Истражувањa

Игри со пасоши: До „златно“ државјанство преку фризерски салон во Скопје

Контроверзен американски инвеститор си обезбедил македонски пасош отворајќи фризерски салон во Скопје

Во центарот на Скопје, покрај некогашното култно кино „Култура“, има фризерски салон наречен „Шарм“. Скромен по големина и истовремено може да опслужи само неколку клиенти, „Шарм“ беше отворен во 2019 година од американскиот државјанин Шон Андре Скот, жител на пацифичкиот остров Саипан.

Една година претходно, Скот основаше компанија во Скопје и префрли 405.000 евра основачки капитал од Хаваи. Тој ангажирал 13 луѓе како вработени во салонот. А за возврат, македонската влада му даде пасош, одлука што е објавена во записникот од владина седница на 22 јуни 2021 година.

Според македонскиот закон, владата може да додели државјанство на секој што сака да инвестира најмалку 400.000 евра и да вработи најмалку 10 лица минимум една година. Министерството за финансии треба да оцени дали инвестицијата е од интерес за државата. Но, дали фризерскиот салон „Шарм“ е навистина инвестиција од интерес на државата?

Околу 18 месеци по добивањето државјанство, Скот повлече 80.000 евра од својот основачки влог, наведувајќи ги како причини намалениот обем на работа по што почнува да го намалува и тимот во фризерницата.

Денес, салонот го води друга компанија, Скот го нема, а неговата компанија „Бест трејдинг компани“, на хартија има само еден вработен. Компанијата е управувана од Камбоџанецот Кухонг Пенг.

„Скот дефинитивно не е во Македонија“, рече адвокат од Скопје, кој претходно соработуваше со Американецот, а кој побара да остане анонимен.

Но, Скот сѐ уште има македонско државјанство. И бугарско. Прашање е како и зошто дошол до нив земајќи ги предвид двете децении присуство во американските медиуми, кои го поврзуваа со контроверзните деловни зделки.

Наводи за сомнителни активности

Жителот на Северно Маријанските Острови, Скот во еден момент имал дури 140 фирми | Монтажа: БИРН

Педесет и седумгодишниот Скот е државјанин на Соединетите Американски Држави, но, според извештаите во медиумите, прво заминал на Девствените Острови, а сега наводно се наоѓа на Северните Маријански Острови, од кои Саипан е најголем.

Оттаму, тој управува главно со две компании – „Бриџ капитал“, која се занимава со продажба на недвижен имот, и „Ангкор капитал“, специјализирана банка со седиште во Камбоџа, која дава заеми за купување недвижен имот.

Во 1994 година, Скот се појави во коцкарскиот свет, отворајќи казино со ограничена лиценца во предградие на Лас Вегас. Неколку години подоцна, тој аплицирал за постојана лиценца, но се премислил кога американскиот регулатор отвори истрага за неговите сметководствени практики. Скот ја продаде фирмата.

Една деценија подоцна, тој повторно стана интересен за американските медиуми.

Во 2022 година, Шон Андре Скот се појави и во бугарските медиуми, кои открија дека во 2017 година добил бугарско државјанство за инвестирање во земјата, исто како и во Македонија

Опишувајќи го како „богат млад претприемач“, во јуни 2004 година, „Вашингтон пост“ објави дека тој стои зад обидот за легализирање на автоматите во главниот американски град. Весникот пишува дека бил одбиен или не успеал да добие лиценци за коцкање во пет американски држави, откако регулаторите пронашле докази за „финансиско лошо управување, нередовни сметководствени практики и скриени партнерства“.

Повторно, во 2017 година, „Портланд прес хералд“ објави текст за понудата на Скот и неговата сестра да изградат казино во државата Мејн. Во него се вели дека многубројните инвестиции на Скот низ целата земја, главно во казина, „зад себе оставиле трага од тужби и наводи за измамнички практики“, но дека тој излегол од секоја од нив „најчесто неповреден“.

Во еден момент, објави весникот, Скот имал дури 140 фирми регистрирани во секторите коцкање, угостителство и трки со коњи. Неговиот начин на работа беше добро воспоставен – Скот купуваше напуштени објекти, добиваше лиценца за казино и веднаш ги продавал штом ќе почнела истрага за неговото минато.

