Регион

Вуковар по падот: историски извештај од урнатините

БИРН повторно ја објавува приказната на неделникот „Време“ од ноември 1991 година за уништувањето на градот

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

„Никој нема да ги жнее плодовите на победата, бидејќи ги нема; останува само горчливиот вкус на мамурлакот“, се вели во извештајот објавен во српскиот неделник „Време“, по падот на Вуковар, на 18 ноември 1991 година.

Милош Васиќ и репортерскиот тим на неделникот „Време“, влегоа во Вуковар откако хрватските бранители се предадоа, по разорната тримесечна опсада на ЈНА, на српските сили на територијалната одбрана и на паравоените формации. „Прекрасниот стар град е целосно уништен, најмногу наликува на Варшава од 1945 година“, се вели во извештајот.

Нивното пренесување на она што го видоа, напишано како серија од описни текстуални „слики“, резултираше со моќен приказ на, како што ги нарекоа „последиците од идеолошкото и националното пијанство“, што доведоа до насилен колапс на Југославија.

„Сликите на Вуковар по падот, се слики на нашата иднина“, пишува „Време“, предвидувајќи го уништувањето што ќе уследи во следните четири години на крвавите конфликти на Балканот.

ПРВА СЛИКА: Приодот до градот е улица долга околу два километри, во која ниту една куќа не вреди да се поправа, а од некогашниот убав дрворед кој држеше сенка, остана само расцепено дрво за горење. По улицата се движи огромен тенк, од чија купола до пола ѕирка воено лице; на главата има маска за нуркање и цевка за дишење. Малку подоцна поминува оклопен транспортер, над кој весело се вее голем розов балон во форма на зајак.

ВТОРА СЛИКА: Целосно разурната куќа во Вуковар; стои само еден ѕид, во тој ѕид врата, а на вратата, којзнае кога ставен, избледен плакат: „Српска куќа – не закачај!“. Низ улицата поминува колона од дваесетина војници и секој од нив турка по еден велосипед „пони“. Шлемови на главите на војниците: стандарден челичен на ЈНА; падобрански; пластичнен на воената полиција; непознат, но воен; пластичен детски за скејтборд; розово извезено мексиканско сомбреро. Натписи на шлемовите: „Црна мамба“; „Ренџери“; „Нинџа“; „Одделение за тивка ликвидација“ (сите на кирилица).

Нашиот известувач и група новинари ја преминуваат улицата; војникот вели: „Внимавај, има снајперисти, тие постојано пукаат на ова“. „Ова“ е јаже развлечено преку улица: „Мислат дека тоа е нашиот телефонски кабел, па сакаат да го пресечат. Не го тргаме, затоа што така ни ги откриваат своите позиции“. За тоа време снајперистите пукаат ли пукаат.

Припадници на ЈНА на подрачјето на Вуковар, септември 1991 година. Фото: Милош Цветковиќ

ТРЕТА СЛИКА: Десет часот наутро; пијан доброволец сака да се дружи со медиумите: ги ‘дави’ сите наоколу – новинарите, војниците што ги обезбедуваат, нивниот офицер. Офицерот благо го предупредува да ги остави на мира, но доброволецот ја репетира пушката и му вели: „Јок, ти ќе ми наредиш!“. Одиме понатаму како ништо да не се случило.

Позиција на првата линија на фронтот: соба во приземна куќа, во аголот маса, столици, решо на плин, храна. Група од шест доброволци рафално пука низ прозорецот, сменувајќи се. Домакински нѐ нудат  со домашно кафе и ракија, се е во најдобар ред, а Хрватите се на одалеченост од 50 метри, низ прозорецот. Седиме, пиеме и разговараме; повремено некој од доброволците ќе стане, ќе испука долг рафал низ прозорецот и се враќа да разговара понатаму, каде што застанавме.

ЧЕТВРТА СЛИКА: Капетанот задолжен за безбедноста на новинарите, се жали дека „странските медиуми искривено ги прикажуваат средствата и целите на ЈНА“. Го потсетуваме на инцидентот со пијаниот волонтер. „Што да се прави; војуваме со она што го имаме и кој ќе дојде да помогне, е добредојден“.

Католичката и православната црква, една спроти друга, на линијата на фронтот; во католичката Хрватите, во православната ЈНА и ние. Сите стојат покрај прозорецот и пукаат без престан; секој има по две пушки и ги менува кога цевката ќе се прегрее. На олтарот, девојките ги полнат шаржерите, а Исус гледа од ѕидот, уредно распнат.

ПЕТТА СЛИКА: Центар за прифат на Вуковарци во „ослободениот дел“. Го води Љубинко, добар човек со тажни очи, мал и со мустаќи. Ни објаснува дека тие тука ги згрижуваат сите унесреќени цивили, без разлика на вера и нација, но – насекаде околу него, целиот персонал, доброволците на Шешељ со убави сребрени двоглави орли.

