Истражувањa

Почесен конзул без искуство во енергетиката-стратешки инвеститор

Вицепремиерот Фатмир Битиќи за инвестицијата се потпира врз менаџерските способности на Рајес Леменс

Со „стартап“ компанија и без претходно искуство во енергетскиот сектор, почесниот конзул на Македонија во Белгија, Рајес Леменс, на пат е да стане стратешки инвеститор во бизнисот со производство на струја.

Леменс е мнозински сопственик на една од четирите компании за кои собранието треба да изгласа закон, со кој ќе станат стратешки инвеститори. Со тоа, капацитетите што тие ќе ги изградат во следните 30 години ќе ја снабдуваат државата со струја.

Од владата велат дека се работи за етаблиран бизнисмен, кој донел во земјата инвестиции вредни 40 милиони евра и оти се уверени дека, иако без искуство во оваа област, оваа компанија ќе го испорача ветеното. И владата, и бизнисменот инсистираат дека неговата позиција на почесен конзул не му обезбедила повластена позиција во изборот за стратешки инвеститор.

Останатите кандидати за стратешки инвеститори се: Француската „Остро солар“, грчката „Митилионеос“ и бугарската „ХЕК Солар“

Статусот на стратешки инвеститор ќе ја обврзе државата да го откупува целото нивно производство на електрична енергија, а дополнително ги ослободува од низа давачки, меѓу кои и данок на добивка во првите десет години од работата на енергетскиот капацитет што треба да го изградат.

Компанијата на Леменс – „АИМ Грин Тецх“, за разлика од другите три фирми што се кандидати за статус стратешки инвеститор и долгогодишни играчи во бизнисот со енергија, е стартап и нема слични проекти во своето портфолио.

Конкурирање во последен момент

Вицепремиерот Битиќи ќе ги брани законите во Собрание | БИРН

Од јавно достапните податоци може да се види дека „АИМ Грин Тецх“ на конкурсот се пријавила на 31 јануари 2023 година, кога истекува рокот. Еден ден претходно го сменила името на компанијата од „АИМ Реал естате“ во „АИМ Грин Тецх“ по што во мај му е доделен статусот на стратешки инвеститор.

Во пријавата на конкурсот, како што вели вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, Леменс не поднел референтна листа на искуства во слични проекти, како што се бара во владиниот јавен повик за стратешки инвеститори од 2022 година.

Битиќи, кој е потписник на статусот на стратешки инвеститор, за БИРН, вели дека референтната листа на проекти од областа на инвестицијата не е нужен услов за да се добие статусот на стратешки инвеститор.

На забелешката дека делува невообичаено изборот на почесен конзул без искуство во областа, Битиќи вели можеби така изгледа, но дека владата не прејудицира зла намера на инвеститорот.

Вели дека владата била убедена дека Леменс има финансиски и менаџерски способности за да ја испорача фотоволтаичната централа, и покрај тоа што нема искуство во енергетиката.

Според него, оваа инвестиција не е „класичен стартап, кој нема пари за кирија“, туку таа е стартап во смисла дека е нов бизнис-сектор за, како што смета Битиќи, веќе докажаниот стопанственик.

„Тој поднесе доволен доказ дека има финансиски и менаџерски капацитети. Проектот не е за нуклеарна енергија за да бара специфични познавања од областа“, вели Битиќи.

Она на што реферира Битиќи, како менаџерски способности за овој бизнисмен, се однесува на неговите претходни бизниси во Македонија.

„Тој носи странски инвеститори, им ги гради капацитетите во зоните и им ги издава. Има вложено 40 милиони евра во државава“, вели вицепремиерот.

Иновативен енергетски проект

Леменс подолго време работи во Македонија. Откако Лазар Еленовски, поранешен македонски амбасадор во Белгија ќе го предложи за почесен конзул во Антверпен и таа одлука ќе се верификува со потпис на тогашниот вицепремиер Зоран Ставрески во 2016 година, тој отвора повеќе фирми во земјата. До денес има основано девет компании, повеќето на иста адреса, во центарот на Скопје.