Во 2022 година, неговото име се појави и во бугарските медиуми, кои открија дека во 2017 година добил бугарско државјанство за инвестирање во земјата, исто како и во Македонија.

Скот е еден од двајцата инвеститори во деловен комплекс – со хотел, ресторан, спа-центар и трговски центар – во непосредна близина на бугарскиот граничен премин Капитан Андреево со Турција. Најавениот комплекс сѐ уште се гради.

Зошто некому може да му требаат толку многу пасоши? Често, одговорот е „да се перат пари“, изјави, за БИРН, истражител за финансиски криминал, кој сакаше да остане анонимен.

Повеќе пасоши значат и повеќе опции, во случај на барање за екстрадиција, бидејќи сите земји немаат договори меѓу себе за предавање на нивните државјани

БИРН нема докази дека Скот извршил кривично дело. Но, таканаречените шеми на „златен пасош“ долго време се означени како можност за злоупотреба од луѓе што сакаат да го избегнат законот и да ги пренесат приходите од криминал.

Повеќекратните државјанства значат и повеќе матични броеви, што им отежнува на истражителите да ги следат парите што се депонирани во повеќе земји.

„Во такви случаи, многу е тешко да се побара помош од колеги од други земји, бидејќи работата е обемна“, ни рече изворот.

„Значи, ако немаат свој интерес, не се заинтересирани да влезат во истрагата“, вели тој.

Повеќе пасоши значат и повеќе опции, во случај на барање за екстрадиција, бидејќи сите земји немаат договори меѓу себе за предавање на нивните државјани.

Експерт за перење пари, кој исто така побара да остане анонимен, за БИРН вели дека е „чудно што некој со американски пасош, на кого му се отворени речиси сите граници, зема македонски пасош, кој не е баш високо ценет патен документ во светот“.

Слаба државна проверка

Клучни во проверката на потеклото на парите се банките | Фото: Каролина Грабовска, Пекселс

Можноста да се добие државјанство во замена за инвестиции беше воведена во Македонија во 2012 година, за време владата на Никола Груевски. Тогаш СДСМ како опозиција го критикуваше овој потег, но откако ја презедоа власта во 2017 година, издадоа 51 пасош врз основа на „економски интерес“.

Според македонскиот закон, Министерството за финансии треба да направи проценка дали странски инвеститор треба да добие државјанство врз основа на државен интерес.

БИРН неколкупати го контактираше Министерството за финансии за да праша за државјанството на Скот, но од таму, до моментот на објавувањето на текстот, не одговорија

Но, Законот за спречување на перење пари и финансирање тероризам им остава на комерцијалните банки да одлучат дали ќе ги проверат парите што преку нив се влеваат од странство во основачкиот влог во фирмата од каде што сопственикот, во случајот Андре Скот, може сосема легално да ги вади и да ги троши кога и да му затребаат.

„Се случува банките да не пријавуваат сомнителни трансакции затоа што пресметуваат дека се исплати дури и ако треба да ја платат казната, која изнесува помеѓу 80.000 и 120.000 евра“, изјави за БИРН втор извор, кој работи на истражување финансиски криминал.

Супервизор на работењето на банките е Народната банка. Од таму за БИРН велат дека ја информираат Управата за финансиско разузнавање само доколку „утврдат нешто при супервизија“.

Управата за финансиско разузнавање, пак, вели дека во изминатиов период нема добиено претставки од Народна банка што се однесуваат на основачки влогови, притоа не прецизирајќи ја временската рамка.

БИРН неколкупати го контактираше Министерството за финансии за да праша за државјанството на Скот, но од таму, до моментот на објавувањето на текстот, не одговорија.

Во Србија најмногу пасоши за Руси

Странец може да добие српско државјанство ако се смета дека тоа е во интерес на државата | Илустрација БИРН

Црна Гора има слична шема за златно државјанство, но, под притисок на Европската Унија и поради претходните скандали, оваа година не издаде ниту едно.

Тамошната јавност во 2009 година жестоко ја критикуваше владата на тогашниот премиер Мило Ѓукановиќ, која му даде пасош на Таксин Шинаватра, поранешниот тајландски премиер, кој беше сменет со воен удар во 2006 година, а подоцна беше осуден во отсуство на две години затвор за корупција и злоупотреба на службената положба. Ѓукановиќ рече дека Шинаватра добил пасош поради најавената инвестиција во туризмот.

