Регион

Како Србија го смени ставот за Втората светска војна

Во Србија се разви нов наратив за Втората светска војна, кој четниците ги прикажува како српски херои, а комунистите како угнетувачи, се вели во новата книга на историчарката, Јелена Ѓуреиновиќ

  • 2
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

„Целокупната економска криза и кризата на легитимитетот по смртта на Тито во 1980-тите, создадоа поволна атмосфера за критикување на митовите на партизаните и создавање позитивни слики за нивните непријатели (четниците)“, вели за БИРН Јелена Ѓуреиновиќ, која докторирала историја на Универзитетот Јустус Либиг во Гисен и работи во Фондот за хуманитарно право од Белград.

Во такво опкружување, нагласува таа, Србите сè повеќе се прикажуваа „не само како жртви на комунизмот, туку и како народ кој не профитирал од живеењето во социјалистичка Југославија“.

Во исто време, почнаа да се објавуваат книги, кои ги прикажуваа четниците како антифашисти, а нивната соработка со окупаторите ја претставуваа како обид за заштита на српскиот народ.

Четниците и партизаните, на почетокот на Втората светска војна во Југославија, кратко време се бореа заедно, но по неколку месеци се разделија. Четниците тогаш почнаа да соработуваат со нацистичка Германија, тврдејќи дека тоа го прават само за да го заштитат српскиот народ.

Четничкото движење, предводено од генералот Драгољуб Дража Михајловиќ, за време на војната изврши големи злосторства. По завршувањето на војната, Михајловиќ беше обвинет за предавство и соработка со нацистичка Германија. Југословенскиот суд го осуди на смртна казна.

Глорификацијата на четниците и негирањето на нивните злосторства, се поврзани и со распадот на Југославија во раните 1990-ти години, вели Ѓуреиновиќ.

Некои политички партии, како што е Српското движење за обнова, а подоцна и ултранационалистичката Српска радикална партија, предводена од Воислав Шешељ, ја прифатија четничката идеологија.

Шешељ се нарече себеси четнички „војвода“ и изјавуваше дека традицијата на движењето продолжува во војните во БиХ и во Хрватска. Во 1993 година, тој го прогласи за четнички војвода и Томислав Николиќ, кој подоцна стана претседател на Србија. Во 2018 година, Механизмот за меѓународни кривични трибунали го осуди Шешељ за воени злосторства.

Новите власти се прикажуваа себеси како ослободители

Јелена Ѓуреиновиќ. Фото: Јелена Ѓуреиновиќ

Во доцните 1980-ти и раните 1990-ти години, поддршката за четничкото движење доживеа препород. Од друга страна, режимот на Слободан Милошевиќ, кој во тоа време беше на власт, беше во голема мерка амбивалентен.

Имено, тогашните власти се претставуваа како носители на партизанското наследство и никогаш не се дистанцираа од митот за Народноослободителната борба, вели Ѓуреиновиќ.

Сепак, иако партиите кои му се спротивставуваа на Милошевиќ ги величеа четниците, режимот не презеде ништо за да го спречи тоа, сфаќајќи дека е важно да се зајакне национализмот во Србија, додава таа.

Но, кога по падот на Милошевиќ во 2000 година, на власт дојде Демократската опозиција на Србија (ДОС), ситуацијата драстично се промени.

„Обединети во антикомунистички консензус, толкувајќи го периодот на Милошевиќ како продолжение на комунистичкиот режим, политичките елити (кои дојдоа на власт во 2000 година), се поставија како ослободители на Србија од комунизмот“, пишува Ѓуреиновиќ во својата книга.

Но, и покрај тоа што владејачката коалиција ДОС, предводена од претседателот, Воислав Коштуница, се дистанцираше од наводниот комунизам на Милошевиќ, таа никогаш не се дистанцираше од националистичкиот дел од неговото владеење, што беше многу повеќе погубно, рече таа.

Друга важна карактеристика на Србија од времето по Милошевиќ, беше оживувањето на одбележувањето на Денот на ослободувањето на Белград, кога во 1944 година партизаните и Црвената армија ги потиснаа нацистичките окупатори од градот.

