Анализи

Семејно наддавање за становите на Мијалков

Три од четирите понудувачи за становите на Водно се поврзани со Мијалкови

Кога лани во ноември се продаваше имотот на Водно, конфискуван од поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, единствените информации беа дека имало заплашувања при продажбата. Кратко потоа, јавното наддавање мина без никакви проблеми, и од Агенцијата за управување со одземен имот гордо изјавија дека становите се продадени и буџетот е побогат за неколку стотини илјади евра.

Не се откриваа информации кој го купил овој имот сè до јануари, кога врз основа на документите добиени на наше барање од Агенцијата, БИРН откри дека становите останале во семејството, односно трите стана и гаража на Водно ги купила „Бест беј инвестмент“, фирмата на Јордан Мијалков, инаку син на осудениот поранешен шеф на УБК.

Последните информации, пак, до кои дојдовме, покажуваат дека и другите понудувачи биле поврзани со ова семејство.

Според документите, кои на барање на БИРН ни беа доставени од Агенцијата за управување со одземен имот, освен фирмата „Бест веј инвестмент“ на Јордан Мијалков, која победи на јавното наддавање, во конкуренција биле и фирма-ќерка на Бест веј – „Омпетрол оил“, но и свеската на Мијалков помладиот, Александра-Бела Белчева. За четвртиот наддавач, БИРН не најде поврзаност со семејството на Мијалков.

Станува збор за втората транша од продажбата на конфисуваниот имот на поранешниот шеф на УБК, кога беа огласени три стана и една гаража на Водно, на улицата Славејко Арсов, каде што е и семејниот дом на Мијалкови.

Процесот на продажбата се одвиваше лани во ноември. Дента кога сите заинтересирани страни имаа можност да го разгледаат огласениот имот, директорот на Агенцијата за управување со одземен имот, Дритон Небиу, закажа итна прес-конференција да се пожали дека биле присутни лица што се претставувале како сопственици на становите и се заканувале дека нема да дозволат друг да го купи нивниот имот.

„Обидот да нè заплашите е на погрешна адреса“, уверуваше тогаш Небиу, но одбиваше прецизно да каже кој се заканувал.

Кратко потоа, „Бест веј инвестмент“, чиј сопственик е Јордан Мијалков, победи на јавното наддавање за овој имот. Иако на него учествуваа четворица понудувачи, фирмата успеа да го добие за цена која беше повисока за само неколку стотици евра од првично проценетата од Бирото за судски вештачења.

Двата елитни стана на улицата Славејко Арсов од 73 квадрати се продадени по 102.000 евра, оној од 78 квадрати за 107.000 евра, додека за гаражата од триесетина квадрати, фирмата на Мијалков помладиот платила 20.000 евра. Постигнатата цена за квадрат стан од 1.400 евра, е многу под пазарната за елитната скопска локација.

И покрај тоа, другите понудувачи не дале повеќе од „Бест веј инвестмент“, иако сите учествувале во одделните наддавања за секој од четирите објекти.

Александра-Бела Белчева влезе во семејството на Мијалкови откако на неодамнешната гламурозна свадба, Мијалков помладиот се ожени со нејзината сестра Анастасија-Бела. За истите имоти, на наддавањето учествувала и компанијата „Омпетрол оил“, која од 2017 година е во сопственост на Јордан Мијалков.

Самата „Бест веј инвестмент“, пак, е формирана есента во 2015 година, во екот на политичката криза и објавувањето на прислушуваните материјали за кои Сашо Мијалков беше обвинет како поранешен прв човек на УБК. Тоа е истата година кога Сашо Мијалков дава оставка и ја напушта функцијата директор на  Управата за безбедност и контраразузнавање.

Сашо Мијалков, како осудено лице во „Империја“, нема право да учествува во јавните наддавања за купување на конфискуваниот имот. Во моментов, ваква забрана нема за членови на неговото блиско семејство, што може да се промени доколку се донесе новиот закон за управување со конфискуван имот, кој пред еден месец влезе во собраниска процедура.

Во новиот предлог-закон, забраната се проширува. Предвидено е дека, покрај осуденото лице, на јавно наддавање за купување конфискуван имот нема да може да учествува неговиот брачен или вонбрачен партнер, како и сите поблиски роднини.

Имотот на улицата Славејко Арсов, кој го купи „Бест веј инвестмент“, беше конфисуван од контроверзната офшор-фирма „Ексико“, која се поврзуваше со Сашо Мијалков. Тој призна вина во случајот „Империја“, во кој се товареше за злосторничко здружување, како и незаконско стекнување и прикривање имот во период додека извршувал јавна функција.

Јавното обвинителство, од него конфискуваше имот со проценета вредност од околу 15 милиони евра, а поранешниот шеф на УБК доби и три години затвор.

Покрај веќе продадените три стана и гаража, само на улицата Славејко Арсов на Водно се конфискувани уште 23 стана и десетина гаражи. Тие допрва ќе треба да се огласат за продажба.