Несудениот закон за легализација на 50.000 дивоградби бил судбоносен и за барокната зграда на државната компанија за струја, Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), која се наоѓа во центарот на Скопје спроти Старата железничка станица.
Палатата на Зевс, како што неформално се нарекува поради неговата статуа на кровот, е еден вид дивоградба зашто при конструкцијата се направиле бројни промени од првичниот план.
Затоа сега ЕСМ не може да ја користи палатата, и покрај тоа што е завршена.
Зградата вредна 16,5 милиони евра е дел од контроверзниот проект „Скопје 2014“ и поради неа се уништи паркот и се исекоа дрвјата спроти хотелот „Бристол“.
„Со законот постоеше можност за утврдување правен статус на наведениот објект доколку ги исполни законски пропишаните услови за утврдување правен статус“, потврдија за БИРН од Министерството за транспорт и врски.
Меѓутоа, претседателот Стево Пендаровски го блокираше законот по реакциите на јавноста, владата го повлече и зградата остана во правно лимбо.
Палатата на Зевс, како што неформално се нарекува поради неговата статуа на кровот, е еден вид дивоградба зашто при конструкцијата се направиле бројни промени од првичниот план
Уште пред три години, БИРН констатираше дека зградата не се користи, и покрај тоа што поминаа сите рокови за нејзина изградба.
ЕСМ информира дека во тој период, Министерството за транспорт и врски двапати ги одбило за дозвола за измените во тек на градба. Со закон за легализација би се надминал овој проблем.
Раководството на ЕСМ не дозволи да влеземе во барокната зграда, а од она што може да се забележи однадвор, во моментов таму нема градежни активности.
„Објектот е целосно завршен. Секако дека кога нешто не се користи настануваат штети, има проблеми со истекување гаранции пред воопшто нешто да почне да се користи“, информираат од компанијата за производство на струја.
Денешното раководство на ЕСМ не отстапува од идејата, сепак, да ја користи зградата за оние 200 луѓе што работат во нејзината дирекција.
Тие сега се во висококатницата на скопскиот плоштад пред ГТЦ, на која ѝ беше извадена стаклената фасада со цел и таа да биде барокна. По падот на ВМРО-ДПМНЕ од власт, барокниот проект се стопира, меѓутоа зградата на плоштадот сѐ уште нема фасада.
Луѓе што работеле таму, за БИРН, велат дека во зима, во некои канцеларии е толку ладно што вработените седеле облечени во јакни.
Последици од „Миле ми текна“ проектите
Веднаш до Палатата на Зевс е барокната зграда на Регулаторната комисија, а отспротива во продолжение на хотелот „Бристол“ е зградата на Агенцијата за медиуми, која исто така е направена во доминантниот стил на „Скопје 2014“.
Трите објекти предизвикуваа контроверзии од моментот кога беа само идеја.
Во 2011 година, и покрај силното противењето на граѓаните и на опозицијата во Општина Центар, локалната самоуправа под водство на тогашниот градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Тодоровиќ, го смени деталниот урбанистички план и овозможи врз парковите да никнат овие објекти.
За тоа кој бил главниот „урбанист“ на тој простор разбравме во таканаречените „бомби“.
„Ако гласале за СДСМ, кој ги е*е, и вака и така ќе ги губиме, нема да гласаат за нас, да тераме“, му вели поранешниот премиер Никола Груевски на тогашниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, за уништувањето на паркот и за изградбата на барокните згради.
Договорот за изградба на палатата беше потпишан во март 2013 година, градилиштето беше заградено есента, откако тогашната власт со полициски специјалци ги исфрли паркобраните што се противеа на идејата за нов блок барокни згради.
Со оглед дека палатата на ЕСМ и соседната беа „насадени“ во паркчето што го користеа жителите на околните згради, се појави проблем со пристапот до подземниот паркинг на двете нови згради
Со оглед дека палатата на ЕСМ и соседната беа „насадени“ во паркчето што го користеа жителите на околните згради, се појави проблем со пристапот до подземниот паркинг на двете нови згради.
Денес ЕСМ вели дека тој паркинг нема да се користи, во случај кога би ја вселиле зградата.
„Ќе се користи најблиската катна гаража“, велат оттаму.
БИРН разговараше со луѓе што професионално имале увид во овој барокен објект. Тие велат дека првичната идеја била крајно непопуларна, влез во паркингот да биде направен со тоа што би се продолжила уличката што завршува во плочникот зад оваа нова зграда на ЕСМ.
Со ваквото решение би се уништило уште едно катче во центарот на Скопје, каде што жители одмораат на клупите под дрвја и каде што нивните деца безбедно си играат. Наместо катче за одмор и за игра, би добиле прилично прометна улица.
Затоа таа опција, по падот на Груевски, отпаднала, велат нашите соговорници.
Со СЈО се заборави и истрагата за зградата
Првиот договор за изградба на деловна зграда на ЕСМ беше склучен во март 2013 година со австриската компанија „Страбаг“ и нејзиниот рок бил да го заврши објектот до октомври 2014 година и за тоа да наплати 11,6 милиони евра.
Сепак, изградбата се одолжила, се потпишувале дополнителни договори и цената на објектот пораснала на 16,5 милиони евра.
Од ЕСМ велат дека доцнењето почнало уште на самиот почеток, кога се наишло на подземни води на локацијата. Тие требало да се отстранат и да се постави систем што постојано ќе ги исфрла водите, а се покажало и дека има потреба од повеќе бетон и железо во самите основи.
Токму раководството на тогашната ЕЛЕМ како инвеститор барало многу измени во текот на градбата, кои дополнително одземале време.
БИРН разговараше со луѓе, кои, поради природата на нивната работа, пред неколку години имале детален увид во ентериерот.
Во зградата постоел посебен лифт што водел до директорскиот кабинет. На катот каде што бил овој кабинет имало и релакс-соба со посебно ергономско легло за одморање. Исто така, за потребите за директорот во тоалетот имало туш-кабина
Тие раскажуваат за луксузот во палатата. Во зградата постоел посебен лифт што водел до директорскиот кабинет. На катот каде што бил овој кабинет имало и релакс-соба со посебно ергономско легло за одморање. Исто така, за потребите за директорот во тоалетот имало туш-кабина.
Во објектот се наоѓала и таканаречена „глува соба“, во која ѕидовите биле покриени со плута.
На прашањето на БИРН дали раководствата на ЕСМ, она што дојде по смената на власта во 2017 година и актуелново, утврдиле одговорност за пропустите поради кои објектот и по седум години не се користи, од ЕСМ велат дека Специјалното јавно обвинителство (СЈО) во текот на својот мандат отворило истрага за зградата.
„Неколкупати беа побарани документи од ЕСМ, кои им беа ставени на располагање“, велат оттаму.
СЈО официјално не постои веќе една година, а неговите истраги и обвиненија ги презеде редовното Обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
Засега нема официјални информации за каков било резултат од истрагата поврзана со зградата на ЕСМ или со сите други објекти од „Скопје 2014“, иако во медиумите можеше да се прочита дека СЈО работело на обемен предмет, кој се доведува во врска со контроверзниот градежен проект што чинеше близу 700 милиони евра.