Во 2022 година, годината кога Русија ја нападна Украина, Србија донесе рекорден број решенија за доделување пасоши врз основа на „посебен интерес“ – 64 за годината

Според официјалните податоци, досега 651 странски државјанин, повеќето од Русија и Кина, добиле црногорски пасоши откако купиле станови во крајбрежните и планинските градови или инвестирале пари во неразвиените области. Владата вели дека со ова се собрани 300 милиони евра инвестиции.

Сестрата на Шинаватра, Јинглук доби пасош од Србија, објавија медиумите во 2019 година. Јинглук Шинаватра тргна по стапките на својот брат и беше премиерка на Тајланд од 2011 до 2014 година, но беше сменета откако Уставниот суд одлучи дека ја злоупотребила службената положба.

Српскиот претседател Александар Вучиќ ја бранеше одлуката да ѝ се даде пасош, велејќи: „Не гледам дека тоа е никаков проблем за нас, особено ако владата гледа економски или други придобивки за нас“.

Српската шема функционира според Законот за државјанство, кој предвидува странец да може да добие  државјанство доколку се смета дека е во интерес на државата. Владините одлуки за државјанство се објавени во Службен весник, но со нив нема образложение за одлуката.

Помеѓу 2010 и 2015 година, во просек од пет до 13 пасоши се издавале на овој начин годишно, главно на спортисти кои играат за српските тимови и на нивните, на уметници, политички личности, извршни директори на меѓународни банки и инвеститори.

Бројките почнаа да растат од 2016 година, како и опсегот на луѓе кои добиваат такви пасоши. Додека некои беа јавни личности, многумина не беа и останува нејасно каков посебен интерес имала Србија да им даде пасоши.

Во 2022 година, годината кога Русија ја нападна Украина, Србија донесе рекорден број решенија за доделување пасоши врз основа на „посебен интерес“ – 64 за годината. Вистинскиот број на издадени пасоши е секако поголем со оглед на тоа што еден поединечен случај може да вклучува повеќе членови на едно семејство. Годинава Владата донесе 70 вакви одлуки за доделување државјанство, повеќето на Руси.

Европската комисија призна дека златните пасоши и визи носат ризик од корупција и перење пари, а Европскиот парламент усвои пакет-мерки против перење пари, вклучувајќи забрана за продажба на златни пасоши

Немања Ненадиќ, програмски директор на Транспаренси интернешнел Србија, вели дека, освен случаите во кои се вклучени познати спортски личности или други јавни личности, српската јавност не може да процени дали државата има вистинска корист од доделувањето државјанство на одредено лице.

„Во отсуство на овие информации, сосема е можно едно лице да добие државјанство без тоа да биде во интерес на Република Србија, туку во финансиски интерес на тие што ги предлагаат тие одлуки“, рече Ненадиќ за БИРН.

Албанија со години се обидува да воведе слична шема, но се соочи со отпор од Европската Унија кон која државата сака да се приклучи.

Шемата е поврзана со контроверзниот проект за развој на пристаништето Драч, каде што владата предлага да им се дадат албански пасоши на странците што купуваат станови.

ЕУ предупреди дека таквиот предлог, доколку биде усвоен, ќе го загрози слободното движење на албанските граѓани во Унијата.

Транспаренси интернешнел вели дека таквите пасоши или визни шеми „не служат за вистински инвестиции или миграција, туку за коруптивни интереси“.

Но, додека државите како Бугарија, Португалија и Ирска ги укинаа своите верзии, практиката продолжува во членките на ЕУ, Шпанија, Грција, Италија, Малта и Кипар.

Во 2019 година, Европската комисија призна дека златните пасоши и визи носат ризик од корупција и перење пари, а во 2022 година, Европскиот парламент усвои пакет-мерки против перење пари, вклучувајќи забрана за продажба на златни пасоши и вклучување строги задолжителни проверки за добивање т.н. златни визи.

Оваа сторија е поддржана од Глобалната програма за справување со нелегални финансиски текови, имплементирана од ГИЗ и финансиски поддржана од Сојузното Министерство за економска соработка и развој на СР Германија и Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка.

Содржината на сторијата е во целосна одговорност на БИРН и не ги рефлектира ставовите на ГИЗ, Сојузното Министерство за економска соработка и развој на СР Германија или Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка.