Ископот на јаглен и помошната механизација за рудниците на РЕК Битола сè уште се услугите што најскапо ги чинат државава и нејзината компанија за производство на струја, Електрани на Северна Македонија (ЕСМ).
Заклучоков произлегува од последното истражување на јавните набавки што денеска го објави Центарот за граѓански комуникации (ЦГК). Анализата на ЦГК го покрива периодот од почетокот на 2019 до крајот на 2023 година, петте години во кои државава потрошила вкупно 5,8 милијарди евра на јавни набавки.
Рангирањето на центарот покажува дека фирма со најголема вкупна вредност на тендери, нешто повеќе од 151 милион евра, е битолската „Марковски компани Борче“. Повеќе од 90 проценти од тендерите, фирмата ги склучила токму со ЕСМ.
Договорите се за ископ на јаловина и за ангажирање помошна механизација за потребите на рудниците за јаглен, ремонт и за високостручни машински интервенции.
„Дури една петтина од вредноста на договорите, односно 30 милиони евра, фирмата „Марковски компани Борче“ ги добила во нетранспарентната постапка со преговарање без претходно објавување оглас за јавна набавка“, пишува во денешното соопштение за истражувањето.
Нови наоди за стар проблем
На тендерската листа, високо рангираат уште две фирми што соработуваат со ЕСМ за потребите на нејзината фирма-ќерка, РЕК Битола при ископот на јагленот, кој е клучна суровина за производство на струја.
Тоа се битолските „Руд коп“ и „Пелистер Битола“. Првата е рангирана на 16-то место, со вкупно 47,7 милиони евра договори за јавни набавки, додека втората е 23-та со 32,9 милиони.
ВМРО-ДПМНЕ, во својата изборна програма, ветува намалување на трошоците за експлоатација на лигнитот. Рокот за реализација на ова ветување е до 2028 година
Новите наоди на Центарот за граѓански комуникации илустрираат стар проблем за високата цена што ја плаќа државава поради тоа што со децении не успева да набави своја механизација за ископ и за транспорт на јагленот од рудниците до котлите на РЕК Битола.
Во последниве седум години пропаднаа три набавки со кои првично требаше да се намали, а потоа и целосно да се искорени скапата пракса приватници да копаат јаглен за РЕК Битола.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ, во својата изборна програма, го адресира овој проблем и ветува намалување на трошоците за експлоатација на лигнитот (вид јаглен) во РЕК Битола, со тоа што ќе се набави рударска опрема.
Рокот за реализација на ова ветување, според програмата, е до 2028 година.
Новото раководство на РЕК Битола, именувано токму од владата на ВМРО-ДПМНЕ, вчера објави дека го раскинуваат овогодишниот тендер со „Марковски компани Борче“, вреден 46 милиони евра.
Вредноста на оваа јавна набавка не е вклучена во истражувањето што беше објавено денеска.
Основот за раскинување на договорот, според директорот на РЕК Битола, Тони Петрушевски, е непочитување на обврските од договорот.
Големи државни трошоци и во медицината и за нафта
Освен компаниите што пружаат услуги на рудниците за јаглен, на листата на најголеми добитници на тендери на ЦГК се и веледрогерии и дистрибутери на нафтени деривати.
На второ место е акционерското друштво за производство на лекови, медицинска опрема и материјали, промет и услуги „Д-р Пановски“, кое во анализираниот петгодишен период има склучено 1.491 договор во вредност од околу 144 милиони евра.
“Дел од компаниите што се на листата, 50 најголеми добитници на тендери, речиси целиот бизнис им почива на договори за јавни набавки”
Листата на институции со кои оваа веледрогерија има склучено договори е долга, но, сепак, во неа доминираат две институции, и тоа Министерството за здравство и Јавната здравствена установа – Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија.
На трето место е „Пуцко петрол“ на бизнисменот и пратеник од редовите на ДУИ, Исмаил Јахоски, со склучени 1.776 договори во вредност од 137 милиони евра. Најголемиот поединечен клиент му е Јавното сообраќајно претпријатие Скопје (ЈСП), со кое во периодот 2019-2023 година има склучено два договори во вкупна вредност од 40 милиони евра.
Центарот за граѓански комуникации, во извештајот констатира и дека на дел од компаниите што се на листата, 50 најголеми добитници на тендери, речиси целиот бизнис им почива на договори за јавни набавки со централните и со локалните институции во земјава.