Истражувањa

Игри со објект на Драмски во владина режија

Владата даде дел од театарот на непознато здружение, па се премисли

Владата, со потпис на Фатмир Битиќи, без надомест додели простор на непозната невладина организација, меѓу чии основачи е впишан и поранешен бизнис-партнер на самиот вицепремиер.

Со одлуката од 13 февруари, владата даде 650 квадрати, во склоп на Драмски театар на трајно користење на здружението „Неимар-13“. Тоа е посебната зграда од два ката, залепена до театарот.

Две недели подоцна, истиот ден откако БИРН побара Битиќи да ја објасни оваа одлука, владата донесе нова одлука, со која ја поништи претходната и објектот повторно му го додели на Драмски.

Кои се Неимар-13?

Извадок од Службен весник

Објава на одлуката во Службен весник | Принтскрин

Неимар-13 не ѝ e познато име на јавноста. Залудни се обидите да се најде нешто за нивната работа на интернет, а не ги користат ниту вообичаените канали за комуникација, како што тоа го прават голем број активни невладини организации. Немаат интернет-страница, ниту, пак, канали на социјалните мрежи.

Самото здружение е формирано кон крајот на 2019 година, од петмина основачи, меѓу кои и Глигор Михаиловски. Во моментот кога го формира, тој е директор во фирмата „Омниум коучинг и тренинг“, чиј сопственик во тој момент е Фатмир Битиќи.

Сегашниот вицепремиер тогаш нема извршна државна функција, но е влезен во политиката. Тој е посебен советник на екс премиерот Зоран Заев и е претседател на комисија за финансии во СДСМ.

Една година подоцна, на 30 август 2020 година Битиќи станува вицепремиер и има обврска да пријави се што поседува во Државната комисија за спречување корупција. Но, доцни, како што во октомври алармираше комисијата која го бележи имотот на избраните и именувани лица. Во ноември, Битиќи излегува од сопствеништвото на фирмата и му ја отстапува на Михаиловски.

Таа и денес има иста сопственичка структура.

Неколку години подоцна, ова бизнис-партнерство под лупа го става токму вицепремиерот, кој е потписник на одлуката со која владата го дава просторот на Неимар-13.

Битиќи во ова не гледа конфликт на интерес. Тој вели дека соработувал со многумина од граѓанскиот и од приватниот сектор пред неговото вклучување во политиката и смета дека никој од нив не треба да е дискриминиран.

„Ниту за еден од нив не гледам морална и правна причина зошто би бил привилегиран или дискриминиран од страна на државата поради тоа што некогаш нашите професионални животни патеки ни се споиле и потоа ни се раздвоиле“, вели Битиќи.

Неговиот поранешен соработник Михаиловски не одговараше на повиците на БИРН.

Проектот „Културен градител“

Објектот кој му беше доделен на Неимар-13 со владина одлука

Запуштениот објект кој како магацин го користи Драмскиот театар во Скопје | Фото:БИРН

Во владината одлука нема објаснување зошто овие 650 квадратни метри му се одземаат на театарот и ѝ се доделуваат на организација, која, како што е наведено во нејзиното официјално име, се грижи за заштита на културни, традиционални, морални и етички вредности.

По неколку дена неуспешни обиди за контакт со тројца од основачите на Нимар-13, испратени прашања и пораки „(ќе) ве барам, на пат сум“, во вид на кус имејл, конечно стигна одговор од Мартин Николовски, претседател на здружението.

Во дописот нема одговори на прашањето колку и какви активности досега имало здружението.

Драмски театар, зградата ја користи како магацин и столарска работилница. Во запуштениот простор, прозорците се искршени, а сценските работи расфрлани наоколу.

Во објектот на Драмски сакале да спроведат проект, кој го насловиле „Културен градител“. Идејата им било да го облагородат запуштениот простор, и од него да создадат „пристапно катче каде што ќе живее културата и каде што ќе се промовираат етичките, моралните и културните вредности“, односно да прават културни настани.

Вчера биле информирани дека одлуката е поништена, затоа што не го запазиле рокот за преземање на објектот. Тврдат дека не биле информирани дека постои таков рок.

Инаку, овој рок е точно наведен во „Службен весник“, каде што стои дека примопредавањето, од Драмски на Неимар-13, треба да се направи во текот на 15 дена од носењето на владината одлука.

Истиот одговор го напишаа и од кабинетот на Битиќи, додека од Влада уште потенцираат дека поништувањето било направено на барање на Министерството за култура. Записникот од оваа седница сè уште не е објавен, а ваква точка не била планирана во дневниот ред.

Министрите за образование и култура на владина седница

Владината седница од 13 февруари 2024, кога се доделува дел од Драмски на Неимар-13 | Фото:Влада на РСМ

Според фотографиите од владините седници, министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска била присутна и на двете седници, и кога се давал дел од Драмски на здружението, и кога по нејзино барање се пишманиле за оваа одлука.

Како што дознава БИРН, од извори во Драмски театар, таму за одлуката дознале само два дена пред да истече рокот за примопредавање на објектот, кога им стигнал дописот. Биле шокирани и веднаш побарале да реагира Министерството.

Самиот простор е во лоша состојба, но на одлична локација. Тој му е неопходен на театарот како магацин за сценските работи.

БИРН не успеа да најде каков било јавен оглас или конкурс за уредување на овој простор, кој Драмски го има целосно запуштено.

Дарежлива 2023-та

Влезот во објектот кој му беше доделен на Неимар-13 | Фото:БИРН

Владата и во минатото доделувала државни објекти без надомест на трајно користење на невладини организации, но обично станува збор за помали простори и на познати организации.

Ги анализиравме последните седум години и заклучокот е дека најдарежлива била ланската, 2023 година. Тогаш се доделени најмногу објекти на трајно користење, на повеќе граѓански организации.

Државата и општините може да даваат имот на времено или трајно користење. Под трајно се подразбира користење за период над десет години.

Меѓу оние што добиле објекти се планинарската спасителска служба „Осогово“ од Кочани, кумановското здружение за поттикнување рурален развој „Ума Сто“ од Умин Дол, Драмското студио Тетово, но и Друштвото на ликовните уметници.

Сите тие здруженија, за разлика од „Неимар-13“, повеќе или помалку ѝ се познати на јавноста преку нивните активности, за кои објавуваат на нивните веб-страници или фан-страници на социјалните мрежи.

Исто така, нема пракса Владата да доделува простор на граѓанско здружение, па веднаш да ја поништи ваквата одлука.