Регион

Јасеновац: Одбележан еден од „најтрагичните периоди во хрватската историја“

Премиерот, Андреј Пленковиќ, и членовите на Владата, на комеморацијата. Фото: Твитер/Андреј Пленковиќ.

Премиерот, Андреј Пленковиќ, на комеморацијата во Јасеновац денеска изјави дека Независната Држава Хрватска (НДХ), фашистичка марионетска држава предводена од усташкото движење и поддржана од нацистичка Германија и фашистичка Италија, е „еден од најтрагичните периоди во хрватската историја“.

На комеморацијата за жртвите на Јасеновац, усташки концентрационен логор од Втората светска војна, присуствуваа хрватски функционери, претставници на антифашистичките организации и на српската, ромската и еврејската заедница во Хрватска.

Четири години, од 2016 до 2019 година, претставниците на еврејската и српската заедница, како и антифашистите, ја бојкотираа официјалната комеморација, со образложение дека државата не презема вистински мерки за запирање или ограничување на ревизионизмот на холокаустот и негирањето на геноцидот во Светската Втора војна.

Минатата година, сепак, тие ѝ се приклучија на државната комеморација затоа што, како што нагласија, забележаа „одреден напредок“.

Поради епидемијата на корона вирусот, оваа година комеморативниот настан беше поскромен, а учесниците во Јасеновац доаѓаа одделно, во групи.

По премиерот Пленковиќ, венец положи и делегацијата на хрватското собрание, а потоа и делегацијата предводена од претседателот, Зоран Милановиќ, со кого беа и поранешните претседатели, Стјепан Месиќ, и Иво Јосиповиќ, и поранешната премиерка, Јадранка Косор.

Претседателот, Зоран Милановиќ, на комеморацијата. Фото: Кабинет на претседателот на Република Хрватска/Дарио Андришек.

Цвеќиња положија и Фрањо Хабулин, Милорад Пуповац, Вељко Кајтази и Огњен Краус – претставници на антифашистите, и на српската, ромската и еврејската заедница.

Претходно, Антифашистичката лига предупреди на опасноста од релативизација на усташките симболи и на злосторничкиот карактер на НДХ.

„Живееме во општество кое носталгичарите на НДХ постојано го враќаат во минатото“, објави Антифашистичката лига.

Комеморациите во Јасеновац се организираат во знак на сеќавање на последниот пробој на затворениците, извршен на 22 април 1945 година, по што логорот беше уништен, а усташкиот режим симнат од власт.

Според списокот на спомен-подрачјето Јасеновац, кој содржи имиња и презимиња на жртвите, усташкиот режим, во периодот од август 1941 до април 1945 година, во логорот убил 83.145 Срби, Евреи, Роми и антифашисти.