Најоптимистичкото сценарио за излез од кризата е создавањето „нова нормалност“, второто и многу опасно е еднострана капитализација на кризата, а третото – тотален неуспех, односно сеопшта имплозија.
На површина се наѕираат три сценарија по кои би можел да се одвива постдоговорниот период за излез од кризата, иако поради недостиг на информации за вистинските намери, планови и ефикасноста на политичките елити, тоа е исто како да гребете по површина на ледениот брег, но никогаш не можете точно да предвидите што се крие под него.
Ако се исклучат тие непознаници, на повидок се три можни сценарија: првото и најоптимистичко е создавање „нова нормалност“, второто и многу опасно е еднострана капитализација на кризата и третото – тотален неуспех, односно имплозија. Сите три меѓусебно се условени и поврзани според принципот на сврзани садови.
Сегашна состојба
Атмосферата што ѝ претходи на имплементацијата на Договорот од 2 јуни, не ветува почетен успех. Меѓупартиската реторика се одвива со несмалена жестина, поларизацијата во општеството расте со уште поголем интензитет, а гласот на разумот кој најчесто доаѓа од граѓанскиот сектор, најчесто завршува како глас во пустината поради неговата разлеаност низ црно-белиот јавен дискурс.
Однесувањето на владејачката партија може да се опише како „ВМРО-центрично“ во која таа еднострано, со беневолентна и ритуализирана рамнодушност, предлага акциски планови или нарачува софтвери за електронски попис, укинува закони за политички поени, вработува, односно „издава наредби и спроведува одлуки“, а опозицијата „може само да дава предлози“, кои најчесто не ѝ се прифаќаат.
Тие два дискурса ја формираат сликата која секоја од нив ги има за себе и за другиот: реторика на успех и реторика на пропаѓање. Тој миметички однос на ривалитет, не остава неизвесност по прашањето дали односот на власта и опозицијата ќе биде однос на континуирано ривалство или на соработка. А соработката е основен предуслов за каков било почетен успех во договарањето решенија за излез од кризата.
Создавање „нова нормалност“
Ова е најоптимистичкото, а во исто време и најнеизвесното можно сценарио со оглед на околностите и претходно спомнатите политички практики. Тоа би значело дека сите обврски од Договорот од 2 јуни се договараат и спроведуваат во зацртаните рокови или приближно блиски до нив, дека постои искрена волја кај четирите потписници и дека целиот процес ќе финишира на избори, по кои никој нема да се сомнева во слободно искажаната волја на гласачите и во регуларноста на процесот.
Бидејќи засега не постои силен оптимизам дека ова може да се реализира без „падни-стани“ ситуации, меѓународните медијатори се подготвени на Македонија да ѝ дадат и дополнителна експертска помош, од онаа што сега ја има преку белгискиот експерт за јакнење на институционалните капацитети, Питер Ванхоуте и Ирецот Џејмс Хамилтон, правен експерт со над 30-годишно искуство во системот на судството, обвинителството и антикорупцијата.
Токму обврската за именување на специјалниот обвинител, ќе биде првиот лакмус за реалноста од остварување на ова сценарио. Дипломатски извори тврдат дека од опозицијата им било предочено дека ако до крајот на август поради опструкции нема договор за специјален обвинител, за неговите надлежности, алатките и ресурсите кои ќе ја поткрепат и гарантираат неговата автономност (а тој до 15 септември треба да биде именуван), тогаш опозицијата нема да се врати во Собранието на 1 септември како што предвидува Договорот.
Ова се однесува и на прашањата поврзани со избирачкиот список и изборниот модел, за кои веќе се пробиени роковите за договор. Не е тешко да се претпостави дека ваквиот потег на опозицијата би бил двојна добивка за власта: опозицијата би била претставена како неконструктивна, а сѐ понеизвесно ќе стане именувањето на обвинителот, во кого власта гледа најголема закана за откривање на мрачните тајни на следените комуникации.
Тоа значи и нов „грејс период“ по прашањето за нечепкање по имунитетот на премиерот, кој поради таа заштита досега не беше повикан во обвинителството да даде исказ по кривичните пријави доставени од СДСМ.
Како што изјави и евроамбасадорот Аиво Орав, „второто критично прашање е датумот 20 октомври, кога треба да бидат назначени двајца нови министри и петмина заменици министри, но, најкритично е МВР“.
Опасноста дека нерешавањето на овие прашања може да ја загрози препораката на Македонија, засега не ја загрижува власта, сметајќи дека земјата ќе биде поштедена од неповолни решенија поради сегашниот специјален медијаторски третман и своевидниот „кризен менаџмент“ посветен на неа.
