Регион

Хрватските антифашисти против изградбата на спомен-гробишта за усташите

Хрватски усташи и домобрани, седат заедно со српски четници, во 1942 година. Фото: Википедиа

Во вторникот, Одборот за воени ветерани на хрватскиот парламент, го поддржа предлогот за изградба на воени гробишта во рамките на централните гробишта Мирогој во Загреб, за војниците кои се бореле за НДХ.

Според предлогот, припадниците на усташките и домобранските сили од Втората светска војна, на новите гробишта би биле опишани како припадници на „хрватската војска“.

Одборот соопшти дека „секој човек има право на цивилизирано и достоинствено погребување и обележување на гробот“, додавајќи дека согласност за уредување на овие гробишта дале и Министерството за ветерани, и поранешниот градоначалник на Загреб, Милан Бандиќ.

На гробиштата Мирогој се погребани околу 550 војници, кои биле дел од усташките сили.

Но, предлогот тие да се окарактеризираат како хрватска војска, за Катарина Пеовиќ од Работничкиот фронт, која е член на Одборот за воени ветерани, е „целосно неприфатлив“. Нејзиниот предлог да се осуди овој предлог, беше одбиен од останатите членови.

Сојузот на антифашистички борци и антифашисти на Република Хрватска (САБА РХ) соопшти дека остро се спротивставува на плановите за уредување на овие спомен-гробишта.

„Не смее да се прифати дека усташите биле ‘хрватска војска’“, изјави претседателот на САБА РХ, Фрањо Хабулин, на прес-конференција во вторникот.

Хабулин посочи дека нарекувајќи ги усташите и домобраните како „хрватска војска“, на институциите на НДХ им се дава „достоинство“.

На плановите за уредување на спомен-гробиштата, им се спротивставија и Здружението на ветерани и антифашисти на Татковинската војна (ВеДРА) и Заедницата на здруженија на антифашистички борци на Далмација, кои на Фејсбук напишаа дека „хрватска војска во Втората светска војна беше  Народноослободителната војска на Хрватска, која Хрватска ја стави на страната на победничката антихитлеровска коалиција“.

Хрватската новинска агенција ХИНА, јавува дека другите членови на Одборот изјавиле оти ова прашање не е идеолошко.

„Тоа е прашање за жртвата, без разлика за која војска станува збор“, изјави пратеникот на ХДЗ, Анте Деур.

Предлогот за изградба на спомен-гробишта беше усвоен од Одборот истиот ден кога експертска група на австриското Министерство за внатрешни работи, презентираше извештај во кој предложи трајна забрана на контроверзната годишна комеморација во Блајбург, која се одржува во знак на сеќавање на десетици илјади усташи и цивили, убиени од партизаните во 1945 година.

Извештајот е подготвен откако некои австриски пратеници истакнаа дека комеморацијата во Блајбург станала фокус на собири на хрватските ултранационалисти и фашисти. Австрија има закон со кој се забранува прикажувањето на фашистичките симболи, вклучително и на некои усташки.

На гробиштата Мирогој има и споменик на жртвите од трагедијата во Блајбург и жртвите на Крстниот пат, во спомен на хрватските домобрани.