Интервјуа

Јовановски: Партиските сопки нема да нѐ поколебаат

Интервју со Горјан Јовановски, дел од иницијативата Зелен хуман град

Името на младиот програмер Горјан Јовановски, кој лани се врати од Холандија, за првпат би можело да се најде како предлог за советник во Градот Скопје на претстојните локални избори закажани за во октомври. Роковите веќе почнаа да течат.

Идејниот творец на популарната апликација за проверка на квалитетот на амбиенталниот воздух „Мој воздух“ и дел од иницијативата Зелен хуман град има јасна визија за развој, која е во основа политичка, но не е партиска.

На пример, Скопје – велоград. Раскажа дека во Холандија е неисплатливо да се вози автомобил, за дозвола за паркинг се чека со години, даноците за возила се високи, но јавниот превоз е одлично организиран.

Самоуверено и „од прва“ вели дека не се сложува со впечатокот оти не може преку ноќ да се подобрат работите во земјава.

Вели, „политичарите тоа го користат како изговор“, алудирајќи дека полесно е да се ужива во безграничниот комфор на оправдувањата, отколку во акција.

Но, првин мора да се промени системот, во кој граѓаните, наместо еднаш во четири години, постојано би имале увид во тоа за што гласаат нивните избраници.

На интервјуто дојде со велосипед, што, како што рече, е секојдневие во земјата на цвеќето, каде што поминал речиси четири години.

Бил менаџер во холандскиот гигант за онлајн-резервации Booking, на кој има околу 30 милиони огласи. Имал одлични услови и солидна плата, но се премислил, па лани пред почетокот на пандемијата се вратил дома.

„Ми требаше работа што ќе ме исполнува, која ќе има некоја поента. Јас цело време се занимавав со активизам“, вели Јовановски.

Нагласи дека немало подобро време да се врати во Скопје и да се обиде преку екоактивизмот да направи некакви видливи промени.

На шега вели дека Холандија до толку е уредена што просто „нема за што да се протестира“, а активизмот постојано му го „скокоткал“ духот да се врати во Скопје и да се обиде да пренесе дома дел од тамошните искуства.

На тој пат со неговите „соборци“ веќе наидоа на првата сопка – бирократијата за кандидирање независни советници.

Прагот за независни советници – нашиот бирократски бетон

За Јовановски нема сомнеж дека собирањето потписи не смее да биде пречка за кандидирање | Фото: БИРН

„Очекувавме“. Ова му беше лаконскиот одговор на прашањето дали очекувале да се менува Изборниот законик непосредно пред изборите, со што се предвидуваше повисок праг од два проценти за кандидирање независни советнички листи.

Тоа значи дека наместо постојното решение, кое предвидува 1.000 потребни потписи, требаше да се соберат десетпати повеќе, односно приближно 10.000.

Со сигурен тон вели дека тоа се сопки што им ги задаваат партиските „ајкули“, кои со децении пливаат во политичките води, бидејќи „членот 62 што го регулира ова прашање од Изборниот законик не е сменет од неговото донесување пред 15 години“.

Но, тоа, вели, нема да ги поколеба. „Ветар во грб“ им е поддршката што ја добија на социјалните мрежи и иницијативите за кандидирање независни советнички листи, не само во Скопје, туку и низ државата.

Каква и да е промената што ја прават големите партии со Изборниот законик, тврди дека би била неправедна зашто измените се донесуваат набрзина, без поширока јавна дебата и учество на граѓанскиот сектор. Тоа за нив не е фер пристап.

Не беше тешко да се сети дека во Холандија е поинаку. Но, тргна од поблиското опкружување.

„Во Кипар и во Малта, за независна советничка листа потребни се 4 потписи. Во Грција 12 потписи. Во Германија и Данска – 20 потписи. Во Скопје во моментот со постојниот Изборен законик веќе се бараат 1.000 потписи од граѓани на Скопје за да излеземе на избори“.

Ја посочи и Хрватска. Таму, вели, процедурата за собирање потписи за кандидирање е многу упростена и тоа може да се направи на улица, на обичен лист хартија, со впишување име, презиме, број на личната карта и потпис.

За разлика од кај нас, каде што постапката е ригидна.

Потписите треба да се соберат само во 10 работни дена, и тоа исклучиво во подрачните канцеларии на Државната изборна комисија, што ги има само во по една општина, и тоа како што вели самиот, во ек на пандемија, во топлотен бран, за време на годишните одмори…

„Во контакт сме со локални и странски партнери да се оневозможи менување на Изборниот законик шест месеци пред изборите. Прво е апсурдно, вон пракса и не е европски“, образложи Јовановски.

Не остави впечаток дека е преголем оптимист за целосно бришење на прагот за собирање потписи во иднина.

Се пошегува дека фер шанса би имале само ако изборите се организираат „според моделот на Северна Кореја“, каде што нема простор за ништо поразлично од „државното едноумие“.

Питата за големите, трошките за другите

Смета дека сите кандидати без исклучок треба да добијат еднаков медиумски простор | Фото: БИРН

Оваа нерамноправност во пристапот еднакво се однесува и на „киднапирањето на медиумското време“ од „големата четворка“ за изборните реклами.

Уште на самиот почеток на интервјуто рече дека во Холандија имал шанса да го набљудува процесот на локалните избори, иако не можел да гласа. Тоа што го видел, воопшто не наликувало на она што го има кај нас.

„Секоја партија има еднакво право на рекламирање. Нема четирите најголеми да имаат 80-90 проценти од времето, а за другите еве ви ги трошките“

Раскажа дека билбордот што бил одреден за плакати од нивната изборна комисија, бил поделен во коцки со иста димензија, и во секоја од нив, партијата или предлагачите на независните листи, можеле да го искористат само тој простор што им стои на располагање.

„Тоа е твојот медиумски физички простор. Нема тука ја сум имал милиони, и ќе купам пола билборди во градот“.

Во демократијата сите имаат исто право, дециден е Јовановски.

Политичарите се лоши менаџери

Уверува дека Зелен хуман град е далеку поразличен концепт од оној на партиите | Фото: БИРН

Иницијативата Зелен хуман град, од која е дел и со која се гордее, во повеќе наврати доставила конкретни предлози до Градот Скопје, кои дошле токму од граѓаните.

Но, ги одбиле.

„За дел од нив беше кажано дека Градот веќе работи на ова. Но, ако Градот работи, зошто граѓаните го бараат тоа“, прашува.

Всушност, вели, политичарите се мрзеливи и лоши менаџери.

„Менаџерските работи што јас ги научив, не ги гледам кај нашите политичари. Не може приватна компанија што се занимава со хотели, да има подобри менаџерски способности од политичари што треба да ја водат цела држава и треба да одлучуваат за нашето здравје“.

Можеби, вели низ насмевка, треба да им се организира еден „тренинг-камп за менаџмент“.

„Концептот што го промовира Зелен хуман град е поразличен од постојниот“.

Листите на советници, како што кажа, би биле составени од активисти, кои без никаков надомест веќе со години работеле во различни области (екологија, урбанизам, заштита на правата на животните…), а не од партиски предлози.

Еко-програма и предлози за позелено и похумано Скопје | Фото: БИРН

За Јовановски, активистите се најдоброто решение за вистински да заживее локалната власт. Тие се препознатливи во своите средини како луѓе што се борат за својата кауза. На тој начин ќе функционираат и во советите.

„Го гледам составот на Советот на Град Скопје. Едно име не знам“.

Затоа нивната идеја е веќе испробаниот концепт на директна демократија, што значи поголема партиципативност на граѓаните. Не треба, како што рече, предлозите за советници да бидат за „еднократна употреба“.

Тие што нема да влезат во Советот, ќе бидат нивни интерни советници за конкретни прашања, за кои на Градот му е потребна нивната експертиза.

„Имаме платформа „Мој град“, која нема да се затвори кога ќе завршат изборите. Ќе може да се даваат предлозите. Граѓаните се директно инволвирани во креирањето на политиките“.

На линија со ова вели дека му пречи тоа што локалните власти дури и во говорот создаваат дистанца кога за себе велат „ние“, како да постои разлика меѓу нив и самите граѓани.

„Се ежам кога ќе речат да направиме за граѓаните, а јас што сум?“

А му пречи и недоволната транспарентност. Недозволиво е, како што рече, од февруари наваму да нема објавено ниту еден дневен ред на Советот на Град Скопје, да не се снимаат седниците и не се пренесуваат во живо, а за присуството на секој граѓанин, да треба да се побара дозвола од Советот.

„Не се знае кој гласа, што гласа, што е изгласано, што е донесено. Како може еден совет што го гласале граѓаните да не знам што прави“?

Советниците, како што рече, би требало да бидат полиција над работата на градоначалникот и да внимаваат на сите негови потези.

Убиен е интересот за политика

Целна група им се разочараните од политиката | Фото: БИРН

И покрај перспективата, големите партии со законски решенија да ја запрат иницијативата, тоа нема да ги дестимулира. Горјан веднаш го прекориле што така млад и со меѓународно образовно и работно искуство одлучил да се занимава со политика, и тоа токму во Македонија.

На таа „фабрика за грижа на совест“ работеле големите партии, кои буквално го убивале интересот за политика низ годините.

Оттаму јасна му е и апатијата кај дел од електоратот, кој со години не излегува да гласа.

Но, токму тоа е нивниот таргет, да се обидат да го разбудат интересот за политика кај тие што одамна „кренале раце“.

На прашањето дали сѐ помалку, особено меѓу помладите, се прави суштинска разлика меѓу тоа што е партија, а што е политика, тој вели:

„Клупата на која седиме е одредена од политичар да се најде точно овде, дечкото што коси е најмен од политичар да ја искоси тревата за да не се појават змии во градот, воздухот што го дишеме е директно контролиран од политиките…“

„Може не сакаме да се замараме со политика, но политиката е секаде околу нас и таа и тоа како се замара со нас“.

Убеден е дека има незадоволство кај граѓаните од локалните политики, чие менаџирање е во основа партократско, и се сведува само на смена на луѓето од најголемите партии.

Соочени со прагот, кој, со оглед на тоа што веќе се распишани изборите е 1.000 потписи, не крие дека за него и инцијативата буквално секој потпис за поддршка им е важен.

„Ако собереме 999 никому ништо. Од тој еден потпис на човек кој се двоумел дали да излезе оти надвор е топло, ќе зависи сѐ“.

Подготвени се и веќе ги користат сите канали и форми на комуникација, директни средби, социјалните мрежи и новите технологии за да го вратат интересот на граѓаните за директно одлучување, затоа што:

„Пенкалото е најдобра алатка за достигнување демократија“.