше важна куќата, туку главата“, вели тој.

Во Хрватска заминал на 29 мај 1992 година, заедно со сопругата и синот. Единственото нешто што го зел, била чанта со документи, неколку панталони, кошула и 100 тогашни германски марки.

„Мислев дека ова ќе биде привремено, додека состојбата не се искристализира”, вели тој. “Но, ситуацијата никогаш не се расчисти”.

Крв и скршено стакло

Горан Трлаиќ

Насилните акти во Кула, пак, ги убедиле Србите кои живееле таму, дека е време да ја напуштат Хрватска.

Горан Трлаиќ се сеќава дека пред Велогден во април 1991 година, во Кула дошле луѓе од соседното село Кутево, и почнале да пукаат. Еден од истрелите ја погодил и неговата куќа.

„Не го слушнав истрелот, не слушнав ништо, видов само кога завесата дојде до половина од собата, а погледот ми се замати. На откриените делови од телото имаше крв, не од куршуми, туку од стакло, од скршеното стакло низ кое што куршумот поминал“, вели тој.

“Брат ми ме фрли на под, ги исклучивме светлата и не излегувавме”.

Полицијата ги идентификувала напаѓачите, но поради тогашната политичка ситуација во Хрватска, тие биле ослободени. Трлаиќ вели дека напаѓачите со гранати ги дигале во воздух и куќите, автомобилите и камионите.

„Траумата што ја доживеав во последните денови, имаше големо влијание врз мене и ние засекогаш се иселивме од Кула”, додава тој.

Како и Ролан, и Трлаиќ, кога заминувал со своето семејство од Кула, бил убеден дека ова нема да трае долго.

„Мислевме дека ќе се вратиме кога војската ќе ја реши ситуацијата. Но, излезе поинаку. Сè уште имав летни алишта кога дојде зимата “, објаснува тој.

Се сеќава колку му било тешко како тинејџер, да му се прилагоди на новото, непознато опкружување и да создава нови пријатели.

Но, неговите проблеми не завршиле тука. Во 1995 година, Србија ги регрутирала во војска сите работноспособни мажи, кои биле родени надвор од земјата. Повикани биле и татко му и брат му.

„Во тој период, околу 400 мажи од Хртковци беа регрутирани. Беа испратени на бојните полиња во Босна и во Книнската Краина“, раскажува тој.

„Татко ми се врати дома, а брат ми го убија. Брат ми беше убиен на 26 јули 1995 година. Имав чувство дека одеднаш … не дека пораснав, туку дека остарев“.

Нагласува дека би сакал да се врати во Кулу од детството. Во Кула пред војната.

„Живеев многу добро во Кула. Никогаш не помислив дека тие (хрватските католици) се разликуваат од нас, бидејќи го слават Божиќ две недели порано. За Божик си одевме едни кај други на гости“, се сеќава тој.

„Можам слободно да кажам нешто за оваа заедница (во Кула) – на никого не му беше грижа за националната припадност на другите”.

Стјепан Роланд, кој денес живее во Кула, никогаш повторно не го посетил своето родно село Хртковци. Тој дури одби да дојде во селото со екипата на БИРН, која работеше на документарниот филм.

„Не знам дали можам да го поднесам тоа … врската беше премногу силна”, објаснува тој.

„Поминаа 24 години. Дали има некој што го знам?“.

Малку е веројатно дека има, бидејќи пред војната, Хрватите чинеле 40% од населението во Хртковци, а денес само 7%.

Во Кула, пак, пред војната, живеело 91% српско население, а денес само 2%.

Премиерата на документарниот филм, “Луѓето не се штркови”, ќе биде прикажана на Ал Џезира Балканс, на 5-ти септември во 17.05 часот. Повеќе информации за филмот, погледнете овде.
Објавено и на Балканска транзициска правда