Актуелно

Дваесет милиони евра за изградба на двата „барокни“ факултета

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Тендери од речиси 20 милиони евра доби градежната компанија „Бетон Штип“ за изградба и партерно уредување на Факултетот за физичко образование и спорт (ФФК) и на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ). Договорите за новите барокни згради на двата факултета вчера беа објавени на веб страницата за јавни набавки.

Според базата на податоци на БИРН, „Скопје 2014 под лупа“, досега, објектот на ФИНКИ чини над 13 милиони евра, а ФФК над 7 милиони евра.

Двата договора за изградба ги доби компанијата „Бетон Штип“, каде што акциите ги поседува компанијата на Орце Камчев, Орка Холдинг, оф шор компанијата од Лугано, „Ексико“, ТИМ ДОО (во сопственост на Дејан Панделески, кумашин на бившиот министер за транспорт, Миле Јанакиески) и Езимит Инвест ДООЕЛ.

akcioneri Beton Stip

Акционерите во градежната компанија „Бетон Штип“, според Централниот депозитар за хартии од вредност

Автор на идејните решенија за двата факултета е Жарко Чаушевски и фирмата во која тој директорува, „Архитектоника“. Оваа фирма, според базата на податоци на БИРН, за изработка на идејни решенија досега има инкасирано над 1 милион евра, а Чаушевски, како физичко лице, над 46 илјади евра.

Минатата година, тогашниот министер за образование, Спиро Ристовски, најави дека во текот на 2015 година се очекува да почне изградбата на новата зграда на ФИНКИ, за која рече дека ќе биде „една од најсовремените згради“.

Подоцна, беше објавено и избраното идејно решение за овој објект каде што беше нагласен барокниот стил.

finki

Изгледот на новата зграда на ФИНКИ

Базата на податоци на БИРН покажува дека проектот „Скопје 2014“ досега чини 633 милиони евра, речиси 8 пати повеќе од првично најавените 80 милиони евра.

Пресметките покажуваат дека за овој проект, годишно се трошат по 90 милиони евра, месечно по 7,5 милиони, дневно по 250.000 евра, односно 10.416 евра на час.

Проектот сè уште не е завршен, со што се очекува дека оваа сума уште повеќе ќе се зголемува.