Самоиловите слепци

На големиот визионер и мислител Џорџ Орвел му се припишува дека некаде има кажано, поточно запишано, дека оној што го контролира минатото, ја контролира иднината, а оној што ја контролира сегашноста, го контролира и минатото.

Не зборува Орвел за историјата како учителка на животот, ниту, пак, ламентира како Карл Маркс дека историјата се повторува како фарса, дури ни на она дека историјата ја пишуваат победниците. Напротив, тој, едноставно, вели дека минатото (историјата) е подложно на манипулација, и тоа во политички цели.

Се разбира дека постојат неброени примери за потврда на оваа теза, особено на простори што произведуваат повеќе историја отколку што можат да поднесат, како што наводно рекол Черчил за Балканот. Но, не само тука.

Историјата како ресторанско мени

Манипулацијата со историјата е особено „популарна“ во 19 век, односно во периодот на создавањето на националните држави. За националната кохезија не е потребна само територијална кохезија, ниту, пак, заеднички јазик, па ни иста религија. Не важи ни феудалниот принцип на властелини и кметови, кога државата се создава врз база на (над)моќта, првенствено физичка, а следствено и економска, на некој велмож.

Неопходен е, значи, некаков друг фактор што ќе послужи како центрифугална сила околу која ќе се собере она што подоцна ќе се нарече „нација.“ Националните, односно историските митови се еден вид заеднички симбол, национален лепак, околу кого се собираат припадници на различни општествени слоеви, значи со различни интереси, но под бајракот на заедничкиот национален именител.

Постојат неколку проблеми со националните митови. Првин, нивната улога не е или е најмалку историска. Напротив митот треба да го „билда“ колективното его, за да може што е можно повеќе да ги мобилизира оние што инаку би немале потреба заедно да се мобилизираат. Во таа смисла, и самиот мит се „билда“ до неверојатни размери. Второ, митовите се во функција на создавањето и одржувањето на националната држава и затоа љубоморно се чуваат и се негуваат во колективната свест на една нација.

Сепак, најголемиот проблем со нив е што тие некритички се (пре)земаат од заедничкото минато (историјата!) како од некое ресторанско мени. Едноставно, некој седнал и рекол: „ова е наше“ и тука повеќе нема преиспитувања и оспорувања. Во таа смисла, постарите нации се во предност пред помладите.

Тоа може убаво да се види токму на примерот на Балканот. Грција, на пример, без двоумење, го присвои целото хеленистичко наследство, без оглед што античкиот период се одликува со непрекинати војни, што значи дека не постои некој заеднички интерес што денес би се проектирал врз она што се нарекува грчка нација. Постсловенскиот период, односно оној од средниот век, па сѐ до нивното оформување како национални држави во втората половина на 19 век, меѓу себе братски си го поделија Бугарија и Србија.

Македонија ја имаше таа несреќа што последна на Балканот се формираше како нација, односно како национална држава. И за неа на менито на националните митови не остана речиси ништо. Освен некои трошки, во секој случај недоволни за зајакнување на сопствената важност во историјата. Овој факт, се разбира, создава фрустрации и чувство на инфериорност и потреба за докажување.

Па, така доаѓаме до различни будалштини. Од проектот „Скопје 2014“, па сѐ до апсурдните расправии околу Цар Самоил.

Измислените и неизмислените

Залудни, патетични и бедни се овие напори. Особено во овој век. Нацијата е конструкт. Не е природна, не е дадена од Бога и не е вродена. Таа постои или не постои. Постојат ли американската, канадската, австралиската, новозеландската… нација? Постојат! Тоа е факт што можат да го избришат само припадниците на таа нација, односно оние што се чувствуваат така.

Во животот, за жал, сум имал можност да разговарам (поточно, да се расправам) со мои познаници од Бугарија и од Србија по ова прашање. И тезата е секогаш иста: „Вие, (Македонците) сте измислени во 1945 година“ и следствено на тоа: „вие сте конструкт и според тоа суштински не постоите.“

Одамна сфатив дека е залудно да им објаснувам дека и тие се измислени и се нечиј конструкт, а не од Бога дадени, па затоа обично одговарам со контра прашање. Дали дома имаат машина за перење алишта и дали ја користат? И откога ќе добијам потврден одговор, поентирам со прашањето: „Зошто ја користат кога е измислена? Зошто не ги перат алиштата на поток, што би било природно?“

И, како на секое реторичко прашање, одговарам самиот. Ја користат затоа што таа постои. И тоа е факт. И дали постои од 1745 или од 1945 година е сосема небитно. Значи, јас постојам. Јас сум Македонец, барем до оној момент додека не решам поинаку. И тоа е факт. А пред фактите се молчи. Или барем би требало.

Затоа ми изгледа толку апсурден овој спор околу царот Самоил, владетел што умрел пред повеќе од илјада години. Замислувам дека некој од оние медиуми што привикуваат духови ќе го повика Самоил и ќе го праша дали е Македонец или Бугарин или, ете, Ерменец? Мислам дека човекот ќе падне во целосна конфузија. Ќе помисли дека сме останале слепци уште од негово време. Што и не е далеку од вистината.

Тој, имено, не е ништо од ова. Тој е велмож, владетел, цар на една територија и сите жители на таа територија се негови поданици. Тој е Самоил и неговото царство е негово. Приватна сопственост, што би се рекло. Исто како што Душановото царство е царството на Цар Душан, а не Србија.

Можеме да кажеме и вака. Сите бугарски, грчки и албански кралски династии во времето на нивниот национален препород се увезени. Сите се странци. Значи ли тоа дека тие се октроирани нации? Дека некој ги измислил и им пратил свои владетели? Да, значи, се разбира. Па, што? Тие постојат. И тоа е факт.

За волја на вистината, Србите имаат свои автохтони династии (Обреновиќ и Караѓорѓевиќ), но затоа речиси сите сопруги на кралевите се од некои други (странски) кралски семејства, како што и нивните ќерки се снаи на некои други кралски дворови, така што прилично е тешко и тука да се бројат крвните зрнца и да се инсистира на национална исклучивост.

Треба ли да кажеме дека една од најголемите владетелки на Русија е Германката Катерина Велика. И сега, дали Германците им го оспоруваат идентитетот на Русите? Дали Русија во тоа време е Источно германско царство? Не е. И никому, кој е барем малку рационален, не му паѓа на ум тоа да го тврди. Или ако веќе го тврди, тоа е толку небитно за предизвиците на денешното време, што е навистина занемарливо.

Националната митологија не е ништо друго, туку продукт на државната и првенствено на образовната униформирана идеологија. Не е можеби толку страшно, иако не е безопасно, кога историчарите си играат политичари. Многу пострашно е кога политичарите си играат историчари. А си играат. И се заигруваат.

Клио, античката муза на историјата, секогаш е претставена како свири на некој инструмент. Некои толкувања велат дека таа го свири она што владетелите сакаат да го слушнат. Време е веќе некој да ѝ го земе инструментот. Во спротивно, што би рекла белградската историчарка Дубравка Стојановиќ, ќе останеме во колективен страв од растење.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија