Анализи

Јутјуберите и инфлуенсерите на пат да се озаконат како медиуми

Големи промени и во европската, и во македонската медиумска  легислатива

„Платформа за споделување видеа“ и „видео создадено од корисник“ се две од повеќето нови категории што се воведуваат со измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, кои ја поминаа фазата на јавни консултации. Измените на законот се подготвуваат за тој да се усогласи со европската Директива за аудиовизуелни услуги.

Директивата, како и законските измени што се прават во Македонија според неа, се обид на Европската Унија да воведе ред во медиумскиот пазар, кој целосно се измени со растот на влијанието на онлајн-медиумите и платформите на социјалните мрежи, на кои се создаваат и се споделуваат и видеосодржини.

„Пазарот е нарушен и затоа треба да бараме решенија. Нема да ги одговориме сите прашања одеднаш, но треба да се отвори дискусија за нив“, вели Дирдри Кевин, експерт од ЕУ и тим лидер на експертската група што ги подготвуваше законските измени.

Тоа ќе значи дека оние што создаваат содржини и ги пласираат на платформи како Јутјуб и други, или на социјалните мрежи, под одредени услови ќе може да влезат во категоријата даватели на аудиовизуелни услуги и за нив ќе важат правила за уредувачка одговорност, слично како што имаат класичните телевизии.

Праг на регулација

Според бројот на посети ќе се регулира кој ќе биде регулиран | Фото: Pixabay, Лукас Биери

Како точно ќе се регулира однесувањето на јутјуберите и на инфлуенсерите (наречени „споделувачи на содржини“ ,content uploaders, во некои европски законодавства) не е познато, но важно е, според експертскиот тим, во моментов да се препознае нивното влијание врз медиумската сцена и врз јавноста и потребата да се стават во некаква рамка.

„Законската рамка ќе ги опфати сите аудиовизуелни услуги, без оглед на техниката со која се споделуваат нивните содржини“, рече министерот за информатичко општество, Азир Алиу, чие Министерство е надлежно да ги подготви законските измени.

Во нашиот закон, овие лица ќе добијат статус на даватели на услуги по барање (on demand), слично како сервисите Нетфликс или ХБО. Тоа ќе им наметнува обврски да внимаваат какви содржини произведуваат и споделуваат на своите канали.

Експертите се согласни дека нивното влијание не може да се игнорира, бидејќи им конкурираат на традиционалните телевизии, па затоа не може да се остави едниот простор да биде целосно нерегулиран, а другиот да подлежи на строги правила на однесување.

„Ова е прашање што се поставува во многу земји, бидејќи инфлуенсерите може да имаат многу следачи, а да не ги почитуваат професионалните стандарди, на пример да емитуваат говор на омраза или непречено да рекламираат алкохол, коцкање и друго. Затоа треба да се прецизира што можат да прават, можеби според влијанието што го имаат“, додаде Кевин.

Според директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги, Зоран Трајчевски, деталите ќе се регулираат со подзаконски акти, во кои како критериуми би биле земени бројот на следбеници, бројот на прикачени видеа во одреден период или остварениот приход.

„Кога ќе надминат одреден праг, ќе влезат под регулација“, рече Трајчевски.

Сличен модел веќе се употребувал во Холандија, каде што луѓето што создавале и споделувале содржини преку видеоплатформите биле обврзани на уредувачка одговорност за да не се шират штетни и нелегални содржини, како ксенофобија, расизам и други.

Поттикнување саморегулација

Медиумите ќе треба сами да го ограничат рекламирањето брза храна | Илустрација: Pixabay, Џон Хејн

Потребата за регулирање на овој дел од пазарот, според експертскиот тим, доаѓа и од тоа што многу поединци остваруваат приходи од реклами со производството на аудиовизуелни услуги што потоа ги споделуваат онлајн. Според информациите до кои дошол тимот, овие приходи биле уредно пријавувани во Управата за јавни приходи како хонорарна работа и за нив бил наплатуван персонален данок, но на јутјуберите и на инфлуенсерите не им се наметнувала обврска да регистрираат фирма за да ја вршат својата работа.

Тоа, сепак, не е исклучено како опција со новиот закон, бидејќи имало странски искуства со кои до одредена граница можеле да остваруваат приходи како поединци, но ако ја надминат, би морало да основаат компании.

Рекламите се втората значајна промена што се прави со усогласувањето на македонскиот закон со европската регулатива, пред сѐ, во врска со тоа што им се емитува на децата. Строго се забранува какво било рекламирање алкохолни пијалаци пред децата, а на медиумите им се дава можност со саморегулација да ја ограничат изложеноста на најмладите на реклами за т.н. ХФСС храна, односно прехранбени производи со високи концентрации на масти, сол и шеќер, кои се сметаат за штетни за здравјето.

Како ќе изгледа тоа ограничување е оставено да решат самите телевизии и другите даватели на аудиовизуелни услуги, а ако не најдат задоволително решение, се остава и можноста регулаторното тело, односно Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги, да наметне правила.

„Во законот се поттикнува саморегулацијата во повеќе области за да не се оди секаде со цврста регулација“, вели експертката Кевин.

Една од тие области е и пласирањето производи. Тоа се забранува во информативните содржини, а во другите им е оставено на телевизиите да се договорат до каде може да одат. Важно е, како што истакнува Кевин, да се определи до кој степен спонзорството или пласирањето производи може да влијае врз уредувачката политика.

Засега не се враќа државното рекламирање

Јавната расправа за законот | Фото: БИРН

Отворањето на Законот за аудио и аудиовизуелни услуги, од дел од учесниците во медиумскиот пазар се гледа како шанса да се укине членот 102, со кој се забранува рекламирање со државни пари на приватните медиуми. Овој член беше воведен во 2018 година на барање на новинарските здруженија.

Тогаш сѐ уште новата влада на СДСМ, предводена од Зоран Заев, ја прифати иницијативата во обид да покаже дека води различни политики од претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ, предводена од Никола Груевски, која истураше милиони во приватните медиуми и, според многу домашни и меѓународни извори, директно ја претвораше нивната уредувачка политика во фаворизирачка за властите.

Но, од моментот кога се укина членот, од менаџментите на националните телевизии се вршат разни форми на притисок да се најде нова форма за државни пари да влегуваат во нив. Еден од последните предлози беше да се воведе задолжителен фонд што владата би им го делела за да емитуваат кампањи од јавен интерес.

„ЕУ наскоро ќе има посебен дел за ова прашање, но ќе се стави акцент на објективноста и на транспарентноста во распределбата, за да има фер конкуренција. Но, не може да има задолжителен фиксен износ, туку владата би можела да ги користи тие услуги кога има потреба“, вели Кевин.

Последниот обид да се вратат државните пари на телевизиите беше направен во ноември 2022, кога петмина пратеници од владејачкото мнозинство поднесоа таков предлог. Во измените што сега се подготвуваат не се чепка членот 102, но се користат шансите да се отвори тоа прашање на јавните расправи за законот.

Оваа тема, на пример, беше причина за претставниците на Македонската медиумска асоцијација (здружение што ги обединува петте приватни телевизии со национална концесија) да ја напуштат последната јавна консултација за законот што се одржа во просториите на Европската Унија, реагирајќи дека се прават измени само за да се задржи пристапот до европските фондови, а не и за проблемите што нив директно ги засегаат.

Од усогласувањето на македонскиот закон со европската директива зависи пристапот до програмата Креативна Европа.

Насловна илустрација: Pixabay, Герд Алтман