Регион

ЈНА “ги вооружувала српските сили во Хрватска”

Одбраната на поранешниот шеф на Службата за државна безбедност (СДБ) на Србија, Јовица Станишиќ, пред судот во Хаг изјави, дека српските сили во Барања, во 1991 година, ги контролирала Југословенската народна армија (ЈНА), а не СДБ на Србија.

Радоша Милутиновиќ, Белград

Бранителот на Станишиќ, Вејн Џордаш, пред Механизмот за меѓународни кривични трибунали (MМКТ) во Хаг, посочи дека во 1991 година „поединци” од „разузнавачките служби на ЈНА”, ги вооружувале Србите во Барања, иако за тоа немало „официјална одлука”.

Тој се обиде да го побие сведочењето на заштитениот сведок на обвинителството, РФЈ-151, кој во вторникот рече дека Србите во Барања ги вооружувала СДБ на Србија, предводена од Станишиќ и неговиот заменик, Франко Симатовиќ, кому, исто така, му се суди во овој предмет.

РФЈ-151, кој сведочи со скриен лик и со електронски изменет глас, прво го потврди ова, а потоа додаде дека „не е сигурен”.

Сведокот прецизираше дека прво дошло до „нелегално”, а потоа и до “легално” вооружување на Србите.

На Станишиќ и на Симатовиќ повторно им се суди по обвинението за прогон, убиства, депортација и насилна преселба на цивили, Хрвати и муслимани, за време на војните во Хрватска и во БиХ, во периодот 1991-1995 година.

Во вторникот, РФЈ-151 сведочеше дека единицата „Црвени беретки”, која, наводно, ја контролирале обвинетите, вршела злосторства над несрпските цивили во Барања.

Адвокатот на одбраната тогаш посочи дека „ЈНА, како главна воена сила, раководела со активностите во Барања”.

На прашањето дали полицијата во Барања ѝ одговарала на ЈНА, сведокот рече дека „имало соработка, кога ѝ да било потребно”.

Бранителот праша дали полициските сили ѝ биле подредени на ЈНА за време на војната.

Сведокот одговори: „Претпоставувам – да, бидејќи беа во зоната на одговорност на ЈНА”.

На сугестијата на бранителот на Станишиќ, дека во 1991 година полицијата „поднесувала кривични пријави” против сторители на кривични дела, сведокот одговори дека „тогаш многу малку било правено во согласност со законот и правилата на службата и дека имало мал број лица, кои биле гонети за кривични дела”.

„Полицијата главно не го спомнуваше нивото на извршените злосторства. Судови не постоеја“, истакна сведокот.

Тој се согласи со сугестијата на бранителот дека било тешко да се идентификуваат сторителите на овие недела и дека „дури и добро вооружената ЈНА имала проблеми да го контролира криминалот”.

На прашањето дали српските бегалци од другите делови на Хрватски, „ги напаѓале Хрватите” во Барања, сведокот рече: „Имаше намера да се протера и тоа малку несрпско население што остана, бидејќи беше потребно сместување за српските бегалци”.

Злосторствата за кои се обвинети Станишиќ и Симатовиќ биле извршени, според обвинителите, во рамките на здружен злосторнички потфат, на чие чело бил тогашниот српски претседател, Слободан Милошевиќ, а чија цел била трајно и насилно отстранување на Хрватите и на муслиманите од големи делови на територијата на Хрватска и на БиХ, со цел да се постигне српска доминација.

Во декември минатата година, откако Апелацискиот совет на Хашкиот трибунал ја отфрли првостепената ослободителна пресуда која што им беше изречена, тие се изјаснија за невини по обвинението.

Советот процени дека имало погрешна примена и толкување на законот, кога Станишиќ и Симатовиќ беа ослободени од обвиненијата. Тој наложи процесот да се обнови и сите сведоци и докази да бидат повторно изведени пред нови судии.

Вкрстеното испитување на сведокот продолжува во четврток.