Актуелно

Фризерот „Диор“ крена раце од галиите

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Нова фирма ја управува галијата и ја реновира

Фирмата „Фаланга дим“, која инвестираше во изградбата на две од трите галии во реката Вардар, онаа кај МЕПСО и онаа спроти Министерство за надворешни работи, од неодамна се подготвува да оди во стечај, а во меѓувреме сплавовите, како што овие објекти се водат во урбанистичките планови, ги водат нови компании.

Градот Скопје во 2012 година ги избра „Фаланга дим“ и нејзините идејни решенија за бродовите и двете страни се договорија оној кај МЕПСО да биде ресторан, а тој кај МНР – салон-бар.

Сопственик на „Фаланга дим“ беше скопјанецот Давор Андреевски, којшто е познат како газда на фризерското студио „Диор“.

Многумина се изненадија од неговата авантура во угостителството, бидејќи никогаш не бил во овој бизнис и во медиумите провејуваа дилеми околу мотивите зошто се нафатил да ги гради галиите, кои се дел од контроверзниот проект „Скопје 2014“.

Шпекулациите ги подгреваше и неговата таинственост, зашто тој најчесто ги одбегнуваше новинарите. И кога ги градеше галиите и сега, Давор Андреевски не e расположен да зборува за сплавовите, обично се правда дека е на пат надвор од Скопје или од државава.

Кога овој пат му се јавивме за да прашаме зошто кренал раце од галиите, Андреевски прво прифати да зборува, а потоа се премисли и тврдеше дека на телефонскиот број сме добиле сосема друг човек. Подоцна не врати ниту на пораката што му ја пративме на Вибер.

Во една од ретките прилики кога зборувал со новинарите, во 2012 година за „Утрински весник“, изјавил дека воопшто не го засега тоа што во јавноста се коментира дека е близок на одредена политичка партија и на некои бизнис-кругови.

Галиите добија нови газди

Бродот кај МЕПСО почна да работи како ресторан „Ројал Македонија“ и имаше ентериер во антички стил и специјалитети именувани во духот на времето на Александар Велики.

Сега галијата е затворена и се реновира, веројатно зашто пролетва Вардар ја поплави и на вратата пишува дека со неа управува нова фирма со слично име на старата, „Фаланга Херонеа“.

Покрај тоа што називите на старата и на новата фирма се слични, речиси идентично како Андреевски се однесува и новата газдарица на овој брод, Вера Најдовска.

Кога ѝ се јавивме и ѝ се преставивме дека сме новинари што се интересираат за бизнисот со галиите, таа замоли да ја почекаме, пет-шест секунди нешто како да работеше на тастатура и ја спушти слушалката.

Подоцна не се јавуваше и не врати на СМС-пораката со која побаравме средба. Според нашите информации, Најдовска како и Андреевски не е позната во угостителскиот бизнис и претходно работела во градежна компанија.

Градот се обврзаа да ја изгради инфраструктурата, а инвеститорите галиите

Втората галија што ја градеше таинствениот Андреевски денес работи како кафуле и со него раководи компанијата со бугарски капитал „Сервис АД“.

Оттаму нѐ информираа дека во текот на градбата во 2016 ја презеле галијата од Давор Андреевски, ја доградиле и сега размислуваат покрај кафулето да додадат уште некоја содржина.

Од Град Скопје, пак, за БИРН велат дека во овој момент немаат увид во статусната позиција на фирмата на Андреевски, како носител на концесии за двете галии.

„Објектот, поточно договорот, кај МЕПСО е спогодбено ставен во мирување до завршување на градежните работи, бидејќи нема услови за деловни активности, а за галијата спроти МНР сѐ уште се реализираат обврските согласно договорот за концесија. Доколку дојде до стечај на фирмата, односите ќе се регулираат согласно договорот“.

За разлика од овие галии, третата галија ја води познатиот скопски угостител Столе Филипоски, сопственик на популарниот ресторан „Воденица“. Таа се наоѓа помеѓу двете галии што ги градеше таинствениот Давор Андреевски.

Иако сега во Вардар има три брода, ДУП-от за тој дел од центарот на Скопје предвидува шест вакви објекти и тоа четири на десната и два на левата страна од реката.

Галии не никнаа на локацијата веднаш под мостот „Гоце Делчев“, до ново-стариот театар и до колонадата.

Градските власти се обврзаа да ја изградат инфраструктурата, да постават канализациска мрежа и да донесат струја на галиите, а обврска на инвеститорот беше да ги изгради галиите од челик и од дрво, а внатрешноста од гипс-картон на начин што ќе може објектот да се отстрани, бидејќи сплавовите се поставуваа на период од десет години во кои концесионерот треба да плаќа кирија на Град Скопје од околу 1.000 евра месечно.