Ѓуреиновиќ вели дека комеморацијата ја открива „спротивставената, неконзистентна и честопати збунувачка природа на политиката на сеќавањето на Втората светска војна и на државниот социјализам“.

Таа посочува дека од 2009 година, кога се одржала првата комеморација на Денот на ослободувањето на Белград, овој датум не се одбележува како победа на Народноослободителната војска над фашизмот или како победа на југословенската или на комунистичката армија, туку фокусот повеќе се става на Србите и на Русите, како главни актери на ослободувањето.

Поразот на нацистите може да се вклопи во современиот антикомунистички наратив само со фокусирање на „вечното пријателство меѓу Србите и Русите“, објаснува таа.

Сепак, Равногорското движење, Српското движење за обнова и Српската радикална партија, продолжуваат да ги чествуваат четниците, а сугестиите за нивно вклучување во одбележувањето на Денот на ослободувањето на Белград, засега остануваат само сугестии. На крајот на краиштата, посочува Ѓуреиновиќ, тие беа поразени во Втората светска војна.

Но, она што може да се види во парадите е интерпретација на партизаните „без комунизам, мултиетничност и Тито“, вели таа, додавајќи дека тие едноставно се претставуваат како „српска војска што го победила фашизмот“.

Без вистинска грижа за жртвите на комунизмот“

Плоштадот Теразије во Белград. Фото: Фликр

Во Србија 2000-те донесоа уште една промена што придонесе за формирање на искривена слика за четничкото движење, вели Ѓуреиновиќ.

Од 2004 година, донесени се неколку закони за да се обезбеди правда за лицата кои, за време на комунизмот, биле прогонувани или на кои имотот им бил одземен.

Овие закони беа само формално насочени кон невините жртви на репресијата и насилството по Втората светска војна и тие истовремено го отворија патот за рехабилитација на водачот на четниците, Драгољуб Дража Михајловиќ, кој беше егзекутиран во 1946 година заради предавство, како и за рехабилитација на неколку други четници.

Меѓу нив е и Спасоје Зека Дрењанин, одговорен за масакрот во белградското предградие Враниќ. Во овој масакр, во декември 1943 година, беа убиени 67 луѓе, претежно жени и деца. „Како сега тој излезе жртва?“, прашува Ѓуреиновиќ.

Беа формирани и различни истражни комисии или комисии за утврдување на фактите, кои имаа за задача да ги мапираат гробовите од Втората светска војна или да направат список на жртвите.

Иако некои од овие комисии можеби личат на механизми на транзициската правда, тоа тие не се, потенцира Ѓуреиновиќ, додавајќи дека нивна единствена цел е да ги рехабилитираат поразените сили во Втората светска војна, пред се четниците.

„Јас ова го нарекувам лажна или псевдо-транзициска правда која се фокусира на комунизмот, а од друга страна, се игнорираат војните од 90-тите години, со кои приоритетно треба да се справиме“, нагласува Ѓуреиновиќ.

Во исто време, државата промовираше наратив за „национално помирување“ меѓу поддржувачите на четниците и на партизаните. Закон усвоен во 2004 година ги дефинираше обете движења како антифашистички.

Ѓуреиновиќ истакнува дека жртвите на комунизмот се користат за добивање на политички поени.

„Постоењето на некои механизми кои потсетуваат на транзициската правда и промовирањето на дискурсите за човековите права на политичките елити, не треба да се сметаат за вистинска грижа за жртвите на комунизмот и за нивните потомци. Во доминантната политика на сеќавањето, тие претставуваат само реторички и политички симболи и инструменти на историскиот ревизионизам“, вели таа.

Ѓуреиновиќ посочува дека четниците биле совршена референтна точка за современа Србија, бидејќи биле антикомунисти и српски националисти.

„Ако на српската држава и требаше движење од Втората светска војна, тогаш она предводено од Комунистичката партија не можеше да ѝ послужи на таа цел. Всушност, можеше, но само ако беа исклучени неговите комунистички и југословенски димензии, а сѐ што ќе останеше да бидат партизани како српска војска“, нагласува таа.

Што се однесува до четничките злосторства, вели Ѓуреиновиќ, тие се негираат од едноставна причина – луѓето што ги величат четниците негираат дека српските сили, во кој било историски период, извршиле злосторства.