Три со три

Ивановски: Без правна рамка, граѓаните се незаштитени од измами со криптосредства

Интервју со Александар Ивановски, директор на Европската фискална конфедерација

Во отсуство на законска рамка за криптосредства, како што се биткоините, овие трансакции во Македонија се одвиваат во една сива зона – без институционален надзор, главно во кеш и преку нерегулирани менувачници.

Во разговор за БИРН, Александар Ивановски, поранешен даночен инспектор, а сега директор на Европската фискална конфедерација во Брисел, објаснува какви ризици носи нерегулираниот криптосектор и укажува на потребата од јасни правила – регистрација на посредниците, идентификација на корисниците и редовно известување кон институциите, по примерот на европските директиви.

Со него го отвораме прашањето за даночниот третман на заработките, при што Ивановски објаснува зошто е погрешно целосното укинување на данокот за криптодобивки, како што тоа беше најавено пред избори.

БИРН: Во Македонија нема закон за криптосредства, секторот е делумно регулиран и голем дел од трансакциите се случуваат во сива зона, преку менувачници, со многу кеш во оптек. Колку е ова опасно за финансискиот систем, ако се има на ум дека овие трансакции веќе земаат сериозни размери?

Ивановски: Kога голем обем на трансакции се одвиваат во сива зона, во готовина и надвор од регуларните финансиски текови, тоа го намалува интегритетот на финансискиот систем, го ослабнува капацитетот за контрола на институциите, од аспект на стабилност и предвидливост, и отвора големи ризици.

Во делот на криптовалутите, очигледен е недостигот од јасна правна рамка во Македонија, потоа институционален надзор над криптовалутите, што носи ризици во однос на перењето пари, избегнувањето на плаќање данок и евазија, па и финансирање нелегални активности.

Во пракса, институциите имаат ограничена можност да ги следат тие парични текови, што дополнително ја намалува целата транспарентност, довербата во системот, ја храни сивата економија и значи губење фискални приходи.

Оштетена е државата и граѓаните што инвестираат во тоа. Сите (што вложуваат во криптосредства н.з.) не се со нечесна намера, така што имате ограничена можност ефективно да ги заштитите граѓаните како потрошувачи, па и потенцијалните инвеститори, за да спречите измама и губење средства. Без соодветни правни механизми за заштита, тоа не може да го направите.

БИРН: Следите што се случува во овој сектор на ниво на ЕУ, па оттука, што конкретно треба да преземат македонските институции за да се воспостави регулација и надзор над овој сектор?

Ивановски: Неопходно е да се реагира прво со јасна регулаторна рамка и со механизми за идентификација, некакво следење и известување, тоа се клучните елементи што ги применуваат земјите од Европската Унија. Најголемите разлики меѓу нас и ЕУ се во системската контрола и транспарентноста. ЕУ (за разлика од Македонија н.з.) ја има DAC8 – директивата за административна соработка, која ги обврзува корисниците што тргуваат да ги известуваат надлежните даночни и органи за сите трансакции.

Исто така, Народна банка, како регулатор, мора да има увид во тие работи, но, колку што јас ги познавам состојбите кај нас, такви механизми во моментов нема, а има хроничен проблем на недоволна координација меѓу надлежните институции. Сега слушаме дека тоа ќе се модернизира и ќе се координира автоматски, меѓутоа тешко е да се поверува со оглед на тоа во каква состојба се овие процеси со децении.

Другиот аспект, кој мислам дека е релевантен, е самите платформи, како што се менувачниците, да имаат обврска да спроведат процедури слични на банките. Една од клучните процедури што секоја банка во Македонија и во Европа ја прави, е тоа да го познава клиентот. Секој од нас оди во банка со лична карта, со (одговарање н.з.) цел прашалник, што значи банката верификува дека вие сте таа личност, тоа се ваши средства итн.

Тоа не постои во овој криптосистем и треба да се направи некаков тип стандардизација по праксата на ЕУ, кој ќе овозможи систематски увид во пазарот и ќе ја намали можноста за злоупотреби.

Така што не можат тие работи да се одвојат – едниот сегмент да биде целосно дерегулиран, а другиот екстремно регулиран. Значи потребни се јасно дефинирани обврски за пријавување добивка, регистар на лиценцирани посредници, редовно известување кон УЈП и Народна банка, тоа е клучен дел од тој пристап за да се овозможи еднаков пристап на пазарот за сите играчи во финансискиот сектор.

БИРН: Во ЕУ постојат различни модели на оданочување на добивките од криптосредства, а кај нас во моментов со 10 проценти се оданочува капиталната добивка. Дали е разумно ветувањето за целосно укинување на данокот на капитална добивка и ДДВ за криптотрансакциите, како што тоа беше најавено пред избори од сегашната власт?

Ивановски: Целосно укинување на данокот на капитална добивка (за криптосредства н.з.) не е препорачливо, тоа испраќа сигнал дека пазарот е дерегулиран и отвора уште поголем простор за злоупотреби. Мојата сугестија е дека треба да се оди кон умерена, јасно дефинирана стапка, која ќе биде конкурентна во регионален контекст и ќе обезбеди фиксни буџетски приходи.

А во однос на ДДВ-то, има голем број земји-членки на ЕУ, кои тргувањето со криптовалути не го оданочуваат, односно го изземаат од ДДВ, но инсистираат на детално известување и евидентирање.

Значи важно е тој баланс да се постигне да не се обесхрабри технологијата, но да се воспостави правна рамка и некој тип даночни приходи, кои даваат сигнал дека ние не сме дерегулирана зона, туку зона во која има транспарентност и некој умерен даночен третман, кој ќе поттикне доверба кај тие инвеститори и ќе олесни влез на релевантни институционални играчи на овој пазар наместо миграција кон некакви странски и регионални пазари.

Која е таа даночна стапка што е најприфатлива е политичка одлука, но мојот совет е да не се оди во некакви екстремни решенија, бидејќи тоа никогаш не дава плод, туку само може да направи некаква сива зона, која нема да донесе развој.