Резултатите од парламентарните избори во Бугарија, петти во последниве две години, не донесоа големи изненадувања за првите две позиции според освоените гласови, ниту пак појасна слика за можната идна влада.
Последните податоци од речиси сто отсто обработени гласови покажуваат дека најмногу гласови 26,57 отсто освоила коалицијата ГЕРБ-СДС предводена од поранешниот премиер Бојко Борисов. Вторa, со 24,66 отсто е коалицијата „Продолжуваме со промената – Демократска Бугарија“. Оваа коалиција е преводена од поранешниот премиер Кирил Петков.
Изненадување, сепак има кај третата позиција. Таму е партијата „Преродба“, со освоени 14,22 отсто што е зголемување на гласовите во однос на лани за речиси сто илјади. На четврто место е „Движење за права и слободи“, потоа следи „БСП за Бугарија“ а последна која го надминаа цензусот од четири отсто за влегување во парламентот е партијата на Слави Трифонов „Има таков народ“.
Изненадувањето кај „Преродба“ не е само во големиот раст на гласови туку и во позиционирањето на партијата како проруска и антизападна, реторика за која многумина аналитичари во Бугарија мислеа дека е исцрпена со ланските резултати на таа партија.
Партијата „Преродба,“ што ја предводи Костадин Костадинов е формирана во 2014 година, но сепак најголемиот подем го доживеа сега, по антиваксерската кампања што ја водеше за време на ковид пандемијата и по кампањата против влегување на Бугарија во еврозоната.
Костадинов бара и репреговарање на договорот за зачленување на Бугарија во Европската унија, има силни антиромски ставови, а за Македонија во програмата има наведено дека „е втора бугарска држава на Балканскиот полуостров“ и дека тие ќе работат на „обединување на двете бугарски државни формации во една заедничка држава“.
Кон крајот на ноември минатата година тој ваквите ставови и лично ги пренесе во центарот на Скопје, на отворањето на новите простории на Бугарскиот културен центар. Тогаш премиерот Димитар Ковачевски рече дека личности како Костадинов не се пожелни во Македонија, а реагираа и министерствата за надворешни работи и за култура.
Учеството на Костадинов во новата бугарска влада, без разлика на добриот резултат е неизвесно. Тој вчера за идните можни коалиции рече дека единствениот кабинет што ќе го поддржат е тој кој што тие ќе го состават.
„Подготвени сме да понудиме кабинет кога ќе станеме прва сила на следните избори“, рече тој.
Изборниот резултат ја потврди актуелната поделеност на бугарската политичка сцена и не ветува очигледен крај на повеќегодишниот политички ќорсокак.
Сепак, постојат некои очекувања дека ГЕРБ и „Продолжуваме со промената “ би можеле да постигнат компромис за да го ограничат влијанието на претседателот Румен Радев кој се смета за близок до Кремљ, пишува Светослав Тодоров во неговата анализа на Балкан Инсајт. Радев од почетокот на политичката криза има зголемено влијание преку таканаречените службени (привремени) кабинети кои тој ги формира.
Друго изненадување, е што „Има таков народ“, партијата предводена од популарниот пејач и забавувач Трифонов, го премина прагот од 4 отсто и ќе влезе во парламентот.
Изборниот процес, во кој гласачите гласаа со избирачки ливчиња или со машинско гласање поминаа со тешкотии. Во неделата надлежните соопштија дека над 144 лица биле уапсени поради обвиненија за лажно гласање, додека имало и над 756 пријави за нерегуларности.