Актуелно

Како се кријат парите на офшор дестинации

БИРН го истражува скриениот свет од мрежа на компании под офшор јурисдикција кои го менуваат лицето на меѓународните финансии. Во популарната Белизе, „газда“ на офшор фирма може да се стане за 650 долари за 24 часа. Компанијата може да има од еден до 10 директори, додека за бројот на акционери нема ограничување.

Меѓу оние на кои им одговара дотокот на ресурси во даночните оази има банкари, сопственици и членови на управите на големи компании, корумпирани политичари, но и лица од организираниот криминал / Фото: Paloetic/Foter

Меѓу оние на кои им одговара дотокот на ресурси во даночните оази има банкари, сопственици и членови на управите на големи компании, корумпирани политичари, но и лица од организираниот криминал / Фото: Paloetic/Foter

Компанијата „Порткулис Трастнет“ со седиште во Сингапур им помага на десетици илјади луѓе, меѓу кои има и македонски државјани, да основаат офшор компании и сметки што тешко може да се откријат.

БИРН анонимно ја исконтактира „Порткулис Трастнет“ за да видиме колку чини да се стане сопственик на офшор компанија. По е-пошта им се претставивме како бизнисмен од Македонија и се заинтересиравме за компанија на Девствените Острови, каде што најдобро им оди „бизнисот“ .

„За 24 часа можеме да ви отвориме офшор компанија која во првата година ќе ве чини 1.300 долари, а секоја понатамошна година-700 долари. Документот за инкорпорација ви го испраќаме по мејл штом го добиеме од Регистарот“, ни одговори менаџерот за корпоративни услуги од офшор компанијата „Порткулис Трастнет“ во Роуд Таун, Петагај Дали-Саваџ.

Од компанија од Женева, пак, која нуди офшор услуги, ни кажаа дека имаат соработка со над 40 најдобри банки во светот.

„Штом го направите плаќањето, ќе ви биде назначен акаунт менаџер кој ќе ве води низ процесот на отворање банкарска сметка. Ќе започнеме со отворање банкарски профил на корисникот, а потоа внимателно ќе избереме банка која ќе го овозможи вашето барање за анонимност“, ни кажаа од компанијата во Женева. Да се регистрира компанија во Хонг Конг, според услугите чини 1.950 евра, номиниран директор-350 евра, адвокат 150 евра, сметка во Швајцарија-350 евра. Вкупните трошоци за отворање компанија во Хонг Конг се 3.300 евра, а трошоците во втората година изнесуваат 2.150 евра.

Побаравме информации колку чини да се отвори комппанија во Белизе, како омилена офшор дестинација за чување на парите со сомнително потекло на македонски државјани. Според податоците што ги добивме од една компанија во Белизе, „газда“ на офшор фирма може да се стане за 650 долари за 24 часа. Компанијата може да има од еден до 10 директори, додека за бројот на акционери нема ограничување.

Невидливата мрежа која го менува лицето на меѓународните финансии

ofshore leaks

Во најголемата база од 2,5 милиони „инсајдерски“ информации за офшор компаниите која ја анализираат новинари од 58 држави наречена „Офшорликс“ досега се објавени информации за само еден македонски граѓанин.

Бизнисменот Александар Пановски од 2009 година се јавува како директор на офшор компанијата „Ориент оил анд гас лимитед“.

Како посредник за основање на компанијата „Ориент оил анд гас лимитед“ на македонскиот бизнисмен Пановски според информациите од „Офшорликс“ се јавува компанијата од Девствените Острови „ЦМА Секретаријал сервисес лимитед“ на чија интернет-страница може да се прочита дека нуди услуги за поврзување на офшор компании.

Понатаму, оваа компанија води до други офшор компании кои се јавуваат како посредници. Една од нив е„Сан мега инвестимент лимитед“,со седиште во Хонг Конг, која пак, е регистрирана од „ПорткулисТрастнет (БВИ) Лимитед“ од Девствените Острови. Инаку, ова е главната компанија на која се фокусира истражувањата на „Офшорликс“, затоа што се проценува дека „Порткулис Трастнет“ која работи во Сингапур, Девствените Острови и во Куковите Острови заедно со компанијата „Комонвелт Траст Лимитед“ им имаат помогнато на десетици илјади луѓе да основаат офшор компании и сметки до кои е тешко да се дојде.

Локалните медиуми кои ја истражувале работата на оваа компанија, во дел од написите велат дека приказната на „Поткулис трастнет“ е всушност сторија за самиот офшор систем. Се работи за невидлив свет од мрежа на компании под офшор јурисдикција кои го менуваат лицето на меѓународните финансии.

Во базата на офшор-компании која води до името Александар Пановски може да се прочита и адреса во Скопје на улицата „Даме Груев“ која нѐ носи до стан во зградата на слаткарницата „Малага“. Ни отвори повозрасна жена која објасни дека е мајка на Алексадар Пановски. Кажа дека синот над 20 години работи во Велика Британија, но не сакаше да ни објасни со каков бизнис сезанимава, ниту пак, да ни даде негов контакт.

-Првпат слушам дека оваа адреса е поврзана со некаква компанија на син ми – објасни Ленче Пановска.

На интернет можат да се најдат информации дека Пановски од 2004 до 2010 бил директор на компанијата „Металико оил фајнанс ЛЛП“ во Мидлсекс, за која пишува дека е ликвидирана.

Може ли да падне бастионот на приватноста?

Универзитетскиот професор Владимир Пивоваров објаснува дека речиси е невозможно да се дојде до сметките по легален пат

Универзитетскиот професор Владимир Пивоваров објаснува дека речиси е невозможно да се дојде до сметките по легален пат

Меѓу оние на кои им одговара дотокот на ресурси во даночните оази има банкари, сопственици и членови на управите на големи компании, корумпирани политичари, но и лица од организираниот криминал. Новинарски истражувања во Македонија открија дека сомнителен капитал од даночните раеви се слева при купување медиуми, но и инвестиции во изградба на хотели. Фирми од Белизе и од Лугано се впишани како сопственици на парцелите на Водно за кои наводно се договараат премиерот Никола Груевски и министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, во една од „бомбите“ што ги објави СДСМ.

Сепак, дел од стручната јавност вели дека е многу тешко да се дојде до трагата на сметките и парите кои се чуваат во даночните оази.

Универзитетскиот професор Владимир Пивоваров објаснува дека речиси е невозможно да се дојде до сметките по легален пат.

„Државите каде што се наоѓаат даночните раеви ги штитат криминалните пари. Заеднички именител е токму заштитата на приватноста на клиентите“, вели Пивоваров.

Поранешниот државен ревизор, Драгољуб Арсовски, објаснува дека Законот за девизно работење забранува македонски државјани да имаат сметки во странство, па и во даночните оази.

„Сејшели и Белизе, кои се спомнуваат во јавноста, имаат таква даночна политика, што тешко може да се идентификува сопственикот“, објаснува Арсовски.

Според податоците од Народната банка, и минатата година се јавиле инвеститори од Девствените Острови, Кајманските Острови, Хонг Конг и од Панама.