Регион

Илјадници луѓе во Тирана, биле шпионирани и прогонувани

Декласифицираните документи ја покажуваат моќта на Сигурими

Афердита Далиу била дете кога нејзиниот дедо, хафиз Ибрахим Далиу, од муслиманска вероисповед со силна репутација на патриотизам, бил затворен од комунистичкиот режим, кој владеел со Албанија со железна тупаница повеќе од 45 години, сѐ до 1991 година.

„Беше затворен и мачен. Почина во 1952 година. Сепак, ние како семејство бевме прогонувани до 1991“, изјави Афердита за БИРН, кога минатата недела ја посети изложба на декласифицирани документи на тајната полиција Сигурими во Тирана.

Документите покажуваат дека семејствата со влијание во нивните заедници, биле следени и редовно прогонувани, бидејќи се сметале за закана за репресивниот режим на Енвер Хоџа.

„Ми беше ускратено правото да одам на факултет“, нагласи Афердита. Наместо тоа, ја испратиле во рудник за јаглен во селото Валијас, каде што морала да работи 25 години.

Комунистичкиот режим не дозволувал децата на семејствата како она на Афердита, да посетуваат високо образование, туку тие морале да работат во рудници и во други тешки индустриски гранки. Одбивањето значело дополнителен прогон.

Афердита им ја раскажа оваа приказна и на албанските научници и владини претставници, на конференцијата што се одржа на 16-ти ноември, како дел од изложбата, „Тирана под окото на Сигурими“, организирана од Управата за информирање за документите на бившата државна безбедност и невладина организација, Здружението Тирана.

Иако поминаа повеќе од 30 години од падот на комунистичкиот режим, ова е сè уште тешка тема во Албанија, а историјата на земјата во тие 45 години е малку истражувана и воопшто не е дискутирана.

„Тие сè уште го негираат нашето страдање“

Афердита Делиу. Фото: БИРН.

Тирана, во 1920 година, кога, осум години откако Албанија стекнала независност, била избрана за нејзин главен град, била мал трговски град со околу 12.000 жители.

Како што градот почнал да се шири за да се направи простор за новите административни објекти, неговите жители почнале да имаат корист од растот на вредноста на нивното земјоделско земјиште, па некои од нив акумулирале значително богатство и политичко влијание.

Овие истакнати семејства, станале систематска мета на новите комунистички власти, кои дојдоа на чело на државата во 1945 година. Комунистите егзекутирале стотици луѓе, кои биле означени како непријатели, а секој можен отпор го спречувале со затворање, конфискација на имот и со други репресивни мерки, додека Сигурими внимавала на можните спротивставувања.

Ардијана Топи, директорка на архивата на Управата за информации за документите на поранешната државна безбедност, истакна дека досиејата на Сигурими покажуваат оти само во Тирана биле следени околу 4.000 луѓе.

„Досиеата се отварани со одлука која се однесувала на едно лице, најчесто на главата на семејството. Но, истрагата потоа се проширувала на целото семејство и на пријателите на членовите на тоа семејство“, нагласи Топи.

Меѓу изложените досиеја е и досието на семејството на Али Бегеј, градоначалник на Тирана пред Втората светска војна, кое содржи 458 страници, со извештаи од надзорот, кои датираат од 1958 до 1991 година. Бегеј умрел во затвор, додека другите членови на неговото семејство биле испрашувани, прогонувани и затварани.

Сигурими користела и доушници за собирање на информации за надгледуваните семејства, а декласифицираните досиеја покажуваат дека бројот на доушници, за секое семејство, се движел од 3 до 50.

Управата за информации за документите на поранешната државна безбедност не успеа да донесе дефинитивен заклучок за тоа колку оперативци и информатори Сигурими имала во Тирана, но Топи смета дека станува збор за илјадници такви лица.

Потомците на семејствата на мета на Сигурими, кои комунистичкиот режим ги прикажувал како индолентни паразити, сакаат граѓаните на денешна Албанија да сфатат низ што поминале.

Марсида Најдени, потомок на семејството Туфина, кое тргувало со часовници, на конференцијата, на која се обрати со видеопорака, истакна дека семејствата како нејзиното биле прогонувани поради нивната општествена положба. „Имотот им беше конфискуван, а тие беа неправедно гонети или затворани“, нагласи таа.

Најдени смета дека историјата на репресијата под комунистичкиот режим, треба подобро да се  познава, бидејќи поддржувачите на поранешниот режим „сè уште ги негираат нашите страдања“.