Вести

Мијалков ги купи становите на Мијалков на Водно

Три стана и една гаража преминаа во сопственост на фирма на синот на Сашо Мијалков

Фирмата на Јордан Мијалков, „Бест веј инвестмент“ е новиот сопственик на трите стана и гаража на Водно, конфискувани од неговиот татко, екс директорот на УБК, Сашо Мијалков, во случајот „Империја“.

Овој имот беше продаден во ноември на јавно наддавање преку Агенцијата за управување со одземен имот, од каде што пред продажбата свикаа и прес-конференција, на која се пожалија дека биле заплашувани од страна на сопственици на имотот при обидите за продажба.

Според податоците од Агенцијата за управување со одземен имот, што ги побара БИРН, двата елитни стана на улицата Славејко Арсов од 73 квадрати се продадени по 102.000 евра, оној од 78 квадрати за 107.000 евра, додека за гаражата од триесетина квадрати, фирмата на Мијалкови платила 20.000 евра.

Оваа цена, која била постигната на јавното наддавање, е за само неколку стотици евра повисока од првично проценетата од страна на Бирото за судски вештачења. Промената на сопствеништвото веќе е направена во Катастарот.

На јавното наддавање инаку децидно се забранува учество на осуденото лице од кого е конфискувана недвижноста. Синот на Мијалков сега стана газда на овој имот.

Како сопственик на „Бест веј инвестмент“ се води постариот син на Сашо, Јордан Мијалков. Фирмата е формирана есента во 2015 година, во екот на политичката криза, поради објавувањето на прислушуваните материјали за кои Сашо Мијалков беше обвинет како поранешен прв човек на УБК.

Таа година, тој дава оставка и ја напушта функцијата директор на  Управата за безбедност и контраразузнавање. Како сопственици на фирмата тогаш се наведени неговите двајца синови, Јордан и Александар, кој во тој период е малолетен, па негов застапник е мајка му Александра Мијалкова. Кратко потоа, Александар е тргнат од сопствеништвото, па фирмата останува на Јордан, кој во тоа време имал 21 година.

Од веб-страницата на „Бест веј инвестмент“ може да се дознае дека под овој бренд, Јордан Мијалков оперира со две бензински пумпи во месноста Смоквица, близу Гевгелија, и уште една во скопска Пинтија.

Покрај бензински станици, во портфолиото на „Бест веј инвестмент“ стои дека таа управува со уште две компании поврзани со трговијата на нафтени деривати. Едната е застапник на нафтениот бренд „Шел“, а другата поседува шест возила за транспорт на нафтени деривати и ги нуди на заинтересираните трговци.

Преку оваа компанија, Јордан Мијалков има удел и во луксузниот хотел „Мериот“, сместен на самиот скопски плоштад.

Становите на Мијалков на Водно беа продадени во втората транша од продажбата на неговиот имот, конфискуван во случајот „Империја“. Претходно се продаваа неговите станови во охридскиот комплекс „Горица“, чиј нов сопственик лани во август стана охридскиот бизнисмен Беким Земоски.

Земоски е сопственик на компанијата „Де-инвест“, основана во 2007 година, која се занимава со консалтинг, проектен менаџмент и со инвестиции на интернационалниот пазар. До 2005 година работел како советник во владата на тогашниот премиер Владо Бучковски.

Според информациите до кои дојде БИРН, за станот од 114 квадрати, Земоски понудил 147 илјади евра, додека за вториот од 65 квадрати, 94.000 евра.

Тогаш на продажба, како дел од конфискуваниот имот на Мијалков, беше понудено и големо парче земја во скопското село Морани и мал плац на Кожуф. За имотот во Морани немало заинтересирани купувачи, додека плацот од 320 квадрати на Кожуф е продаден за 2.500 евра.

Јавното обвинителство, во случајот „Империја“, од Мијалков конфискуваше имот со проценета вредност од околу 15 милиони евра. Мијалков тогаш призна вина, а доби и три години затвор за предметот во кој беше обвинет за перење пари.