Анализи

Одразот на Мијалков во замрзнатата „Ексико“

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Истрагата на Специјалното обвинителство (СЈО) „Империја“ повторно ги актуализираше сомнежот за легалноста и митот за грандиозноста на бизнис-царството што го поседува поранешниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков, кој е осомничен и во овој предмет.

Со години се шепотеше и од уста на уста се раскажуваше дека го презел најголемиот земјоделски комбинат, влегол во позната млекарница и оти ѝ удрил мерак на градежна компанија што ударнички работи на проектот Скопје 2014.

Медиумите главно за тоа не известуваа, а тие што ќе се охрабреа, крајно внимателно одбираа што и како пишуваат.

Иако митот за „милијардата на Мијалков“ на моменти добиваше несериозни и комични димензии, како муабетот дека ја купил најголемата бурекчилница во Охрид, сепак откако тој се повлече од функцијата во 2015 година, се покажа дека имало и вистина во тоа што чаршијата го зборувала.

Сашо Мијалков денес не го крие капиталот и преку семејните фирми навистина има удели во земјоделскиот комбинат „Пелагонија“, во млекарницата „Здравје Радово“ и во скопскиот хотел „Мериот“. За волја на вистината, го нема во градежната фирма „Бетон – Штип“, меѓутоа и таму на некој начин се рефлектираат неговите бизнис-комбинаторики.

Параванот наречен „Ексико“

Секогаш кога Јордан Камчев и семејството на Цветан Панделески, кои се исто така осомничени во „Империја“, влегуваа во некоја голема компанија, веднаш се ширеа шпекулациите дека и Сашо Мијалков е дел истата бизнис-авантура.

Иако него никаде го немаше во официјалните документи, како по правило, во хартиите се појавуваше фирмата со мистериозно сопствеништво – „Ексико“.

Подоцна, како што семејните фирми на Мијалков се појавуваа во сопственичките структури, така ја снемуваше „Ексико“.

Најеклатантен пример за ова е земјоделскиот комбинат „Пелагонија“. Таму во моментов покрупни акционери се речиси сите осомничени во истрагата: Јордан Камчев, Цветан Панделески, Ненад Јосифовиќ , но и семејната фирма на Мијалков.

Имено, околу 23 проценти од комбинатот поседува „Софија градба“, во која како краен сопственик се јавува постариот син на Сашо Мијалков, Јордан.

До јуни годинава, „Софија градба“ поседувала околу 12 проценти од комбинатот, кога уделот ѝ се зголемил за нешто повеќе од девет на сегашните речиси 23 отсто, токму за онолку колку што имала „Ексико“, која, пак, тогаш ја снемува од листата на големи акционери.

Преку акциите во „Пелагонија“, семејството Мијалкови влезе во сопственичката структура на млекарницата „Здравје Радово“, „Хотел Маврово“ и во уште неколку фирми.

Летово нешто слично се случило и во „Бетон-Штип“, таму од акционерската структура се избришала „Ексико“, а со нешто помалку акции се појавил човекот кој на Мијалкови лани им ја продал токму „Софија градба“.

Чешка, УБК и Водно

Луѓето што продефилирале низ „Ексико“ и нејзините бизниси се врзуваат со Мијалков | Фото: БИРН

„Ексико“ веројатно е најуспешната анонимна компанија во Македонија.

Притворениот Тодор Мирчевски е само нејзин директор, а газдата е швајцарска компанија зад која постои мистична сопственичка структура.

Сепак, ако сега се погледне историјата на компанијата, може да се заклучи дека и луѓето што продефилирале низ фирмата и бизнисите во кои таа влегувала имаат одредени врски со Сашо Мијалков.

И тие конекции не се појавуваат само во одреден момент, туку се провлекуваат од самото формирање на „Ексико“, далечната 2001 година, па сѐ до денес.

Првата релација меѓу „Ексико“ и Мијалков може да се направи преку човек од Чешка, кој ја претставувал фирмата што го основала „Ексико“. Подготовките за „Ексико“ почнале во 2000 година во Белизе, кога била основана фирмата – мајка, Делта Инвестмент ЛТД.

Она што е особено интересно е дека прв директор на таа компанија е лице од Чешка, Мирослав Хавлик.

Податоците од чешкиот регистар говорат дека и Чехот Хавлик и Сашо Мијалков имале бизнис-релации со браќата Спаравало во Прага.

Компанијата што ги поврзува Спаравало и Мијалков е Service Point MM која во 2013 година е ликвидирана и веќе не постои, а во оваа компанија ексдиректорот на УБК имал половина од сопственоста, додека остатокот го делеле браќата Спаравало.

Фирмата што ги конектира Спаравало и Хавлик, пак, е Credit Finance Group AS каде што тие членуваат во бордот директори.

Неполна година по формирањето на „Ексико“, во фирмата како сопственик влегува единствениот Македонец, а тоа е Жарко Луковски. Поранешниот главен оперативен директор на македонски Телеком и уште поважно пријател, а подоцна и кумашин на Сашо Мијалков.

Со Луковски во „Ексико“ доаѓа и Небојша Стајковиќ, кој во 2006 станува раководител во УБК под водство токму Мијалков.

„Ексико“ беше сопственикот и на една од куќите на Водно што приведениот истражител на СЈО ги фотографираше во 2016 барајќи го живеалиштето на поранешниот шеф на тајната служба.

А, кога сме кај адресите, вредно е да се потсети и дека фамозната „Ексико“ и агенцијата за обезбедување „Секјурити груп сервисес“ (СГС) едно време делеле иста адреса.

Поранешната опозициска партија СДСМ преку „бомбите“ ја поврзуваше СГС со Сашо Мијалков, а во прислушуваните разговори можевме да чуеме дека ексдиректорот на УБК менаџира со вработувањето на обезбедувачи. Агенцијата во времето на ВМРО-ДПМНЕ доминираше во бизнисот со обезбедување и кај државните институции, но и меѓу приватниците.

Петре Шилегов, пак, како портпарол на СДСМ, инсинуираше дека Мијалков е тој што стои зад анонимната „Ексико“.

СЈО не ја спомна „Ексико“ минатиот петок кога ја објави истрагата „Империја“, иако можеше лесно да се претпостави дека фирмата ќе биде вклучена во предметот откако нејзиниот директор 62-годишниот Тодор Мирчевски заврши во притвор.

Затоа, пак, вчера ова обвинителство ги замрзна имотот и сметките на „Ексико“ и на уште неколку компании.

Засега информациите се дека  СЈО се сомнева оти преку оваа и другите фирми се испрани речиси 11 милиони евра и притоа државниот буџет е оштетен за 6,2 милиони евра.