Но, најмногу во секторот – градежништво и недвижности.

Во разговор со БИРН тој не негира дека е нов во бизнисот со енергија. Но, се повикува на тоа дека има искуство во менаџирање и дека носи инвестиции во Македонија.

На јавниот повик распишан од Владата, кој траеше една година, се пријавиле 16 инвеститори. Според Битиќи, со осум преговарале, а од нив одобрени се четири, сите од енергетскиот сектор

Според проверките на БИРН, Леменс има 75 отсто сопственост во инвестицијата, во која малцински партнер му е, како што вели „еден од најбогатите луѓе во Белгија“, познатиот производител на пиво Бернард Мортаг.

Леменс вели дека имале контакти со институции, невладини организации и компании, кои може да им помогнат за реализација на нивниот „иновативен метод“ во енергетиката.

Покрај Мортаг, Леменс како дел од своето бизнис-портфолио, споменува и австриска компанија за производство на гасни мотори, со која тврди, имале соработка.

„Тие се наведени и во планот за стратешки инвеститор со кој аплициравме во Владата“, вели Леменс.

Содржината на страницата на АИМ Греен Тецх е избришана | Принтскрин: БИРН

На интернет-страницата на која се промовираше инвестицијата во Македонија не се споменуваа конкретни имиња, туку белгиски претприемачи и капитал. Но, по разговорот на БИРН со Леменс, содржината на страницата беше избришана.

Леменс со ентузијазам зборува за својот проект. Го презентира како иновативен бидејќи комбинира мотори на гас со фотоволтаици. За да го осмислат и обработат, вели, им „била потребна цела година за собирање информации и искуства“.

„Не е нешто што го направивме за една вечер. Одевме на сите саеми низ Европа и разговаравме со многу институции, невладини организации и експерти за да ја спремиме оваа стратешка инвестиција“, вели Леменс.

Од почесен конзул до стратешки инвеститор

Леменс во својата друга улога како почесен конзул на земјава | Монтажа: БИРН

На прашањето дали позицијата почесен конзул и честите контакти и пристап до високи владини функционери го ставаат во повластена позиција пред другите кандидати на конкурсот, Леменс е категоричен дека тоа нема влијание. Тој инсистира дека ништо не добива од Македонија, туку дека само носи инвестиции.

„Ништо не бараме, никакви субвенции, имаме земја, ние сакаме да донесеме пари, да направиме добро“, вели тој.

Вицепремиерот Битиќи, пак, вели дека го познава од порано, бидејќи го среќавал при посетите на странските инвестиции во развојните зони. Тој нагласува дека нема законска пречка овој Белгиец да биде стратешки инвеститор во земјава, иако е почесен конзул. Вообичаено, за почесен конзул се именува веќе етаблирано бизнис-лице, кое треба да ја промовира државата што го назначила во својата земја.

На коментарот на БИРН дека како конзул често се среќавал и фотографирал со многу политичари од Македонија и како тоа може да се толкува, Битиќи кусо одговори:

„Јас немам фотографија со него.“

Како стратешки инвеститор, Леменс планира да инвестира 174 милиони евра во капацитети во Неготино, Могила, Гевгелија, Кичево, Илинден и во Петровец, каде што веќе поседува земјиште. Кога целосно би биле функционални, тие би задоволувале отприлика осум проценти од годишната потрошувачка на струја во Македонија. Во договорот и посебниот закон се предвидува државата да го откупува целото негово производство.

Предноста на ваквиот договор, според Битиќи, е што цената е регулирана, и  мора да се движи меѓу 65 и 90 евра по мегават час, што дава некаква сигурност во време на големи ценовни шокови на светските пазари за струја, бидејќи била 30 проценти пониска од меѓународните берзи.

Законите и договорите за четирите стратешки инвестиции сега се во собраниска процедура. Откако ќе завршат комисиските расправи, треба да бидат гласани на пленарна седница.