Истражувањa

Итна набавка завршила кај партиски донатор

Тендерската процедура била долга, граничната полиција немала време за чекање | Фото: Веб-сајт на МВР

Партиите, бизнисот и тендерите речиси три децении го сочинуваат фамозниот Бермудски триаголник на македонската политичка сцена низ чија средина, во вителот од конфликти на интереси, парите на граѓаните тонеа кај привилегирани поединци и фирми.

Последнава деценија ВМРО-ДПМНЕ, помогната од затворените и заробени институции го усоврши овој систем на партиско и на лично богатење, преку партиските донации што сега ги испитува Специјалното јавно обвинителство. Впрочем, тоа е една од причините за тригодишната политичка криза која резултираше со болното детронизирање на Никола Груевски.

И ако се чинеше дека актуелната власт предвоена од СДСМ ја научила лекцијата, првата поголема набавка под нејзино водство го покажува токму спротивното.

Со донирани милион евра од Република Чешка, македонското МВР лани без тендер купило 45 автомобили „шкода“ од фирма којашто била донатор на владејачката СДСМ во 2016 година.

БИРН ги побара, меѓутоа Министерството не ни ги даде клучните документи што можат да одговорат на дилемата дали МВР оправдано купило возила без тендер и тоа од партискиот донатор.

За оваа набавка уште во октомври пишуваа одредени медиуми, опозициската ВМРО-ДПМНЕ коментираше дека „партијата преку институциите ги враќа парите на фирмите што им донираа“, меѓутоа целиот случај не доби поголемо внимание. Надлежните институции не ја истражија набавката, а претставниците на „Делукс-ауто“ од Куманово, фирмата-набавувач и донатор на СДСМ, и тогаш и сега не реагираат на обвинувањата.

„Немам коментар“, беше сѐ што изјави за БИРН сопственикот на „Делукс-ауто“, Бобан Спасовски во краткиот телефонски разговор.

Претходно писмено побаравме да ги коментира сомнежите околу набавката.

Чешка ги донирала парите за возилата како дел од нејзината помош да се справиме со бранот бегалци од Сирија и од Блискиот Исток. Автомобилите „шкода-октавија“ ќе ги користат граничната полиција и станиците во тој регион.

Mинимум транспарентност

МВР не ги дава документите што можат да одговорат на дилемата дали оправдано купило возила без тендер од партискиот донатор | Фото: Веб-сајт на МВР

Полицијата ја прифатила чешката донацијата во јуни 2017, договорот со „Делукс-ауто“ паднал при крајот на септември, додека министерот Оливер Спасовски и чешкиот амбасадор Мирослав Томан ги промовираа новите возила во декември.

Министерството прво и основно не објави оглас, а подоцна не го објави ни договорот за набавка на возилата. Затоа никогаш немаше да дознаеме од која фирма ги купило „шкодите“, доколку информациите не се појавија на еден анонимен блог.

Информации што подоцна МВР во целост ги потврди.

Во овој случај, наместо тендер, Министерството ја искористило законската можност да преговара со фирми, без притоа да објави оглас. Иако сето тоа е легално и дозволено, сепак, оваа постапка е позната како „договор во четири очи“, бидејќи е најмалку транспарентната и треба да се користи само и само во исклучителни случаи.

Една од ситуациите кога може да се користи таканаречениот „договор во четири очи“ е кога нешто многу итно треба да се набави, а нема време за долгата тендерска процедура.

Токму крајната итност МВР ја наведе како причина зошто ја прескокнала тендерската постапка. Оттаму за БИРН објаснуваат дека секојдневно имаат проблем со транспортот на јужната граници, а тендерот може да им одземе уште најмалку шест месеци.

Покрај кумановската „Делукс-ауто“, покана за преговарање добиле уште три компании што продаваат возила, тоа се овластените увозници на „мерцедес“ – „МакАутостар“, „бе-ем-ве“ – „Маккар“ и „Порше Македонија“, која меѓу другото е овластен увозник на „шкода“, од каде што „Делукс-ауто“ и ги набавува возилата што ги продава.

Токму фактот дека набавката ја добила фирмата-дилер на „шкода“, а не овластениот увозник беше еден од аргументите на ВМРО-ДПМНЕ зошто овој случај заслужува внимание, меѓутоа од „Порше Македонија“ за БИРН велат дека целата постапка била транспарентна и затоа не поднеле жалба.

На прв поглед навистина е чудно како дилер можел да понуди пониска цена по возило од овластениот увозник, меѓутоа набавката на МВР опфаќа и сервис и замена на летни и на зимски гуми и возможно е, сепак, во овој дел „Делукс-ауто“ да биле поконкурентни од „Порше Македонија“ и со тоа да добиле предност.

Сепак, МВР не ни ги достави поединечните извештаи од преговорите со фирмите, па оттаму не можеме да заклучиме со што точно кумановската „Делукс-ауто“ била поконкурентна од „Порше Македонија“ и од другите импортери.

Затоа БИРН ќе ја обжали одлуката на МВР за недавање на извештаите и тоа пред Комисија за слободен пристап до информации.

Ги контактиравме и останатите фирми што добиле понуда да преговараат со МВР, меѓутоа оттаму одлучија да не коментираат.

Попуст за СДСМ

Другата причина зошто се јавија сомнежи околу зделката е фактот што „Делукс-ауто“ се води во регистарот на донации на СДСМ за 2016 година.

Името на фирмата го има во два одделни полугодишни извештаи и таму е сместена во графата на оние што ѝ дале попуст на партија за некаква услуга. Меѓутоа, не е јасно дали износот на попустот е во евра или, пак, во денари, бидејќи во извештаите не е наведена валутата.

Чешка донаци, чешки возила

Можеби звучи логично Република Чешка со својата донација во Македонија да го поттикнува своето домашно производство на автомобили и затоа се набавени чешките „шкоди“, меѓутоа немаме официјална информација дека тоа било услов при купувањето на автомобилите за граничната полиција.

А, ако чешкото производство е некаков услов, тогаш прашањето е зошто при преговарањето МВР се обратило и до фирми што не увезуваат автомобили од оваа држава?

Сопственикот на „Делукс-ауто“, Бобан Спасовски, одби да одговори на нашите прашања и затоа не дознавме колкава е донацијата, ниту, пак, дознавме за каква услуга тој ѝ дал попуст на партијата.

Шпекулациите ги подгреа и тоа што и министерот за внатрешни, Оливер Спасовски, потекнува од сдсмовскиот бастион Куманово, од каде што доаѓа и фирмата што ги набави полициските „шкоди“.

Во веб-архивата на Бирото за јавни набавки нема информација дека „Делукс-ауто“ и друг пат во минатото набавувала возила за државните институции, има само податок дека преку тендер ја добила шансата да му продава резервни делови на кумановското ЈП „Чистота и зеленило“, кое е под капата на Општина Куманово.

Општина Куманово исто така на тендер ја избрала фирмата со слично име „Делукс“, во сопственост на сопругата на Бобан Спасовски, да ги превезува до училиште децата со посебни потреби.

Бобан Спасовски не беше расположен ни ова да го коментира.