ШЕСТА СЛИКА: Возиме во колона. Се очекува да пристигне делегација на ЕЕЗ, а сега веќе познатиот мајор, Веселин Шљиванчанин, кој нагло го замени претходниот капетан кога се приближи падот на Вуковар, објаснува: „ЈНА нема што да крие и затоа сака новинарите да ги снимаат најинтересните работи. Потоа додава: „Заради тоа, никому нема да му биде дозволено да го напушти прес- центарот, додека ЈНА не одреди кои работи се најинтересни“.

По четири часа чекање, доаѓа делегацијата на ЕЕЗ: група намуртени луѓе во бело, со прекрасни бели чевли во мрсната славонска кал. Нѐ бркаат од прес-центарот, додека разговараат со војската. Два часа подоцна, луѓето во бело – подеднакво намуртени – излегуваат и се упатуваат кон Вуковар. Никој од нив не кажува ниту збор, но затоа мајорот Шљиванчанин објаснува дека „делегацијата на ЕЕЗ инсистира, ниту еден новинар да не оди со нив“. Стиснат до ѕидот од новинари од целиот свет, холандскиот член на делегацијата на ЕЕЗ, вели дека ЈНА не дозволила новинарите да одат со нив.

Демолиран објект во Товарник, во близина на Вуковар, октомври 1991 година. Фото: Имре Сабо

СЕДМА СЛИКА: Вуковар е ослободен од повеќето форми на живот; пукање на сите страни – се слави. Доброволци, предводени од локални територијалци, систематски пребаруваат куќа по куќа, улица по улица. Еден од доброволците носи само долга мачета. „Каде ти е пушката“; „Ова е моето единствено оружје“, вели тој. 16-годишното дете од Вуковар, накратко вели: „Многумина ликвидирав“, но не се фали.

ОСМА СЛИКА: Специјалниот пратеник на генералниот секретар на ООН,  Сајрус Венс, поранешен државен секретар на САД, пристигнува во Вуковар. Во оклопен транспортер, од кој ништо не се гледа, четири пати го возат низ истата, главно зачувана населба во близина на касарната. Пред касарната, која е едвај оштетена, ако се игнорира една дупка на покривот од минофрлачка мина и скршените прозорци, мајорот Шљиванчанин му објаснува на Сајрус Венс: „Видете, овде веќе не може да се живее, сите прозорци се скршени. Замислете како се чувствуваат тие млади момци внатре…“

Градот е – во исто време – срамнет со земја и сите го гледаме тоа со голо око, дури и Сајрус Венс, кој слуша со неподвижно, камено лице. „Би сакал да го видам центарот на градот“, вели Сајрус Венс. „Таму сè уште се пука, не можеме да ви покажеме“, одговори мајорот. „Можеби некој друг може, ако вие не можете“, вели Сајрус Венс, со истото неподвижно лице.

ДЕВЕТА СЛИКА: Двајца влечат мал, смешен човек со волнена капа, претепан и крвав; го тепаат уште („усташ“), а тој вели дека дошол да ја посети старата мајка и децата и не можел да го напушти Вуковар. Кога ги видоа новинарите, го зедоа меѓу себе како трофеј: „Снимајте го усташот, сите тие се прават наивни“.

Доаѓа крупен човек со брада и шубара со кокарда и строго вели: „Водете го во штабот, таму ќе се утврди кој е и немој некој да го пипнал!“. Тој секогаш беше блиску до нас, сите го слушаа, многу е одмерен и се однесува како што треба. Малку подоцна поминува групата со натпис на шлемовите „Одделение за тивка ликвидација“ и вели: „Го видевте ли тој мал усташ? Го утепаа од ќотек“.

Луѓе излегуваат од подрум, запрепастени, исплашени, скршени. Никој од српските цивили не кажа дека бил заложник, а ги прашуваме сите. Сите останале, надевајќи се дека нема да стигне до овде, но никој – велат – не ги задржал таму. Во понеделник, на 18 ноември, гледаме колона од околу 2.000 луѓе како се качуваат во автобуси. Сите Хрвати, не се знае каде ќе одат.

ДЕСЕТА СЛИКА: Вучедол (претпоставувам), на 3-4 километри од градот, селски пат, бескрајна колона луѓе од сите возрасти и во сите замисливи состојби, со вреќи во кои се најпотребните работи, чекаат. Ги претресуваат воени полицајци, љубезни и крајно коректни. Во колоната има и вооружени лица, кои го фрлаат оружјето, ситуацијата не е тензична; има одредена релаксација и разрешување во атмосферата. Војникот на сите им дава вода, конзерва и леб.

„’Како ви е сега кога е готово?’, прашува еден новинар. ‘Што е готово?’, одговара една жена. ‘Куќата е урната, немаме веќе ништо, не знаеме каде не водат; знаете што: толку многу нѐ тепаа и нѐ бомбардираа, што ми се чини дека сите сме го изгубиле разумот. Ние не сме нормални луѓе’. Потоа, бесно: „Што ви е вам тука готово?’. Војникот ѝ подава конзерва, а таа вели: ‘Море мрш и ти и твојата конзерва!’“.

Milos Vasic, Dejan Anastasijevic, Vreme Reporting Team

Ова е скратена верзија на написот првично објавен во списанието „Време“, на 25 ноември 1991 година. Превод на англиски јазик: Емица Ниами-Налбантиќ.