Вести

Институциите се удавија во поплавите

poplava2

Oфицијалната бројка на загинати се искачи на 22 лица, а како исчезнато се води 16-месечно бебе

Комплетна конфузија и нетранспарентност владее кај надлежните институции во однос на жртвите од поплавите што се случија во саботата. Не се знаат ниту точните локации каде што загинале жртвите, ниту пак е позната причината за смртта. Без утврдена причина за смрт, пак, не може да биде издадена посмртница.

До вчера, официјалната бројка на жртви беше 21, а едно лице се водеше како исчезнато. Денеска, МВР објави дека жител од село Стајковци вчера сам го пронашол телото на своето 12-годишно дете кое претходно беше пријавено за исчезното во невремето.

Со тоа, официјалната бројка на загинати се искачи на 22 лица, а како исчезнато се води 16-месечно бебе. Вчера напладне нејзиниот чичко ја пријавил како исчезната, откако нејзиниот татко починал во невремето.

„Таткото и ќерката, на 6 август околу 20 часот, се движеле со возило во близина на обиколницата Смилковско езеро кога на нив наишол голем воден бран. Водата почнала да го носи возилото и од тогаш на детето му се губи трагата“, се вели во соопштението на МВР.

И покрај тоа што од МВР тврдат дека како исчезнато се води само едно лице, 16-месечното бебе, директорот на ЦУК Шабан Салиу денеска излезе со изјава дека како исчезнати се водат три или четири лица.

Ниту една институција не излегува со конечна бројка за исчезнати лица, ниту пак со причини за смрт кај жртвите

За тоа каде се пронајдени жртвите и како починале, никој не знае да објасни, а топката се префрла од институција во институција.

„Со такви информации за тоа како и каде починале жртвите ние не располагаме. Обратете се во МВР“, ни изјавија од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Од МВР, пак, нè вратија назад, кон ЦУК.

„Секоја информација што ја имаме, ја објавуваме. За сето останато обратетете се во Центарот“, велат од МВР.

Истовремено, се води и „битка“ меѓу Јавното обвинителство и Институтот за судска медицина. Од Институтот се децидни дека при вакви елементарни непогоди задолжително мора да се изврши обдукција врз телата на починатите, за да се утврди причината за смртта.

„Вака не се знае ниту од што, ниту пак кога починале жртвите. Во сиот цивилизиран свет се врши обдукција кога има вакви појави, бидејќи тоа значи почит кон човечкиот живот. Посмртница не може да се издаде без причина за смрт. Но, нас ниту некој нè исконтактира, ниту пак нè повика на терен, иако според упатствата на Интерпол, тимовите за идентификација на телата треба да ги води судска медицина“, велат од Институтот.

Од Јавното обвинителство, пак, тврдат дека јавниот обвинител наредува обдукција само согласно Законот за кривична постапка, односно тогаш кога постои сомневање дека смртта е предизвикана со кривично дело.

„Согласно Законот за здравствена заштита, обдукција можат да побараат и други институции, како и членови на потесното семејство на жртвите“, велат од Државното јавно обвинителство.

Во конкретниот случај, велат од ЈО, станува збор за елементарна непогода и не постоело сомнение за сторено кривично дело.

„Истовремено дежурниот јавен обвинител од страна на полициските екипи беше известен дека на теренот каде беа пронајдени телата не може да се врши увид и фотографирање, затоа што е непристапен и непрооден, а на истиот пристап имаат само специјални единици од МВР и од АРМ со чамци и оклопни возила“.

Хаос и во распределба на помошта

И додека институциите сè уште се пребројуваат и организираат околу бројот на жртвите, за кои се претпоставува дека се повеќе од оние првично соопштените, револтот кај оние што ги загубија своите домови во водената стихија сè повеќе расте.

Граѓаните и волонтерите реагираат на начинот на кој се дели помошта

На социјалните мрежи се шират многу реакции околу начинот на кој се доставува помошта од храна. Се реагира дека помош се дели само селективно, само на одредени лица блиски до партијата на власт кои успеале да ургираат, додека голем број семејства се оставени без храна, вода и елементарни услови за живот. Реагираат и волонтерите на терен, кои почнуваат самите да се организираат да носат помош од врата на врата.


Од овие причини, загрижените граѓани и волонтери, на социјалните мрежи се обединуваат под хаштагот #поплава, организираат пунктови за прибирање на помош, преку храна до алати, до споделување на информации директно од терен и помагање на засегнатото население да ја исчисти водата и да се справи со штетата од невремето.

По најавите од Црвен крст дека неофицијалните пунктови за собирање помош ќе бидат затворени, граѓаните демантираат .

“Сите пунктови коишто се организирани на социјалните мрежи функционираат со целосна посветеност на волотерите, секој добиен продукт се маркира со ознака “H” и се носи секаде каде што е потребно” , се вели во демантот на волонтерите кои самоиницијативно собираат помош за настраданите во невремето во Скопје.

Најзагрозени подрачја остануваат Стајковци, Ченто, Синѓелиќ, Страчинци, Булачани, Виниче, Црешево, Камник и Раштански Пат.