Анализи

Истрагите на СЈО меѓу судот и контејнерот

  • 41
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Се чека решение не само за институцијата, туку и за предметите што ги истражува | Фото: БИРН

По скандалот со рекетирање и по оставката на Катица Јанева се бараат начини како Специјалното јавно обвинителство да продолжи да работи, но на кои случаи? Засега никој не го оспорува правото обвинителите на СЈО да продолжат да одат на суд и да ги застапуваат обвиненијата што ги поднесоа, но на нивните полици има уште 19 истраги за кои не е поднесено обвинение.

Со последниот предлог од премиерот Зоран Заев, СЈО треба да стане одделение во Обвинителството за организиран криминал што го раководи обвинителката Вилма Рускоска. Нема никакви гаранции дека ова ќе се усвои, бидејќи за такви законски измени е потребно двотретинско мнозинство. Партијата што треба да го обезбеди, ВМРО-ДПМНЕ, има сосема поинакви ставови и интереси.

На лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски не му требаше долго по скандалот за да порача дека „компромитираното СЈО е завршена приказна“. Партијата чии членови се соочија со најмногу обвиненија и истраги од Специјалното јавно обвинителство, а која е обвинета и како правно лице во случајот „Талир“, веќе неколку месеци се бори за тоа да не може во целост да ја продолжи работата што сега ја врши. Иако беше осамена на овие позиции (против владејачките партии, дел од опозицијата на Албанците, меѓународната заедница, кои бараат траен статус и одврзани раце за СЈО), таа во овој скандал најде причина уште поцврсто да се држи до нив и да ги поставува своите услови.

Ако тоа се случи, партијата нема да биде обвинета, имотот нема да ѝ биде замрзнат (обвинението за „Талир“ се поднесе по предвидениот рок), и нема да се соочи со нов бран обвиненија од 19-те истраги на кои сѐ уште се работи во обвинителството сместено на Рузвелтова. Тие, освен „дежурните“ Миле Јанакиески, Никола Груевски, Кирил Божиновски и други, опфаќаат други истакнати членови на партијата, меѓу кои и Зоран Ставрески, Силвана Бонева и „моќникот“ Антонио Милошоски, кој во изминатиов период порачуваше дека „нема да дозволат незаконски истраги“. Не само што се бара тие да прекинат, туку има пораки и дека Јанева и СЈО треба да одговараат зашто воопшто ги отвориле.

Манипулации, пропаганда и моќ

Откако ги поднесе обвиненијата за серијалот предмети на буквата Т („Титаник“, „Таргет“, „Тортура“, „ТНТ“ и другите) и почна да ги застапува на суд, специјалното обвинителство продолжи да истражува какви сѐ наоди има во снимките од телефонски разговори и најде уште многу индиции за корупција, криминал и друго незаконско дејствување.

На старите случаи во врска со незаконското прислушување, местењето избори, местењето тендери за набавка на возила, ископување јаглен, изградба на автопатишта, доградба на музеј, за нарачано уривање објект и други, од минатата година се додадоа уште неколку нови. Поранешните коалициски партнери Никола Груевски и Али Ахмети се осомничени поради пропаднатиот попис, дека решиле да го прекинат поради неповолната демографска состојба и масовното иселување, а да го оправдаат тоа со технички причини.

Азилантот во Унгарија е осомничен и во уште три предмети, „Актор“, „Хармонија“ и „Пропаганда“, каде што според информациите на СЈО заедно со Кирил Божиновски и со уште седум лица одлеале 30 милиони евра од буџетот, најголем дел кај приватни медиуми што ги поддржувале политиките на ВМРО-ДПМНЕ.

Двајца поранешни министри за здравство, Никола Тодоров и Бујар Османи (сегашниот вицепремиер за евроинтеграции), се сомничат за местење тендери. Едниот за рендген-апарати од фирмата „Визарис“, која беше поврзана со новинарката Ивона Талевска, а другиот за занаетчиски работи од бугарска фирма.

Особено е обемен случајот против „исклучително моќниот пратеник“ Антонио Милошоски, кој е осомничен дека издејствувал на негови блиски да им се продаде државен имот по многу ниски цени, а кога продажбата завршила на суд, нарачал лустрација за еден од судиите за кој верувал дека ѝ е наклонет на спротивната страна.

„Империјата“ против начелното мислење и сомнежите за злоупотреба

СЈО долго време работеше на сложената шема на империјата

Од сите нови случаи, најмногу внимание привлекува „Империја“, каде што се осомничени Сашо Мијалков, Орце Камчев и повеќемина нивни бизнис-партнери, вкупно 13 лица. Тие се сомничат за повеќе кривични дела, меѓу кои перење пари и злосторничко здружување. Мијалков, Камчев и другите осомничени беа испраќани во притвор за овој случај, па по жалбите беа ослободувани или им беше одредуван домашен притвор. Истрагата се отвори во ноември минатата година, а обвинението се очекува во наредниот период.

Ова е предметот со кој наводно бил уценуван бизнисменот во случајот што го објави обвинителството за организиран криминал. И покрај тоа, обвинителката од СЈО, Ленче Ристоска рече дека не постои основа да се запре истрагата за „Империја“ бидејќи е отворена поради сомнеж за сторено кривично дело. 

„Основ за сопирање истрага не е водењето друга паралелна кривична постапка“ рече Ристоска.

Но, судбината на сите истраги отворени од јули 2017 наваму, и на обвиненијата поднесени по тој датум, ќе зависи од тоа како ќе се применува начелното правно мислење издадено од Врховниот суд, според кое, СЈО не може да биде застапник на обвиненија по овој датум. Најекстремните предвидувања одат до таму дека би можел да пропадне целиот случај „Империја“, но и другите предмети како „Поштенска банка“, „Подарок“, „Базни станици“, „Дизајн“ и други.

Сегашната состојба на СЈО, кое освен со неизвесност околу статусот се соочува и со сомнежи во јавноста за вмешаност на неговата шефица во незаконски дејства, им овозможува на неговите противници да ја засилат борбата за неговото слабеење, дури и целосно распуштање. Засегнатите од истрагите и од обвиненијата, секако, се меѓу првите во овие редови.