Развивање фотографии, врамување слики, купување знамиња, подароци за гости и возење со такси се дел од работите на кои кабинетот на претседателот Иванов ги троши средствата од буџетот. БИРН ги разгледа сите набавки на Иванов последниве неколку години и според досега склучените договори, може да се согледа дека тој најмногу средства одвојува за купување подароци, околу 20 илјади евра годишно.
Во текот на политичката криза на земјава откако тој одби да му го даде мандатот на СДСМ, кабинетот на претседателот ги нарачува само основните работи – канцелариски материјали, средства за хигиена, гориво, такси услуги. Од тендерската документација може да се види дека кабинетот на Иванов нарачува тоалетна хартија, освежувачи за во автомобили и за простории, антибактериски влажни марамчиња, канцелариски материјали. Иако ретко се организираат настани и ретко излегува во јавноста, кабинетот на Иванон кон почетокот на месецов распишал оглас за изнајмување опрема за озвучување и за организирање на просторот за културни настани, музика и говор во живо.
Непосредно пред изборите во декември минатата година, претседателот склучил договор од 2,7 илјади евра за развивање фотографии со различни димензии. Двесте од овие фотографии претседателот ги врамил во дрвена рамка, со антирефлексно стакло. И претходната, 2015 година, претседателот развивал фотографии, но за пониска цена, од 1,9 илјади евра. Најмногу пари за развивање фотографии кабинетот на Иванов дал во 2014 година, дури 3,8 илјади евра.
Кабинетот на претседателот редовно се опремува и со фотографска опрема, па во 2015 година тој набавил зум објектив за апарат вреден околу 1.500 евра. Во 2013 година, фотографската опрема што била набавена чинела над 3.500 евра.
Веднаш по завршувањето на изборите, пак, претседателот склучил договор за набавка на знамиња од 5,4 илјади евра. Тој нарачувал знамиња за на маса, знамиња со реси за во автомобил, знамиња за украсување улици, како и мали хартиени знамиња. Набавки на знамиња претседателот врши секоја година, почнувајќи од 2013 година, за иста цена, од околу 5 илјади евра. За две години, во 2015 и 2016 година, претседателот нарачал вкупно 1.640 знамиња.
Пред новогодишните празници, биле нарачани новогодишни пакетчиња за речиси 3 илјади евра, а за изнајмување возила за превоз на делегации потрошени биле 23 илјади евра.
Она што е забележително во набавките на претседателот е дека високи средства се даваат за такси услуги, и покрај тоа што се располага со службени возила. Договорот склучен минатата година со такси компанијата „Сонце“ за такси услуги изнесува 5,8 илјади евра, што значи дека дневно (вклучително и за викенди и за празници) во просек се трошат околу 1.000 денари. Тој редовно склучува договори за такси услуги со истата компанија и според нашите пресметки, за оваа намена од 2014 до лани потрошил над 17 илјади евра. Најнапред со такси компанија „Такси инн“, па откако беше купена од такси компанијата „Сонце“, договорите се склучуваат со неа.
Последен пат, претседателот Иванов го подновил мебелот во 2015 година, кога биле набавени клуб фотелји, ексклузивен тросед, ексклузивна фотелја, стаклена пулт маса, приемен пулт и сл., за цена од над 4,5 илјади евра. Во 2013 година пак, за мебел биле потрошени околу 23 илјади евра.
Кога станува збор за подароците, кабинетот на Иванов минатата година преферирал мотиви од македонската историја. Гравури од метал со мотиви од старо Скопје, мозаици, филигрански накит, мали скулптури на дејци од македонското минато, но и ножеви за отворање пликоа со дршка во форма на амблемот на Претседателот, копчиња за манжетни со истиот амблем, копчиња за кошули… Ова се дел од работите кои Иванов ги подарува, а набавката чинела 22,7 илјади евра.
Иванов особено сака да подарува вратоврски, па во 2014 година, нарачал 250 вратоврски со напис на етикетата: With Compliments H E Dr. Gjorge Ivanov, President Republic of Macedonia (срдечно, неговата екселенција, Д-р Ѓорге Иванов, претседател на Република Македонија). Истата година, тој нарачал и 100 женски марами, со истата порака. Вкупно, за подароци во 2014 година од буџетот биле одвоени околу 17 илјади евра. И во 2013 година кабинетот на Иванов повторно нарачувал вратоврски за 4,3 илјади евра.
Во 2011 година, пак, претседателот нарачал анкета од Институтот за политички истражувања од Скопје за 4.800 евра. Договорот бил склучен во март 2011 година, а во септември медиумите објавуваат дека е „зголемена довербата на граѓаните во претседателот Иванов“.
Средства за медиумска промоција Иванов одвоил единствено во 2011 година, кога со фирмата „Омега Комуникејшн“ склучил договор на околу 5.700 евра. Истата година, Иванов порачал и промотивни материјали за цена од над 5.700 евра. Оттогаш, кабинетот на Иванов не се промовира по медиумите и не порачува анкети за довербата во претседателот.
Во 2017 година, буџетот за претседателот на Македонија изнесува 1,33 милиони евра и е за 4,4 отсто повисок од минатата година.