Анализи

Имотот на Јанкулоска, Мијалков и на Јанакиески стана „таен податок“

Мери Јордановска и Владо Апостолов

jankuloska mijalkov janakieski

Антикорупциската комисија одбива да соопшти со колкав имот дошле, а со колкав имот си заминале од функцијата поранешните министри за транспорт и внатрешни работи, Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска, како и бившиот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков. Според комисијата, станува збор за „лични податоци, заштитени со закон“.

БИРН, користејќи го Законот за пристап до информации од јавен карактер, од комисијата ги побара анкетните листови за имотната состојба на поранешните функционери – првиот и последниот анкетен лист за имотот. Сакавме да провериме дали и колку евентуално се збогатиле додека ја вршеле функцијата.

Образложението на комисијата е дека „именуваното лице повеќе не ја извршува спомнатата функција, односно истото нема својство на избрано/именувано лице, а бараните информации содржат лични податоци кои се заштитени со закон, па нивното откривање значи повреда на заштитата на личните податоци и навлегување во приватноста“.

antikorupciska

Дел од одговорот што го доби БИРН од Државната комисија за спречување на корупцијата

Законот за спречување на корупцијата предвидува дека секој избран или именуван функционер е должен да пополни анкетен лист со имотот на неговото семејство во рок од 30 дена по стапувањето на функцијата, и потоа уште еден анкетен лист, 30 дена по престанокот на функцијата. Законски е предвидено да се пријави и секоја промена во имотната состојба што настанала во меѓувреме.

dksk

Анкетните листови на функционерите се достапни на веб-страницата на Државната комисија за спречување на корупцијата, но кога тие ќе си заминат од функцијата, нивниот анкетен лист за имотната состојба веднаш се брише, па јавноста не е во можност да ги види промените во нивниот имот.

Евентуалните промени во имотот го знаат само вработените во Антикорупциската комисија, кои можат да ја известат Управата за јавни приходи (УЈП),доколку постои сомнеж дека имотот на функционерот несразмерно се зголемил во однос на неговите примања. Сепак, ваквите случаи се исклучително ретки, а и УЈП, со образложение дека станува збор за „даночна тајна“, одбива да извести за кои функционери се води постапка.

Според последните податоци од анкетниот лист на Мијалков, пред да даде оставка во мај годинава, тој поседуваше милионски имот.

mijalkov imot

Извадок од анкетниот лист за имотот на Мијалков, пред да биде избришан од веб-страната на Антикорупциската комисија

Дали во меѓувреме имотот му се зголемил, односно дали пред да ја даде оставката дополнително се збогатил, јавноста не може да знае, бидејќи за Антикорупциската комисија, станува збор за „личен податок“.

Истото се однесува и на Јанкулоска, Јанакиески и сите останати функционери кои си заминуваат од функциите, што под знак прашалник го става концептот на јавното објавување на анкетните листови за имотната состојба, кога на јавноста не ѝ е овозможено да направи компарација.

Анкетниот лист за имотот мора да биде јавен

malinovski

Јавноста на анкетниот лист е извесен коректив на невозможноста на институциите да ги следат сите промени. Јавноста кога има увид во имотот има можност да сигнализира ако некој стекнал имот, а не го пријавил, вели Малиновски

Поранешниот член на Антикорупциската комисија, Драган Малиновски, смета дека одлуката на комисијата да не ги објави последните анкетни листови на тројцата функционери е во спротивност со елементарниот принцип на информација за јавноста.

„Никаде не се вели дека оваа информација е јавна само додека тие ја извршуваат функцијата. Содржината на анкетниот лист е јавна и додека тој е на функција и по неговото заминување. Таа не може да биде личен податок, дефинирана е во законот како јавна. Може да се заштитат само матични броеви и адресите, меѓутоа не и целата содржина на анкетниот лист за имотот на функционерите“, дециден е Малиновски.

Според него, небитно е тоа што Антикорупциска одлучила да не ги објавува последните анкетни листови на функционерите на својата веб-страница.

„Тие можат и да го тргнат анкетниот лист од интернет страницата, меѓутоа секој може да оди и да побара, вклучително и медиуми, кој било анкетен лист на функционер, вклучувајќи го и последниот. Тој е јавен и во ниту еден момент не престанал да биде јавен“, смета членот на првиот состав на Антикорупциска.

Малиновски објаснува зошто треба да го знаеме и првиот анкетен лист што го поднесуваат функционерите, како и последниот.

„Потребно да се види кој со колкав имот дошол на функција, а со колкав излегол. Впрочем, тоа е и смислата на анкетниот лист – да го имаме почетното салдо на функционерот, да ја имаме секоја промена и да го знаеме завршното салдо. Јавноста на анкетниот лист е извесен коректив на невозможноста на институциите да ги следат сите промени. Јавноста кога има увид во имотот има можност да сигнализира ако некој стекнал имот, а не го пријавил. Со тоа се проширува спектарот на можни, условно речено дојавувачи “, вели Малиновски.

БИРН ќе го обжали решението на Антикорупциска за недостапност на податоците пред Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер.