Актуелно

Како работат системите за прислушување

БИРН, консултирајќи се со надлежни лица од СЈО и експерти за следење комуникации се обиде на „најпластичен“ начин да долови како, всушност, тече процесот на прислушување.

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Како изгледаат системите за прислушување, како тече постапката, што се очекува да открие Специјалното јавно обвинителство кога ќе пристапи и ќе ги анализира „логовите“ од тврдината наречена УБК се само дел од прашањата што се отвораат по бурните неколку дена во Управата за безбедност и контраразузнавање.

БИРН, консултирајќи се со надлежни лица од СЈО и експерти за следење комуникации се обиде на „најпластичен“ начин да долови како, всушност, тече процесот на прислушување, кои институции се надлежни и која е улогата на секој систем одделно.

Па така, сè почнува од јавниот обвинител, кој е надлежен да поднесе барање за донесување наредба за следење на комуникациите до надлежниот суд. Барањето може да го поднесе по сопствена иницијатива или на предлог на МВР, Управата за финансиска полиција или Царинската управа.

Барањето се поднесува до судијата на претходна постапка во писмена форма. Ова барање, според Законот за следење на комуникациите (последен пат променет во 2012 година) содржи назив на кривичното дело, лицето или предметите врз кои ќе се примени посебната истражна мерка (ПИМ) за следење на комуникациите, техничките средства кои ќе се применат, причините поради кои податоците или доказите не можат да се соберат на друг начин, органот кој треба да ја спроведе наредбата, времетраењето на посебната истражна мерка и видот на телекомуникацискиот систем, телефонскиот број или друг податок за идентификација.

wiretapping

Фото: foto_fux1 via Foter.com / CC BY

За барањето за следење на комуникациите судијата на претходна постапка одлучува најдоцна во рок од 48 часа од поднесувањето на барањето, а прислушувањето може да трае најмногу 14 месеци.

Понатаму, случајот преминува во УБК, институција која треба да ја изврши наредбата, но тука се и телекомуникациските оператори кои мораат да го маркираат бројот во своите системи за да почне да се снима секој разговор на лицето кое е под посебни истражни мерки.

Но, „јазикот“ на кој зборува системот на УБК и „јазикот“ на телекомуникациските оператори е комплетно различен, па оттаму, потребен е помошен софтвер, линк помеѓу овие два система со цел сигналот да биде преведен. Тука настапува опремата на „Ериксон“ (компанија која е производител и на помошни сервери), која физички се наоѓа во УБК, но е во сопственост на телекомуникациските оператори. Таа, наједноставно кажано, служи за да го пренесе и преведе сигналот од УБК до телекомуникациските оператори, за тие да знаат кој број е предмет на следење на комуникациите. Според познавачите, станува збор за сервер, налик на рисивер со прилично едноставен изглед и нема свој дисплеј.

Според сето ова, произлегува дека телефонските броеви кои се прислушувани ги има во три системи – системот на УБК, помошниот сервер чиј производител е „Ериксон“ и кај телекомуникациските оператори. Доколку СЈО успее да ги спореди „логовите“ на овие три места и согледа дека дел од броевите ги има во еден систем, а недостигаат во друг, ќе стане јасно дека дел од податоците биле бришани.

Засега, СЈО ги има податоците само од системот на УБК. За системот на „Ериксон“ се чека да дојде надворешен експерт, а за телекомуникациските оператори засега не се даваат дополнителни информации.

oprema_1

Целата драма што се случуваше во УБК во последниве денови, кога СЈО бараше пристап до оваа опрема, се однесува само на прислушувани броеви од 2015 година па наваму, со оглед на тоа што опремата е купена во 2015 година, а старата опрема, според истрагата на СЈО за случајот „Тврдина“, била уништена. Според ова, податоците до кои може да дојде СЈО е единствено во поглед на тоа кои броеви биле следени во 2015 година – истатата година кога веќе СДСМ почна да ги објавува т.н. бомби и кога во јавноста се отвори прашањето за прислушување на над 20.000 граѓани.

Постарите „логови“ за тоа кои броеви биле следени и дали за нив имало судска наредба, можно е да ги има на останатите две места – опремата на Ериксон (доколку е постара од 2015 година) и кај телекомуникациските оператори.

Според сето ова, произлегува дека процесот на утврдување на тоа дали се прислушувале броеви без судска наредба од 2008 година па наваму и дали биле бришани логови, ќе биде долг процес, со оглед на тоа што треба да се проверат и споредат комплетно различни системи – оние на УБК, опремата на „Ериксон“ и системите на двата телекомуникациски оператора, ВИП – Оне и Телеком.

Ако на само едно од овие места излезе податок дека извесен телефонски број бил прислушуван без да постои судска наредба за тоа, ќе добиеме одговор на прашањето кое ја бранува земјава изминативе две години – кој го вршел незаконското прислушување во Македонија.