Вести

За Канческа Милевска тендерот за Музејот е чист како солза

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
kanceska-milevska1

Министерката во целост ги демантира сомнежите на СЈО кои ги карактеризира како „трач муабети и рекла-казала муабети“

Застаната пред огромна слика во Музејот на ВМРО која го носи името „Убиството на Тодор Александров“, чиј автор е Русинот Трошин Сергеј Николаевич, повеќе од еден час министерката за култура Елизабета Канческа Милевска даваше објаснување за документацијата на Музејот на ВМРО.

Специјалното јавно обвинителство (СЈО) отвори истрага со кодно име „Тендери“, со која ја сомничи министерката дека последниот тендер од еден милион евра склучен со Бетон Штип, за завршни градежни работи бил наместен, односно дека со фирмата било договорено да продолжи да работи, па подоцна да се објави тендерот.

Министерката Канческа Милевска два часа по прес-конференцијата на СЈО, се појави во Музејот на ВМРО со стотици документи во рака, кои ги образложуваше еден по еден. Таа во целост ги демантира сомнежите на СЈО кои ги карактеризира како „трач муабети и рекла-казала муабети“. На специјалната јавна обвинителка Фатиме Фетаи ѝ порача дека „не треба да зборува за работи кои не ги познава, а тоа е културата“.

„СЈО воопшто не направи анализа на материјалите, со оглед на тоа што од кај нас ја запленија документацијата пред само два дена. Ова е разочарувачки однос од едно Специјално јавно обвинителство“, рече таа, убедувајќи дека секој тендер на Министерството за култура е чист како солза.

Иако од СЈО изјавија дека за случајот имаат сведок и дека целиот предмет настанал од наводен разговор во јуни 2011 меѓу Канческа Милевска и поранешниот генерален директор на „Бетон Штип“, во кој таа му вели да продолжат со работа, а дека договорено е тендерот да се објави подоцна, министерката тврди дека не разговарала телефонски со поранешниот прв човек на компанијата и не ги признава прислушуваните разговори како релевантни.

„Сè имате во документацијата која можете сами да ја погледнете и тука нема ништо незаконски“, беше реченицата која во неколку наврати ја повторуваше Канческа Милевска.

Сепак, истрагата на СЈО не се однесува на документацијата, туку за она што се случувало пред август 2011 година, односно пред Бетон Штип да го потпише договорот со Министерството за култура.

muzej-na-vmro1

Засега, познато е само дека за случајот има сведоци кои потврдиле дека градежните работи траеле и пред да се распише тендерот

Според документацијата, градежните работи (сообраќаен пристап до Музејот, подземно паркирање и партерно уредување) навистина започнале во август 2011 година и завршиле во декември 2013 година, но дали и пред распишувањето на тендерот фирмата работела на терен, останува да утврди истрагата. Засега, познато е само дека за случајот има сведоци кои потврдиле дека градежните работи траеле и пред да се распише тендерот.

Тендерската документација, според Канческа Милевска, ја подигнале четири фирми – Бетон Штип, Прототип, Промонтип и Мулти медија. Но, само една од овие фирми конкурирала на тендерот, фирмата „Бетон Штип“, која само за Музејот на ВМРО има добиено тендери од околу 6 милиони евра. Министерката за култура не одговори прецизно на прашањето зошто најчесто на тендерите се јавува само една фирма – рече дека тендерите се објавуваат јавно и дека секој може да конкурира.

Инаку, до 2012 година, најголеми акционери во Бетон – Штип беа Илија Бреслиски, поранешен генерален директор на компанијата со 20 отсто од акции и приватниот инвестициски фонд од Хрватска НФД Капитал Ауреус со 18,3 отсто од акциите.

Тие ги продадоа своите акции во 2012, кога оваа градежна фирма доби нови газди – Орка Холдинг на Орце Камчев, контроверзната оф-шор фирма „Ексико“ од Лугано, Швајцарија, Тим ДОО на Дејан Панделески, кумашин на бившиот министер за транспорт Миле Јанакиески и фирмата Езимит Инвест ДООЕЛ Штип.