Еднострано капитализирање на кризата
Доколку работна група до крајот на август не постигне договор за обвинителот, а опозицијата под притисок на меѓународната заедница сепак се врати во Собранието и продолжи да разговара за имплементација на обврските и покрај пробиените рокови (за кои меѓународниот мониторинг врз процесот нема предвидени „казни“ или „жолти картони“), тогаш влегува во опасната зона на трка со рокови.
Кратките рокови и брзите игри се формулата со која ВМРО-ДПМНЕ најдобро функционира, затоа што редовно ги антиципира потезите и забелешките на опозицијата и ги дочекува со готов, божем „неутрален“ предлог, секако, исчистен од опасноста дека тој е губитнички за нив.
Ставена во временски теснец, опозицијата ќе се соочи да прифати решенија кои навидум ќе навестуваат одредена промена, а всушност повторно би можеле да бидат само рефреширани или добро маскирани предлози од корпусот на девијантни изуми, покриени со закон.
Илустративно кажано, опозицијата може без проблем да добие министер во МВР, но сепак „да го нема МВР под контрола“ заради партиско-кадровската метастазираност на институцијата која одлучувањето суптилно ќе го пресели во вонинституционални „џебови“ и познатите „тефтерчиња“, далеку од министерскиот кабинет.
Многу индиции за таква практика произлегуваат и од презентираните разговори на Јанкулоска, дури и во ситуација кога немало никаква разлика меѓу „МВРО“ и ВМРО.
Заради недостиг од време за елементарна дебата, уште помалку за квалитетна експертска анализа, главната опасност е дека сѐ ќе се сведе на козметички решенија, во кои власта уште посилно ќе ги подметне и инсталира нејзините критикувани практики, со што еднострано ќе ја капитализира кризата во своја полза.
Со тоа, на опозицијата ќе ѝ остане да се соочи со една „Ципрас-ситуација“, во која, барајќи подобри системски решенија, на крај ќе се задоволи со суштински полоши, само спакувани во „реформски“ целофан.
Ако стави потпис на тоа, потоа не може да се надева дека ќе ѝ бидат прифатени забелешките оти била измамена.
Имплозија
Третото е сценарио на целосен политички неуспех, кое со себе може да повлече и безбедносни импликации. Ако поради отсуство на договор за нов обвинител и промени во изборниот пакет опозицијата не се врати во Собранието, а не се најде начин за временско репрограмирање на Договорот соодветно на доцнењата, тогаш ќе почне процес на постепена, но потенцијално силна имплозија – распаѓање на довербата за можен излез од кризата, но и на земјата однатре.
Ќе расте незадоволството од фактот дека сѐ пропаѓа, од констатацијата на граѓаните дека во оваа земја никогаш не се можни какви било промени, со извесност дека дел од нив таа резигнација ќе ги принуди да се определат за порадикален начин на борба против општественото назадување.
Во состојба на растечко социјално незадоволство и идентичен процент на сиромаштија и невработеност, најчест нус-ефект е опасноста од безбедносни инциденти (слични како мајскиот во Куманово), кои во својот потконтекст повторно ја имаат социјалната компонента.
Потпретседателот на Собранието и член на врвот на ДУИ, Рафиз Алити, деновиве предупреди дека заобиколувањето на ограноците во Сарај и во Студеничани при последните именувања на функционери во ДУИ, можат да ескалираат во сценарио слично на она во Куманово.
Колку што се во прашање функционерски места, толку е и запоставеноста на одредени региони при вработувањата според Охридскиот договор, чие спроведување во сферата на вработувањата е монополизирано од едно лице во власта.
По инцидентот во Куманово, голем број лица од липковскиот регион одеднаш се најдоа на листата за вработувања. По истиот рецепт и други можат да се обидат да го тестираат државниот капацитет за апсорпција на невработените.
Но, тоа е само еден сегмент. Претходно ќе биде тестиран секупниот капацитет за имплементирање на Договорот од 2 јуни. На „подготвителниот“ тест некои веќе паднаа, иако е веројатно дека се малку свесни за тој факт.
„На пример, кога во еден Договор се предвидува воведување специјален обвинител, во секоја демократија тоа автоматски би подразбирало дека првите луѓе на обвинителството истиот или следниот ден ќе си поднесат оставка, со оглед дека одлуката за нова институција јасно индицира незадоволство од нивната работа. Преку таков гест се цени има ли демократски и институционален стандард во некоја земја“, велат дипломатски извори.
По таа „ладна проба“, политичката зрелост и волја за реформи сега ќе бидат тестирани на главниот испит. Одморот наскоро ќе заврши, (не)ефикасноста на работната група брзо ќе покаже кон кое сценарио најсилно дува ветерот.