Во потерницата на Интерпол се вели дека Милорад Круниќ е државјанин на Босна и Херцеговина и на Србија, и дека е обвинет за злосторства против човештвото.
Обвинението е поднесено од Обвинителството на Босна и Херцеговина, а на расправата за изјаснување за вината, што требаше да се одржи пред Судот на БиХ во август, не се појавија ниту обвинетиот, ниту неговиот адвокат.
Тогаш, судијата, Зоран Божиќ, информира дека Вишиот суд во Белград на обвинетиот му ја врачил поканата за рочиштето во јуни, но оти тој не се одѕвал.
Круниќ е обвинет дека ги извршил злосторствата во рамките на широк и систематски напад на Војската на Република Српска (ВРС), на припадниците на милицијата и паравоените формации, врз бошњачките и хрватските цивили во општината Сански Мост, 1992 година.
Според обвинението, тој на 11 јуни 1992 година, го надгледувал транспортот на мажи од објектите за притвор, кои се наоѓале во спортската сала и во фабриката во Сански Мост, до логорот Мањача.
Според обвинението, тој од останатите одвоил шест цивили и учествувал во нивното убиство, кое било извршено на локален пат.